Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Марко Китевски

 

ЈУНАК ПАДНА БАЈРАКОТ НЕ ПАДНА

Во годинава кога македонскиот народ празнува 100 години од славното Илинденско востание, антологијата им е посветена токму на тие безброј познати и непознати херои од илинденскиот период.
Книгата "Јунак падна бајракот не падна" на 250 страници ни презентира околу двесте револуционерни народни песни и, што е мошне интересно, освен комитските песни, во неа има белешки за осумдесетина комити кои се во нив. Македонските борбени народни песни ја опеваат многувековната борба за национална и социјална слобода. Народот со песна го регистрирал сето она што го привлекло неговото внимание, како индивидуалните така и колективните подвизи.
Народот пеел за Момчил војвода, за Марко Крале, за Дојчин, Страхил страшен војвода, за дедо Иљо Малешевски, за Чавдар и Лалуш и за другите бестрашни ајдуци одметнати во борба против неправдата.

МАКЕДОНИЈО ЗЕМЈО ИЗМАЧЕНА


Македонијо, земјо измачена,
Македонијо, земјо поробена,
твојта младост апсани ја јадат
твојта снага тирани ја сушат.
Зашто да си вечно измачена,
зашто да си вечно поробена,
зар ти немаш право на слобода
и човечки живот во природа?
Слушај, слушај, младеж македонска,
имам право на вечна слобода,
и човечки живот ќе живеам
и високо бунтовно ќе пеам.

подготвила: Дора Ангелова

 


МАКЕДОНСКИ ПРАЗНИЦИ

Во Библијата среќаваме податок дека во Македонија се формирани првите црковни општини во Европа. Имено во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, која што е дел од Светото Писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле бил во Тријада имал видение, еден човек-Македонец го викал да помогне: „...стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: Премини во Македонија и помогни ни.“ Потоа св. ап. Павле со своите соработници дошол во Македонија, уверен дека е повикан од самиот Господ да го шири Евангелието. Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена по име Лидија од градот Тиатир, прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници да живеат во нејзиниот дом: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа“, им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа.

Значи, можеме да речеме дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Не било лесно да се победат и искоренат старите верувања и суеверија, да се заборави многубоштвото. И денес во македонските обичаи среќаваме повеќе слоеви на народната култура, (пагански, битови, фолклорни и тн.), а христијанството зазема доминантно место.
Последниве десетина години кај нас е видливо зголемено интересирање за христијанството, за народните празнувања, за македонскиот фолклор, за обичаите, итн. Меѓутоа, многу нешто од таа проблематика останува нејасно. Луѓето ги празнуваат големите христијански празници: (Велигден, Божик, Прочка, Спасовден, Духовден, Крстовден, Мала и Голема Богородица итн.), но малку знаат за суштината на празнувањето, за симболиката на некои обредни предмети што притоа се употребуваат.
Многу семејства си имаат свој ден, свет ден или сведен, како што се меѓу народот, служба или слава (Петковден, Митровден, Арангеловден, Танасовден, Свети Врачи, Св. Никола, Св. Ѓорѓија и др.) што го празнуваат со служби, со месење обредни лебови, со носење во црквата, со гости и тн., но малку знаат за светецот што го сметаат за свој патрон или заштитник, кој бил тој, каде е роден, во кој век живеел, за што се борел, кои се неговите заслуги за христијанството, како го завршил животот итн. Малку се знае и за симболиката на обредните предмети што притоа се употребуваат - темјан, вино, пченица, масло, свеќа, икона, вода и др. Некои се прашуваат зошто св. Никола има два празника и летен и зимен, исто е и со Танасовден и со некои други светители, значи зошто некои светители имаат по два или повеќе празници, други само по еден.
Сето ова е содржина на книгата „МАКЕДОНСКИ ПРАЗНИЦИ“. Во книгава најнапред е поместен календар кој може да се користи секоја година, барем кога станува збор за постојаните празници, потоа е објавен текстот за македонските празници (на македонски и англиски јазик), за смислата на празнувањето, за споменатите обредни предмети, за курбанот, за паганските и христијанските елементи во празнувањето и сл. Потоа се застапени текстови за празниците, стотина наслови, што имаат значење за нашиот народ.
На 310 страници, богато илустрирани, како извори за текстовите се користени житија на светителите, но и голем број народни умотворби, песни, преданија, легенди, верувања и тн. запишувани од средината на минатиот век па се до денес. Користени се записи на вакви етнографски и фолклорни материјали од сите делови на етничка Македонија, што значи освен од Република Македонија, уште од пиринскиот и егејскиот дел, како и од Македонците од Албанија. Тоа пак значи дека фолклорот и обичаите, односно народната култура на македонскиот народ претставува една неделива целина.
Посебно значајно што делови од книгата се објавуваат на англиски јазик, позначајните карактеристики на празникот, со што книгава се прави достапна на поширок круг читатели. Доколку има заинтересирани за порачка на оваа исклучително интересна книга, тоа можат да го сторат кај издавачот „Менора“ од Скопје на тел. 02-128-370 или пак по мејл menora@unet.com.mk
Цената во која е вклучена и поштарината за Австралија, САД и Канада изнесува 30 американски долари, а пак за Европа е 25 евра.
подготвила: Дора Ангелова