Резби што пленат со уникатност МНТ - Драма: Живко Чинго Борјан Цанев Синтезис ја воодушеви публиката Женски камерен хор Снежана Стамеска Кераца Висулчева 1903 – 2003 Милош Коџоман Владо Муковски Битолски театар - Австралиски ветар Сократ Лафазановски Етнологија на Македонија Антони Мазневски Владимир Георгиевски Лазар Личеноски ЕСНАФОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ТУРИЗМОТ

Битолски театар - Австралиски ветар

 

АВСТРАЛИСКИ ВЕТАР СУГЕСТИВЕН ТЕАТАРСКИ ЧИН


Кон премиерата на сценската реализација “Австралиски ветар” од Живко Чинго, во драматуршка обработка и режија на Бранко Ставрев, а во изведба на Народниот театар од Битола

Од извонредната подолга проза “Гроб за душата” од еден од најреномираните македонски раскажувачи - Живко Чинго, режисерот на Драмата на МНТ - Бранко Ставрев направи драматизација под наслов “Австралиски ветар”, поставувајќи ја неа на сцената на Народниот театар во Битола. Овој проект побуди големо интересирање и со него театарот од градот под Пелистер во својот богат и разностран репертоар вклучи уште едно остварување од маркантно уметничко значење...

Меѓутоа, пред да се осврнам на премиерната изведба на “Австралиски ветар”, макар и телеграфски би сакал да се задржам на тоа како е настаната прозата “Гроб за душата” - едно од најпотресните уметнички сведоштва за откорнатите, за преселбите, за луѓето кои од маки ја напуштиле родната грутка, барајќи ја среќата низ целиот свет. Од друга страна не помал респект заслужува долгогодишниот ангажман на режисерот Бранко Ставрев, околу сценското преточување на дело од Чинго, што исто така може и треба да биде едно поглавје за себе во овој текст. Своевиден куриозитет е и процесот на создавањето и созревањето на оваа битолска премиера, кој практично започна минатата, а заврши во првите месеци на годинава...

Но, да тргнеме по ред. Првичниот поттик за пишување на текстот “Гроб за душата” нејзиниот автор - Живко Чинго го побара и го најде во многубројните писма од наши сонародници, испратени до Матицата на иселениците на Македонија. За нив, големиот мајстор на прозниот збор ќе признае дека “зад невештите и рапави редови на овие писма, пишувани од работничка - печалбарска рака, сретнав нешто што не сум го нашол во многу наши убави, украсно печатени книги... Под сувиот регистарски знак почувствував едно живо, едно неразделно срце од татковината, кое бие, што буди”. Својот исказ, своето одушевување, Чинго ќе ги срочи во следнава завршна реченица: “Мојата работа беше незначителна: чувствував човечки и писателски долг, дел од овие содржини да ги пренесам како што јас ги видов и почувствував”...

И како што нашиот бесмртен Марко Цепенков пред повеќе од едно столетие ќе постапи - ќе го собере нашето неизмерно богато фолклорно богатство, интервенирајќи, т.е. дотерувајќи го она што е најнеопходно, така и Чинговата работа, потпирајќи се и инспирирајќи се од исповедите на гурбетчиите, ќе биде сведена на нивно уметничко трансформирање и сл.

Што се однесува до ангажманот на Бранко Ставрев во пренесувањето на текстови на Чинго на сцената, треба да се истакне дека тој е навистина голем и мошне респективен. Воопшто Чинговото творештво (прозно и драмско) е долгогодишна преокупација на овој режисер-поет. Тој досега на сцените во Македонија, најчесто на неговата матична сцена - Македонскиот народен театар реализирал шест дела. Најпрвин ја подготви праизведбата на пиесата “Образов”. Неспоредливо поголем успех имаше со драматизацијата на романот “Големата вода” (“Ѕидот-вода”), по што уследи и уште една волуминозна сценска реализација на текстот “Кенгуровиот скок”. Со “Ѕидот-вода” и “Кенгуровиот скок” драмскиот ансамбл на МНТ гостуваше, т.е. учествуваше на скоро сите најрелевантни театарски фестивали во поранешна Југославија - Дубровничките летни игри, Стерииното позориште во Нови Сад и др. 

 

Пост-хумно со Албанската драма при Театарот на народностите во Скопје, Ставрев сценски го оживеа последниот Чингов драмски текст - “Сурати”, а неколку години пред тоа, со првата сценска верификација на Чинговата пиеса “Макавејските празници”, свечено беше отворен новиот театарски објект на МНТ. Својот нагласен ангажман и својата фасцинација на феноменот Чинго, Ставрев неодамна ги искажа и со реализирањето на “Австралиски ветар”, за да н# увери уште еднаш во неговиот широк творечки дијапазон и како драматург и како режисер, кога станува збор за афирмацијата на Чинговото прозно и драмско творештво...

 

 

 

 

 

 

 

 

Како што е познато, минатата година (2000 година), Народниот театар од Битола гостуваше во Австралија ( тоа беше негово второ гостување во оваа земја). Бидејќи идејата и решението за вклучување во репертоарот на “Австралиски ветар” на битолската сцена беа донесени уште пред спомнатата турнеја, гостувањето на битолските драмски уметници во земјата на кенгурите се покажа мошне делотворно и корисно за режисерот и за актерите во запознавањето со светот, со судбините што треба да ги пренесат на сцена. Кога подготовките на овој проект ја добија својата финализација во првите месеци на годинава, (тие, сепак, на некој начин започнаа на Австралискиот континент, што конкретно значеше запознавање со изворниот материјал и не беа ништо помалку значајни од пробите подоцна, во татковината), беше многу полесно да се дојде до она што се посакуваше, што беше најнеопходно - да се обезбеди максимална веродостојност, да се биде што поубедлив, посодржаен.

За самата праизведба на “Австралиски ветар”, што беше и прво претставување на Живко Чинго на битолската сцена, треба да се каже дека публиката беше сведок на едно убаво и возбудливо театарско доживување. За ова секако најмногу се погрижија Бранко Ставрев и како автор на драматизацијата и како режисер на претставата и, се разбира, изведувачкиот состав на битолскиот Народен театар. Ставрев од маестралната Чингова проза знаеше да го извлече она што е најесенцијално, она што е најкарактеристично за луѓето откорнати од својата родна грутка. Тргнувајќи по автентичноста на збиднувањата, Ставрев не случајно претставата ќе ја започне на еден помалу или повеќе документарен начин - со редење на кажувањата на Македонците од онаа страна на океанот, снимени на магнетофонска лента, со проекција на местата на дестинација на идните преселници. Тежат како бигори гласовите на гурбетчиите, обвинувањата на мајчините клетви. Една потресна клетва дословно гласи: “ Тој што ми те од мајка оддели, тој што ми те од татко оддели, тој што ми те од брата, од дечица оддели, тој што ми те од твој род, од твое огниште оддели, мајчини солзи да го изгорат, да би сараи му се испустиле, цел свет да минит, место за гроб да не му најдит, црна пепел род да му бидит”...Оваа претстава е замислена и остварена како едно патување во неизвесноста, во очајот и надежите, како еден вид ретроспекција на збиднувањата. Нараторот е тој што го поврзува минатото со сегашнината и т.н.

Драматуршки прозата на Чинго е спретно вклопена во една мошне впечатлива и заокружена сценска структура, иако, разбирливо драматизираниот текст не може никогаш да биде она што е оригиналната драма...Во режисерски поглед, “Австралиски ветар” дејствува мошне стегнато, вибрантно, посебно вториот дел кој се отвара како прекрасен воден цвет, кој пулсира мошне експресивно, динамично.

Понесени посебно од текстот, а исто така и од режијата, носителите на двете стожерни ролји - Илко Стефановски (Мистер Ро) и Слободан Степановски (Мистер Бил), реализираа одлични актерски партии. Нив им се придружи и Јоана Поповска, која во улогата на мајката оствари вистинска актерска студија. Во убаво светло се претставија и другите артисти, а за успехот на овој проект заслужни се уште и Валентин Светозарев и Благоја Мицевски, автори на сценографијата и костимографијата како и кореографот Александар Стефановски и др..

ИВАН ИВАНОВСКИ, ТЕАТАРСКИ КРИТИЧАР