Женски Хор

ТОПЛИ ПОБОЖНИ ПОРАКИ СО ФЛУИДНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА 

 

Со возвишен религиозен занес, чија експресија ги допираше небесните висини на флуидна презентација, се одвиваше концертот на Женскиот камерен хор “Св. Злата Магленска“, одржан во Соборниот храм “Св. Климент Охридски“ во Скопје по повод Денот на жената и верскиот празник Прочка

          Може да се рече дека уживавме во убавината и на музиката и на изведбата на овој респектабилен репрезент на автетичното православно хорско црковно пеење, кој му дава белег на концертниот репертоар со дела од примарната спиритуална определеност, иако среќаваме и опуси и од световни и современи автори.

          Предводени се од Летка Димовска-Полизова – хорски волонтер со фанатична мотивираност и ентузијазам, која како промотор и стратег на сите успеси на овој хор, умее да го користи експресивниот концепт на естетска мисла и рефлективната моќ на музиката од сакралниот жанр, асоцијативно трансформирајќи ја во говор на религиозните чуства што флуидно се пренесуваат од златните грла на младите девојки врз присутниот аудиториум. Прозвучуваат со кристална чистота во стил на ангелското пеење. Тоа се молитви, топли побожни пораки што носат голема емотивна возбуда, но и душевно спокојство и хармонија за православниот верник, кој целосно се предава на музичките експресии, изразени со сите финеси на психолошкото бранувањње, фокусирани врз сознанието за Господовото провидение.

Најавените претстојни настапи во Австралија и во Америка ја потврдуваат популарноста и високите креативни вредности на овој прекрасен женски камерен хор.

   Концертното сценарио започна со импресивната хорска хармонизација на познатата македонска народна песна “Лето 1762“ што претставува авизо за секој јавен настап на хорскиот ансабал “Св. Злата Магленска“. Потоа, со динамизирање на емоциите ја почувствуваме примарната убавина на звукот што извираше од прекрасните гласови на актерите во тој возвишен чин на интерпретација кога се огласија уште десетина духовни дела од славјански автори, почнувајќи од: “Достојно ест“ од Ј. Хармосин – Охридски, преку “Богородице прилежно“ од А.Арханѓелски, “Твоју милост“ од Д. Бортњански, “Во царство Твојем“ од Д. Христов, “Помјанух пророка“ – Т. Скаловски и други, се до “Да исправитсја  молитва Твоја“ на М.Иванов и “Алелуја“ од Запров, до фасцинантната “Многаја лета“. Тие го претставуваа патосот на изразување и го приближува хорскиот артизам до музичката суштина, насочена кон благородната мисија во афирмација на православното црковно пеење.

Сето тоа совршено се согласуваше и се вклопуваше во акустичниот сакрален амбиент на Соборниот храм со импресивни сола, за кои со заслужени аплаузи беа наградени: Елена Митревска, Катерина Стојановска, Викторија Јанкуловска, Олгица Милевска, Цветанка Мишева и други, претежно од класата на проф. Марија Муратовска.

 Најавените претстојни настапи во Австралија и во Америка ја потврдуваат популарноста и високите креативни вредности на овој прекрасен женски камерен хор.