Резби што пленат со уникатност МНТ - Драма: Живко Чинго Борјан Цанев Синтезис ја воодушеви публиката Женски камерен хор Снежана Стамеска Кераца Висулчева 1903 – 2003 Милош Коџоман Владо Муковски Битолски театар - Австралиски ветар Сократ Лафазановски Етнологија на Македонија Антони Мазневски Владимир Георгиевски Лазар Личеноски ЕСНАФОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ТУРИЗМОТ

Борјан Цанев

 

СЕ СТРЕМАМ КОН ПОВИСОКИ ДОСТИГНУВАЊА

 

Борјан Цанев е постојан диригент на Македонската филхармонија со привремен престој во Лондон каде што веќе девет месеци е на специјализација во Кралскиот музички колеџ. Тој дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај проф. Фимчо Муратовски во 1997 година, кога е прогласен за најдобар студент на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, а магистрирал во Софија на Државната музичка академија “Панчо Владигеров” во 1998 година. Настапувал со Камерниот и Симфонискиот оркестар на ФМУ во Скопје, со Македонската филхармонија, Младинскиот камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, на Деновите на македонска музика, Охридско лето, Скопско лето. Освен на домашната сцена, имал забележителни настапи и во повеќе европски држави.

Од почетокот на своето вработување Цанев има реализирано повеќе концерти со Македонската филхармонија и учествувал во снимањето на најновиот компакт диск на Филхармонијата на кој се застапени дела од македонски автори.

Идни активности и настапи
Талентираниот Борјан Цанев од неодамна е иницијатор и основач на камерен интернационален оркестар, со кој имал концерт во март годинава во добротворни цели во Лондон. Оркестарот е составен од музичари од осум земји - сите студенти на Ројал колеџот за музика. Веќе во јуни планира да реализираат концерт во салата на Ројал колеџот. Пред овој настап, тој на 19 мај е повторно во Скопје, каде ги започнува подготовките со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, со кој на 24 мај во Рим ќе одржат концерт по повод прославата на Св. Кирил и Методиј, а воедно и ќе им припадне честа да ја претставуваат Македонија на овој величествен празник. За ова одбележување ќе ги подготвуваат делата од Властимир Николовски, Доменико Чимароза, Оторино Респиги и од Перголези. Солисти на овој концерт се Ана Стаменковска - сопран и Гордана Јосифовска Неделковска - обоа.

Makedonska filharmonija

Специјализација на Кралскиот колеџ
за музика во Лондон
Според искажувањата на диригентот Цанев, Лондон е културна престолнина во светот. Да се биде таму е своевидна привилегија, каде во текот на годината престојуваат реномирани уметници од целиот свет. Во една таква атмосфера секој уметник доживува инспирација за понатамошни остварувања и достигнувања. Инаку, Кралскиот музички колеџ е една од најпрестижните институции во Англија и во светот. Има можност да работи со познати светски уметници, а негов ментор е Нил Томсон, во исто време соработувајќи со сер Колин Дејвис, сер Сајмон Рател (новиот шеф-диригент на Берлинската филхармонија), Даниеле Гати - главен диригент на Кралскиот филхармониски оркестар. Кон крајот на оваа година ќе оствари соработка и со Бернард Хајтинг, кој моментално е главен диригент на Ковент Гарден операта во Лондон. Неговата специјализација се состои во совладување на нов репертоар, а во исто време ги води пробите на двата оркестра на Ројал колеџ - Синфониета и Симфонискиот оркестар.

В. Димитровска

Подготвила: Д.А.