Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Кочо Серафимов

 

Нова книга од областа на хирургијата

ХИРУРГИЈА НА ЖОЛЧНОТО ЌЕСЕ И ЕКСТРАХЕПАТАЛНИТЕ ЖОЛЧОВОДИ

Неодамна од печат излезе научното издание на проф. д-р мед. Хабил. Кочо Серафимов - „Хирургија на жолчното ќесе и екстрахепаталните жолчоводи“, прва од ваков вид кај нас. Книгата е наменета за специјалисти и специјализанти по општа, дигестивна и педијатриска хирургија, по гастроентерохепатологија, како и лекари по општа медицина, но и на инфектолози, како и за постдипломска настава на наведените специјалности.
Заболувањата на билијарниот систем, пред се холе(дохо)литијазата се мошне чести. Последните десетина години тие се доминантни страдања во вкупните болнички капацитети (Дигестивна одн. абдомална хирургија) како и на хирушките одделенија ширум нашата Република. Или ако една хирушка установа се занимава со дигестивна патологија, половината од нејзините сместувачки капацитети, речиси отпаѓаат на билијарните болести! Потоа, не смее да се заборави и канцерот на билијарниот систем, којшто главно се смета како последица на долготрајна нелекувана билијарна калкулоза. Со тоа и нашата земја се „израмнува“ по зачестеност на оваа патологија со поразвиениот свет од нас.
Сето ова било непрекинато во фокусот на научните достигнувања, пред се во дијагностиката се до нејзината егзактност и може да се каже дека овој долг дијагностички пат вродил со воведување на најсовремени дијагностички методи.
Авторот на книгата, покрај другата дигестивна патологија, континуирано, близу четири децении, се занимавал и ги изучувал патологијата и лекувањето на овие заболувања, почнувајќи со неговата хабилитација (1959), наведена во селектираните референци, каде што оваа проблематика е обработена од основањето на Универзитетската хирушка клиника во Скопје (1947). За таа цел тој престојувал во светските центри (Лион, Париз, Минхен, Лондон и други), а со амбиција и кај нас да се унапреди хируршката мисла, да се усоврши дијагностиката, да се воведат современи хируршки методи, да се скрати морбидитетот, а пред се да смали смртноста, што секако се одразило позитивно во смисла на современ третман на билијарната патологија во наши услови.
Книгата содржи 12 глави и започнува со ембриологијата на билијарниот систем; потоа следи анатомијата, физиологијата на жолчната секреција, ентерохепаталната циркулација, складирање на жолчка итн. На испитувањата и дијагностиката на билијарните болести е обрнато соодветно внимание, при што се наведени сите досегашни рутински методи, за да на крајот се опишат последните дијагностички дострели – магнетната резонансна холангиографија и друго. Патогенезата на холелитијазата е разработена детално во светлината на последните научни сознанија: литогеноста на жолчката и фактори коишто се доведуваат во врска со тоа.
Систематски се обработени, веројатно за прв пат во наши услови и конгениталните аномалии и абнормалноста на билијарниот систем, како и неговите атрезии со детален приказ на дијагностиката и диференцијалната дијагноза на неонаталната жолтица, индикации за операција (експлорација), оперативни методи, пред се операцијата на Касаи, нејзините резултати, вклучувајќи го и пресадувањето на црниот дроб како обид да се спаси живот во безнадежни случаи (тотална билијарна атрезија).
Акутниот гноен холангит, кој се уште може да се каже, претставува еден од најсериозните проблеми во ургентната билијарна патологија („гној под притисок“), детално е елабориран.
Даден е краток приказ на дисолуционата терапија на жолчните каменчиња, вон телесна шок-брановска литотрипсија, ласерска, пиезоелектрична литотрипсија и друго за да има можност читателот поблиску да се запознае со тековната состојба на овие лекувања.
Во последната глава детално е разработена оперативната техника, со голем број главно колор-илустрации, што читателот системски го води низ соодветни оперативни решенија.
Двојазичноста (македонски и англиски) претставува своевиден придонес, секако и амбиција, да се биде првенец со вакво издание, но и нужда хирурзите да го владеат овој доминантен светски јазик (особено во нашата дијаспора), да ги искажат нивните евентуални забелешки или укажувања, а со цел подобрување на методиката, дијагностиката, а пред се третманот, а со тоа и резултатите.
Инаку, авторот Кочо Серафимов завршил Медицински факултет во Белград (1949г.), а од 1951г. непрекинато работи на Клиниката за хируршки болести во Скопје. За редовен професор бил избран 1977г. а супспецијалист по Дигестивна хирургија станал 1978г. По  основањето на Клиниката за дигестивна хирургија бил нејзин началник каде што се бавел со хируршка и билијарна патологија. Објавил околу 200 научно-стручни трудови.