Почетна Почетна   Испечати   Контакт    
јазици
Вести од економијата
За Агенцијата
Иселеници бизнисмени
Иселеници повратници
Иселеници повратници
Општи услови
Водич за инвестирање
Економски потенцијали
Закони
Образци
За Македонија
Општини и Град Скопје
Корисни линкови
Контакт информации
Иселенички организации
Курсна листа
  1 EUR = MKD
  1 AUD = MKD
  1 CAD = MKD
  1 USD = MKD
  1 GBP = MKD Currency data courtesy coinmill.com
Временска прогноза
Click for Skopje-petrovec, Macedonia Forecast
Контакт
Контакт

Агенцијата за иселеништво се префрли во нови простории на

адреса:

ул. Македонија бр.19
1000 Скопје

тел:   + 389 2 3228 212
факс: + 389 2 3118 539
e-mail: info@minisel.gov.mk

Радован Павлоски Милтон Манаки Јанко Константинов Петранка Костадиновска Калиопи Есма Реџепова Пепи Бафтировски Верица Пандиловска Симон Трпчески Ѓорѓи Цуцковски Благој Нацоски
Јанко Константинов

Скопје, 12 ноември (МИА) - Македонскиот архитект Јанко Константинов годинава прославува педесет годишен јубилеј од својата архитектонска дејност.

 
 

По тој повод во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) беше отворена изложба на неговите проекти, од кои многубројни решенија биле подлога за реализација на објекти во Македонија и во странство. Архитект Јанко Константинов дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград. “Многу се колебав дали да ја прифатам понудата на тогаш големиот југословенски сликар Божидар Јакац и да студирам сликарство во Љубљана и да станам голем сликар, како што ми предвидуваше тој или да се запишам на медицина и да станам доктор, што беше престижна професија. Судбината сакаше да станам архитект и да го изодам тој пат”, се сеќава архитект Константинов во интервјуто дадено за МИА.“По завршувањето на студиите се вратив во Скопје, каде ме задржаа во архитектонско биро, затоа што проектите што ги работевме требаше просторно да се претстават преку перспективи, цртежи, боја”, вели Јанко Константинов за своите први практични чекори во проектирањето и објаснува дека, истовремено, учествувал и на повеќе архитектонски конкурси. “На конкурсот за зградата на 'Работничкиот дом' во Скопје прва награда не беше доделена, а јас ја добив втората награда во многу силна конкуренција”, вели Јанко Константинов, чија работа ја довршува архитект Славко Брезовски, затоа што тој во 1954 година бил повикан на Кралската академија за архитектура и уметност во Копенхаген, Данска.На својата прва дестинација во Данска, а потоа и во Стокхолм, Шведска, како и во САД, тој престојувал неколку години, се до 1964 година.Константинов своите кажувања за престојот во странство ги почнува од неговите престои на јадранскиот брег, каде ги слика пејзажите на приморските градови, пасија што и до ден денес ја негува. Во 1953 година летува и во Дубровник, каде слика повеќе мотиви, меѓу кои и црквата “Свети Влахо”, која се наоѓа на главниот градски плоштад. Сликањето го забележува Сорен Сас, професор на Кралската академија за архитектура и уметност во Копенхаген, Данска и го повикува на специјализација во оваа институција. “Покрај специјализацијата на Академијата, работев и со архитектите Расмунсен, Јакобсен и Шлеге на повеќе проекти, меѓу кои и на салата 'Тиволи' во Копенхаген, која подоцна беше изградена”, истакнува Константинов. “Моите цртежи беа излагани во холот на Академијата и тие им се допаднаа и на некои шведски архитекти, кои ме поканија на работа во Шведска. И покрај тоа што архитект Шлеге од Копенхаген настојуваше да ме задржи во Данска, по една година заминав во Стокхолм, каде работев со архитект Требо, а продолжив и да сликам. Летото во 1957 година престојував и кај Алвар Алто, светски познатиот фински архитект”, вели Константинов за престојот во Шведска, каде врз основа на негови проекти, меѓу другите, се изградени училишта во Хелсегорден и Фалун, Техничка школа во Стокхолм, индустриски центар во јужна Шведска, Трговски центар со станбен комплекс во Фалун.

 


По четиригодишен престој во Стокхолм, на покана тој заминува во Лос Ангелес, САД, каде работи во ателјеата на најдобрите американски архитекти. “Еден од нив беше Виктор Груен, познат по проектирањето трговски центри. Тој учествуваше на повеќе конкурси, меѓу кои и за Европа. Од ателјето на Груен преминав во една голема фирма, 'Даниел и Џонсон Медехал', каде, исто така, работев на проектирање трговски центри, станбени комплекси, урбанистички делови”, вели Константинов.

“Во САД останав шест години. Архитектот Ислинген од Шведска дојде во САД за да ме врати. Во исто време во Лос Ангелес дојдоа и македонски архитекти. Меѓу нив беше и архитект Александар Серафимовски, кој ме убеди дека многу сум потребен во Скопје, затоа што градот, кој настрада во земјотресот во 1963 година требаше повторно да се изгради”, се сеќава Константинов за враќањето во Скопје, што се случи во 1964 година. На прашањето какви искуства донесе во Македонија од неговите престои во странство, Константинов вели дека во Шведска го запознал деталот и како преку него да се направи голема архитектура. “Тоа е карактеристика на скандинавската архитектура. Во ателјето, пак, на 'Даниел и Џонсон Медехал' во Лос Ангелес се запознав со повеќе архитекти, кои беа ученици на големите американски архитекти Франк Лојд Рајт и Еро Саринен. Овие архитекти протежираа архитектура 'скулптура во просторот'. Јас ја прифатив оваа архитектонска мисла. Во пливачкиот базен во Лос Анџелес и во Вселенскиот центар во јужна Калифорнија ја инкорпорирав целосно оваа идеја. Се уште така размислувам за архитектурата. Во тој дух се работени сите објекти, кои ги проектирав по моето враќање во Скопје”, потенцираше Константинов.

“Во 'Македонија - проект' со колегите архитекти Брезовски, Пецовски и Серафимовски учествував на меѓународниот конкурс за изградба на Скопје, што го распишаа Обединетите нации”, вели Константинов за своите повторни почетоци во Скопје.

“Стануваше збор за урбанистичко решение на градот. Нашата идеја беше да се потенцира оската север - југ, да се поврзат Скопска Црна Гора и Водно, наместо идејата и релизацијата на Кензо Танге, според која просторот на градот се разви по оската исток - запад. Многу стручњаци се согласија дека и оваа оска треба да се развие, затоа што со тоа градот ќе добие многу светлина. Ова се, исто така, некои од искуствата што ги донесов од САД. Лос Ангелес урбанистички е развиен по оската север - југ”, објаснува Константинов.


Од поуспешните остварувања тој ги издвојува гимназијата “Никола Карев” и Средното медицинско училиште “Панче Карѓаозов” во Скопје. Многубројни се проектите за “вили” во Скопје, Лерин, Солун.

Според мислењето на критиката, најуспешни објекти на Константинов се Телекомуникациониот центар и хотелот “Александар Палас” во Скопје.Телекомуникациониот центар е граден од 1969 до 1974 година. Во 1980 година е изградена шалтер салата, а во деведесеттите години е изграден и административниот дел. Во овој објект првпат како архитектонски детал на југословенските простори се појавуваат лаците, идеја која е позајмена од македонските средновековни цркви и манстири.Светскиот историчар и критичар на уметноста, Бруно Зеви, Телекомуникациониот центар го публикува во италијанското списание “Архитектура”, а во 1975 година објектот е публикуван во календар, чие мото беше “Трагите на човекот во денешницата”, кој го обиколи целиот свет. “Тоа значеше признание за македонската архитектура”, вели Јанко Константинов. Во календарот Телекомуникациониот центар се наоѓа во “друштво” на 12 најдобри остварувања на 20 век, меѓу кои беа публикувани и еден административен објект во Токио од Кензо Танге, Сиднејската опера, објектот на финската Влада во Хелсинки, проект на Алвар Алто, црквата во Роншамп од Ле Корбизје, универзитетската библиотека во Мексико сити.За концептот на хотелот “Александар Палас”, кој е сосема различен од Телекомуникациониот центар, Константинов вели дека “идејата потекнува повторно од нашите цркви и манастири”. “Концептот е сублимиран околу атриум. Околу овој простор, покриен со стаклена купола, се шират соби на галерии, што треба да го поддржува концептот на конак”, објаснува проектантот.Просторот во атриумот е збогатен, како и кај македонските манастири, со фонтании со слики, пандан на фрескоживописот на внатрешните ѕидови од црквите.За оваа идеја архитект Јанко Константинов вели: “На западниот ѕид е поставен мурал на кој според мои цртежи се насликани најзначајните цркви и манастири во Република Македонија, од 10 до 19 век, со што е претставено богатството на македонската архитектура”.


Пребарај
 
Поважни линкови


















Copyright (c) 2007 Агенција за Иселеништво. Сите права се задржани.