Резби што пленат со уникатност МНТ - Драма: Живко Чинго Борјан Цанев Синтезис ја воодушеви публиката Женски камерен хор Снежана Стамеска Кераца Висулчева 1903 – 2003 Милош Коџоман Владо Муковски Битолски театар - Австралиски ветар Сократ Лафазановски Етнологија на Македонија Антони Мазневски Владимир Георгиевски Лазар Личеноски ЕСНАФОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ТУРИЗМОТ

Снежана Стамеска

 

ЈУБИЛЕЈ-30 ГОДИНИ АКТЕРСТВО

СНЕЖАНА СТАМЕСКА И НЕЈЗИНИТЕ ЛИКОВИ


Актерката Снежана Стамеска ја одбележа својата три децениска припадност на театарската сцена. На Малата сцена на Драмскиот театар, Стамеска пред своите почитувачи ја изведе „Пауна“ од Мирјанка Ристевска - Селчанец. Ликот кој Стамеска го одбра за уште еднаш, или можеби по стоти пат - колку што досега има избројано дека на сцената одживеала токму толку ликови, е Пауна. Таа е жена од денес и од тука.

snezana_2.jpg (12978 bytes)

„Несреќна е зашто иако има родено десетина деца не и останало ниту едно. Поголема несреќа од таа за една жена нема, вели Стамеска. Не можам да кажам дека станува збор за трагедија или за комедија. Сепак, на една контролна проба на која присуствуваа и неколкумина мои колеги, тие на неколку места слатко се изнасмеаа. Значи, можам да кажам дека „Пауна“ е смешно тажна приказна од секојдневието што го живееме: во секоја тага има и смеа, а во секоја среќа има и по некоја солза“.

Снежана е актерка која кога говори за својот театарски свет во кој постојано живее и сонува, ти станува јасно дека е незаситен истражувач на вистината за актерот. Разговорот за театарот го започнува секогаш со истите зборови: „Ја сакам својата професија, го сакам театарот, задоволна сум и среќна што сум дел од него...“

Таа е голема вистина, голема дама и голем дел од овој наш македонски театар, од Драмскиот театар во кој е три децении, веднаш по завршувањето на актерските студии во Белград, во класата на театарскиот бард Мата Милошевиќ. Својот актерски сон почна да го живее уште во гимназиските денови во Скопје. Ја слушавме: „...ќе студирам глума, ќе бидам голема глумица...“
 

Сонот и се оствари. Ја доби битката со сцената, со гледачот, одигра стотина ликови за кои вели дека се „многу Ленчиња, Дончиња, Мариња, Цветиња, Ани...“, или македонски девојчиња, белосветски дами, напуштени или вљубени жени, ликови на мудра личност или повреден човек... Сите излегоа од неа, од нејзиниот светоглед, од нејзината посветеност на театарот, од желбата да ја добие секоја битка со него: секој нов лик да биде ново откривање на самата себе, на авторот, на режисерот, на колегите што се со неа во новата претстава.

Сега е првпат сама на сцената. „Пауна“ и е прва монодрама која сама ја подготви. И вели: „Морам да признаам дека монодрамата и не сум ја почитувала како театарска форма, зашто сметам дека за театарска претстава се потребни барем двајца актери, а јас пак претпочитам дијалог. Имам и една своја навика: секаде каде што имам подолга реплика се трудам да ја скратам. Но, сега сфатив колку е тешко да се подготви монодрама. Со ликот на Пауна сум од јуни и, еве, сега е готов. Значи, дури по шест месеци работа, успеав текстот да го говорам со себе, но и си најдов партнер - публиката што сега ми е оној замислен човек/партнер на кој му се обраќам...“

И, и веруваш. Му веруваш на нејзиниот постојано немирен и незаситен актерски дух, на секој нејзин нов лик кон кој самата е најискрена. Тогаш кога ќе ти каже дека тој лик и е промашен, дека не се нашла во концептот на режисерот, дека - ете „промашила“. Се радува на добро одработениот лик и на одличната претстава, на она што другите ќе кажат за него. По се сосема е јасно дека (сега со голема буква) Актерката Снежана Стамеска го љуби и во стилот на голема дама го игра својот Театар. Се радува без задршка на секој свој нов лик и на оние што уште не ги одиграла, а „ќе ги одигра“.

Новиот лик за неа е нова радост, нов живот, ново откривање на самата себе, нова сценска битка со партнерот, и нова љубов со гледачот. Се за, во и кон нејзината љубов - Театарот.

Лилјана Мазова

подготвила: Дора Ангелова