Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Марко Цепенков

 

Марко Костов Цепенков (1829 - 1920) е најголем собирач на македонски народни умотворби.

Роден е во Прилеп 1829. година, во мошне бедно семејство, кое води потекло од прилепското село Ореовец. Заради тешката материјална состојба, основно образование учел само една година, а потоа продолжил да го учи терзискиот занает. Во периодот 1856-57 почнал да собира народни умотворби, поттикнат од, како што самиот вели, Димитар Миладинов.
Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има временски најдолга запишувачка практика - повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите најистакнати собирачи на македонските народни умотворби - браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и такви што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Цепенков е најзначајниот собирач на македонските народни умотворби. Во вкупниот број на публикувани и непубликувани негови дела можат да се набројат повеќе од 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл.). Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собрал претежно од Прилеп и неговата околина, но и од Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Соодветно на обемниот фонд собрани народни умотворби, голем е и бројот на интерпретаторите од кои Цепенков ги слушал и запишувал своите фолклорни материјали.
Изнемоштен, напуштен, заборавен, во крајна беда, Марко Цепенков умрел на 29 декември 1920. година во Софија, каде што е и погребан.