Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Билјана Костова

 

 

М-р Костова Билјана
2011
 
ПОЛИТИЧКАТА ОРГАНИЗИРАНОСТ И ДЕЈНОСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ
 
ВОВЕД
 
Причини и критериуми според кои е класифициран процесот на иселување
 
Уште во далечното минато постоеле голем број на причини поради кои македонското население го напуштало своето родно место и се населувале во соседните или подалечните, па дури и прекуокеанските земји. Најпрво како сезонски работници заминувале во Мала Азија, Грција, Бугарија, Србија, со што ги удриле темелите на печалбарството, за подоцна да ги прошират своите интереси за барање егзистенција во подалечните европски земји. Во прво време ова иселување имало привремен карактер, односно по неколку годишна печалба, мажите се враќале пак дома, но крајно осиромашените македонци по влошување на состојбата во Македонија од зулуми и терор па и по неколкуте неуспешни востанија, спасот го барале во иселување од траен карактер и тоа во текот на 18 ти, 19 ти, па и цел 20 ти век.
Во текот на 19 ти век Македонија била подложена на прогресивни револуционерни движења и тоа прво неколку буни и востанија кои имаа негативни демографски последици, потоа иселувањето, па мигрирањето на населението од селата во градовите и рушење на турскиот феудализам за сметка на навлегувањето на европскиот капитал и создавање на услови за пробив на капитализмот. Во Македонија тогаш имало промени и во културно поле така што се се развивала борбата за потиснување на грчкиот јазик, воведување на локални говори во училиштата, формирање на црковно училишни општини интензивирање на борбата со Егзархијата и сл.
Подоцна индустријализацијата на производството ги истиснувала македонските занаетчиски производи па животот на занаетчиите бил загрозен. Се појавиле големи земјопоседници од кои зависеле македонските земјоделци, потоа лихварите кои потполно го исцрпеле народот, така што животот станал толку неподнослив што морале да се иселуваат и да одат на печалба.
 
Според анализата на Татјана Каличанин станува збор закрајно влошени политички, економски и социјални услови во кои се наоѓале македонците.
 
Како позначајни економски причини за иселување на македонците биле:
-пасивни населби во високопланинските села;
-нерентабилен начин на обработка на земја;
-зголемениот наталитет на селското население;
-примитивен начин на обработка на земјата поради што тешко се исхранувало семејството;
-напуштање на селото и селење во градовите каде селаните работеле како чифлигари;
-распаѓање на семејствата;
-опаѓање на сточарството поради честите пљачкања и поради затварање на границите со што Солунско поле било недостапно за полуномадите;
-опаѓање на занаетчиството и трговијата поради развивање на железничкиот сообраќај и увоз на стоки и производи од други земји.
               
Политички причини кои придонеле да започне иселувањето на македонското население се:
-политичкото уредување на Отоманската империја со несоодветни закони,
-неправдини кои се вршеле врз немуслиманското население;
-зголемување на даноците;
-зголемување на политичкиот терор по востанијата а особено по Илинденското востание, по првата и втората светска војна;
-создавање на внатрешни поделби, раздор и внатрешна поделба меѓу македонците, поттикната од разни политички притисоци и пропаганди;
-терор поради отпорот што македонскиот народ го манифестирал кон секоја туѓа власт.
 
Вклучувајки ги причините поради кои македонското население во текот на вековите е принудувано на иселување, постои поделба, односно критериуми или класификација на миграционите движења. Во таа смисла според Танас Вржиновски се прифатени следните критериуми за класификација:
 
Критериум на мотивите е еден од основните фактори што водел кон масовното иселување на македонците од својата татковина. Главни елементи се економското и политичкото иселување. Овие елементи имале различен интензитет во различно време, но почесто се испреплетувале меѓу себе.
 
Критериум на желби ги опфајќа доброволното и принудното иселување. Доброволното иселување ја изразува слободната волја на човекот кој решил да се исели и е карактеристично за сите делови од Македонија и во сите времиња. А принудното иселување е присилно и наметнато од властите и е проследено со државен терор, асимилација, типично за македонците од Егејска Македонија и тоа од самиот почеток кога овој дел беше доделен на Грција, па до најново време.
 
На критериумот на правецот на иселувањето му одговара континенталното и прекуокеанското иселување. Континенталното иселување до втората светска војна се движело на Балканот, Азија па се до Африка. По втората светска војна и по Граѓанската војна во Грција, иселувањето се интензивирало кон источноевропските земји и главно е сврзано со економскиот и политичкиот мотив, како и со мотивот на принудно иселување.
Овие типови на иселување се проследени и со други форми, најчесто постојано или сезонско иселување, групно или индивидуално иселување, организирано или стихијно и легално и илегално. Сите овие форми помеѓу себе се испреплетени и тешко е посебно да се дефинират.
 
Периоди на иселување на македонците од Македонија
 
Првиот период од иселувањето на македонците од својата татковина се забележува во втората половина на деветнаеесеттиот век и е во главно од социјална природа. Во овој период значајно е тоа што македонците се иселуваат од татковината која во тоа време е во рамките на Турската Империја и поседуват турски документи. Овој период го опфаќа доброволното и присилното иселување, а правецот е насочен кон Северна и Јужна Америка.
 
Вториот период е поврзан со задушувањето на Илинденското востание и трае се до крајот на првите балкански војни и поделбата на Македонија на 3 дела. И тука мотивот е социјално-економските прилики. Овој период е карактеристичен по појавата на првите организирани социјално-хуманитарни друштва, по принцип на селска или регионална припадност, како и верското организирање но главно под влијание на бугарската и српската црковна пропаганда. Македонските иселеници немајки свои македонски православни цркви, во тоа време биле принудени да одат во српски, бугарски па и грчки цркви. Правецот на селење од овој период е насочен кон Канада, САД но и Австралија.
 
                Третиот период е периодот помеѓу двете светски војни и карактеристично за него е тоа што македонците се иселувале од три различни држави. Затоа властите каде се иселувале македонците ја одредувале националната припадност според документите а не врз основа на етничката припадност. Се разбира документите биле грчки, бугарски или српски. Основен мотив за иселување во овој период е односот на властите на наведениве држави, кои спроведувале присилна национална асимилација, употребувајќи терор, непочитувајќи ги човековите права и слободи. Значи мотивите се претежно од социјален и политички карактер.
 
Четвртиот период го опфаќа периодот на втората светска војна, па се до шеесеттите години на дваесеттиот век. Тука можеме да наброиме два моменти и тоа првиот е поврзан со воведување на комунизмот во СФРЈ кој поголем број неможејќи да го прифатат се иселија од својата татковина. Вториот момент е поврзан со Граѓанската војна во Грција кога многу македонци од Егејска Македонија го платија данокот напуштајќи ги своите огништа. Правецот на иселување беше Австралија и Северна Америка.
Петтиот период се однесува на времето од шеесеттите години па до осамостојувањето на Република Македонија. Мотивот во овој период има социјален карактер. Иселениците од Македонија во петтиот период се карактеризираат со голема организираност во странство и тоа отварање на културно уметнички друштва, здруженија, асоцијации, црковни општини, па дури и организирана настава на македонски јазик. Со тоа се покажува присутноста на длабоко чувство на македонски патриотизам, и приврзаност кон својата нација и татковина.
 
Шестиот период е периодот од осамостојувањето на Република Македонија па до ден денес. Причините за денешното иселување на младите генерации е претежно од социјална природа. Ова е најопасниот период во историјата на селењето на Македонците од Македонија и затоа би требало да се сврти големо внимание кон оваа проблематика од страна на властите.
 
ПОЛОЖБАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ И НИВНИОТ СТАТУС ВО ЗЕМЈИТЕ ПО ИСЕЛУВАЊЕТО
 
                Македонците кои се иселиле во Австралија се претежно од Егејскиот дел на Македонија и нивното иселување се карактеризира со социјален, политички и принуден мотив. Иселувањето во Австралија ги опфаќа сите претхони периоди на иселување, така што денес според статистичкото биро на Австралија Македонци има 87 000, а македонски го пријавиле за мајчин јазик 30 000 .
Македонските иселеници во Австралија претежно ги има во крајбрежјето и тоа : Мелбурн, Сиднеј, Аделаид, Перт, Волонгонг, Бризбен, Рокдеил и др. Во прво време македонците живееле во заеднички куќи, оние новонаселени со оние кои ги повикале, понатаму живееле во исти населби и одржувале цврсти меѓусебни врски. Што се однесува до нивниот профил, тие се доселувале како селски работници или занаетчии поради што ги населувале местата околу челичарниците, рудниците, индустриските предградија, фармите како и местата богати со ниви со шеќерна трска.
Типичниот Македонец денес во Австралија е индустриски работник во големите урбани центри и тоа од селско или провинциско потекло. Втората генерација македонци се одликува со позитивна енергија кон високото образование и професионализмот. Македонецот е интегриран во Австралиското општество со голем процент на интелектуалци, академски граѓани, бизнисмени, спортисти, па и политичари.
Уште во првата половина на дваесеттиот век, македонците чувствувајќи ја потребата од соживот помеѓу себе, поврзани со заеднички јазик, национална припадност, заедничка татковина, почнале да се здружуваат во здруженија од хуманитарен, културен, религиозен, медиумски па дури и образован карактер. Преку овие здруженија и асоцијации македонците тежнееле во текот на еден цел век, да ја откријат вистината за неправдините нанесени на Македонија, за страдањето на македонците, за докажување на постоење на идентитетот, нацијата и религијата. Секој вид на организирано здружување се одликува со одредени активности и дејствувања за постигнување својата цел.