Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Билјана Костова III дел

 

ПОЛИТИЧКО РАЗДВИЖУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ВО САД И КАНАДА

 
Организационото и политичко раздвижување на македонските иселеници во САД и Канада се интензивирало по Првата светска војна и по територијалната поделба на Македонија на соседните балкански држави. Македонските иселеници во Америка се организирале во таканаречен Сојуз на политичките организации, но подоцна во 1928 година, со цел сите формирани македонски групи да се обединат во една, бил формиран Иницијативен комитет. Иницијативниот комитет ги формирал т.н. независни прогресивни македонски групи во САД и Канада кои развиле голема политичка активност. Започнале со издавањето на својот орган ,,Македонски билтен, преку кој ги изнесувале своите погледи за македонското револуционерно движење, а со тоа ги искажувале и своите погледи за ослободување на Македонија. Преку овој билтен, македонските назависни групи упатувале силен апел до македонските иселеници за нивно организирање и борба против непријателите на македонскиот народ, како и борба против македонските предавници кои слугуваат на властите на соседните земји.
Македонскиот народен сојуз во текот на своето постоење одржуваше конгреси, конференции каде идејните позиции се оцртуваа во Резолуции и Протоколи кои имаа огромно политичко значење за обединувањето на сите македонци во борбата против асимилацијата, поделбата помеѓу соседните земји и за национални и социјални права на македонскиот народ во својата татковина и надвор од неа.
Покрај овој македонски народен сојуз , во тоа време во Америка и Канада дејстуваа и други слични политички организации како МПО на пример, чии цели и начини на дејствување се поклопуваат со претходно споменатите. Сите тие издаваа свои гласила, каде јавно на мајчин, бугарски или англиски јазик се бореа за правата на македонците во Македонија и надвор во светот. Овие организации беа поврзани и со организациите во матичната држава како на пример ВМРО(обединета) и други на кој начин се добиваше сила на нивното дејствување.
Денес дел од овие организации сеуште постојат и активно учествуваат во политичката изградба на матичната држава како на пример организацијата на ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ од Канада, основана 1959 година.
Оваа организација располага со Преамбула[1] на својата Мисија во која што гласи дека:
Затоа што Македонската нација, јазик, азбука и историја се посебни и различни од сите нации во светот;
Затоа што Македонија беше поделена во 1912 помеѓу соседите;
Затоа што македонците денес во тие земји немаат основни човекови и национални права ;
Затоа што Република Македонија иако завзема само 39% од вистинските нејзини територии, е национална држава и гордост на сите македонци
Организацијата Обединети Македонци се вклучи во следнава Мисија:
1.                     Да работи за национално единство на Македонија секаде во светот, без разлика на нивната религиозна и политичка определба или членство;
2.                     Да ја воздигне националната свест и гордост на сите етнички Македонци;
3.                     Да работи за здобивање на Националните човекови права на сите македонци посебно на тие кои живеат во окупираните територии на Македонија;
4.                     Да развива и да поттикнува развивање на сестрани односи со сите народи и влади кои ја подржуваат националната самостојност и развиток на Македонија;
5.                     Да работи кон целосно меѓународно прифаќање на Република Македонија под нејзиното уставно име, за целокупното добро на сите нејзини државјани;
6.                     Да работи кон полесно вклучување на Македонците во државите каде што живеат;
7.                     Да помогне на сите Македонци да го постигнат врвното достигнување во одбраните полиња и на тој начин да го помогне општеството во целина.
Врз основа на оваа Мисија, организацијата Обединети Македонци има поставено свои цели и активности за постигнување на истите:
Овие активности се состојат во оснивање на гранки насекаде каде живеат македонците и реализирање на идејата Обединета Македонија во Обединета Европа. Потоа ќе организира образовна програма за запознавање со мајчиниот јазик, култура историја преку семинари, кампови и други активности. Преку весникот Македонски гласник и преку интернет страната ќе ја шири вистината за Македонија, потоа ќе соработува со сите владини и невладини организации како ООН, ОБСЕ и други за почитување на Рамковната конвенција за правата на националните малцинства во државите каде живеат македонци, како и за признавање на уставното име на Република Македонија од сите влади на држави во светот.
 
Во САД денес како една од поактивните македонски организации основана во поново време од млади македонски интелектуалци, претежно втора генерација на иселеници, кои тежнеат да бидат дел од политиката на Македонија, претставува ОБЕДИНЕТАТА МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА, со седиште во Вашингтон Ди Си и нивните ограноци во Европа и Австралија. Активно учествуваат со разни дописи не само во дневните американски печати како на пример Њу Јорк Тајмс, Вашингтон тајмс, туку и во Белата куќа. Тие пишуваат резолуции за зачувување на уставното име на Република Македонија, потоа за приемот на Македонија во НАТО, нејзината интеграција во Европската Унија, понатаму даваат голема подршка за одржувањето на пријателските врски помеѓу владите на САД и Република Македонија како на пример за потпишувањето од страна на екс Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и Кондолиза Рајз на Декларацијата за стратешко партнерство и соработка помеѓу Република Македонија и САД. Во нивното известување кое го допратија до сите македонски медиуми и надлежните органи за иселеништвото на Република Македонија пишува:
Обединетата Македонска Дијаспора која има значајна улога во унапредувањето на Американско-македонските врски и одржувањето на македонската културна свест на македонците кои живеат во САД, упатува пофалба до двете влади за одржување на стратешките односи преку интензивна комуникација и соработка во областа на бебедноста, меѓународните и економските врски, потпишуваќи ја оваа Декларација.[2]
 
Други значајни организации кои се борат за правата на македонскиот народ и македонското национално малцинство се: Македонскиот комитет за човекови права, Македонско-америчка пријателска асоцијација, Асоцијација на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Движење за македонските човекови права, Македонска асоцијација за културна интеграција и други. Комитетот за човекови права ги подржува и соработува со организациите на македонското национално малцинство од соседните земји на Република Македонија, како Омо Илинден во Бугарија, Виножито од Грција, Илинден од Албанија и други.
 
 
 
НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ ВО Р. МАКЕДОНИЈА ЗА ИСЕЛЕНИШТВОТО
 
Во Р. Македонија денес постојат неколку владини и невладини институции кои се занимаваат со иселеништвото. Агенцијата за иселеништво на Република Македонија како самостоен орган според Член 31 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, има надлежност да се грижи за правата и положбата на иселениците од Македонија, како и за културниот развој на најмладата генерација на иселеници. Агенцијата за иселеништво не е надлежна за македонците кои живеат во соседните земји, бидејќи тие не се иселеници туку автохтоно население.
 


[1] od internet stranata na organizacijata Obedineti Makedonci:http/www.unitedmacedonians.org/mak_about_us.html
[2] internet strana na Agencija za iselenistvo na R. Makedonija