Резби што пленат со уникатност МНТ - Драма: Живко Чинго Борјан Цанев Синтезис ја воодушеви публиката Женски камерен хор Снежана Стамеска Кераца Висулчева 1903 – 2003 Милош Коџоман Владо Муковски Битолски театар - Австралиски ветар Сократ Лафазановски Етнологија на Македонија Антони Мазневски Владимир Георгиевски Лазар Личеноски ЕСНАФОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ТУРИЗМОТ

Етнологија на Македонија

 

Етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија подготви комплетна постојана етнолошка поставка со која се презентира традиционалната материјална и духовна култура на Македонија, пред се, на Македонците, но и на сите етнички заедници што живеат во Република Македонија.

 

 

На 1500 квадратни метри се презентирани оригинални етнографски предмети, макети, амбиенти, фотографии и уметнички слики. Експонатите потекнуваат главно од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Всушност, прибирањето етнографски предмети во Македонија почнува во 1920 година. Тогаш, во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје се формираат збирки како надгледни средства на студентите. Во 1925 година е формиран музеј од комплексен тип во чиишто рамки егзистира етнографско одделение. Овој оддел ја продолжува својата работа во состав на Народниот музеј за време на Втората светска војна. Во 1945 година се формира Народниот музеј на Македонија со археолошко и етнолошко одделение кое во 1949 година прераснува во посебна институција - Етнолошки музеј на Македонија. Од 1977 година, Етнолошкиот музеј продолжува да работи во рамките на Музеите на Македонија. Од своето формирање, Етнолошкиот музеј има задача да го прибере, да го проучи и да го сочува етнолошкото наследство на нашата земја, но истото да го направи достапно и на јавноста.

 

 

Во Етнолошкиот оддел се чуваат над 18.000 предмети кои се систематизирани во повеќе збирки. Комплетната постојана етнолошка поставка „Етнологија на Македонија“, за првпат по 1976 година, кога Етнолошкиот музеј е преселен во новата зграда во Старата скопска чаршија, беше отворена неодамна во изложбените сали на Музејот на Македонија. Изложбата е организирана во неколку тематски целини кои ги опфаќаат народните обичаи и музички инструменти, народните носии, народното стопанство, архитектурата и народното ткаење. Духовната култура, пак, се презентира преку прикажување на обичаите Коледе-Бадник, Русалиите, обичајот со маски Џамала, Водици, Велигден и Галичката свадба. Народните инструменти се претставени со оригинални удирачки, жичани и дувачки инструменти.

 

 

Во делот од поставката, кој ги опфаќа народните носии, изложени се комплети на машки, женски и детски носии со детали од носии и накит од територијата на цела Македонија. Тука спаѓаат невестински, младоженски и празнични носии и на македонското и на несловенското население во Македонија. Народното стопанство е презентирано преку земјоделството, сточарството, ловот, риболовот и пчеларството, како и три карактеристични занаети - грнчарството, казанџиството и кујунџиството. Трите занаети се претставени преку амбиенти со комплетна опрема на нивните работилници - дуќани и со оригинални предмети и нивните изработки. Со оригинални алатки, направи и прибор, и преку фотографии и макети се прикажани основните гранки на земјоделството, полјоделството, градинарството, лозарството, овоштарството и одгледувањето индустриски култури. Сточарството е прикажано со опрема и прибор кои ги користеле овчарите на планинските бачила, рибарството е претставено со прибор за ловење, мрежи, макети на ловни инсталации и чамци, а пчеларството и ловот се презентирани преку оригинални предмети.

Селските и градските населби и различните типови на куќи се дадени на фотографии и макети, додека пак, внатрешното уредување на селската и на градската куќа е прикажано со амбиенти на селски куќи, односно, за ентериерното уредување на градската куќа, со амбиент на репрезентативна охридска гостинска одаја, опремена со голем број бградени елементи декорирани со богата резба.

Во рамките на оваа поставка свое место има и народното ткаење преку оригинални алатки и фотоси на кои е претставен целокупниот процес, а изложени се и голем број ткаеници.

Како и да е, целокупната етнолошка поставка е толку голема и богата што е потребно многу повеќе од една обична посета за да се разгледа сето етнолошко богатство на Македонија презентирано преку богатиот фонд музејски систематски збирки со кои се опфатени позначајни теми од различни домени на народниот живот и творештво.

 Д. Х.

подготвила: Д. Ангелова