Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Тамара Арсовска

 

 

ИЛИНДЕНСКИ РАСКАЗИ
 
Во издание на „Култура“ од Скопје, а во избор на Тамара Арсовска е објавена книгата „Илинденски раскази“, посветена на 100 – годишнината од Илинденското востание.
„Епиката на Илинден е перманентна инспирација на нашата литература“- ќе рече во насловот на својот предговор Тамара Арсовска. Илинденското востание е првата република на балканскиве простори, како почеток на нова епоха во летописот на македонската национална револуција, најдоа своја широка реализација во духовните достоинства и речиси веќе едно столетие се преселени во легендите, во митот, во сите форми на народната и уметничка литература, во музичкото и ликовно творештво, во научната мисла.
„Големината на историските настани најсугестивно се изразува во трајноста на нивното воздејство – истакнува академик Димитар Митрев, - Илинден 1903 ја имаше судбината да биде таков настан, да значи многу и за своето време и за времето на иднината“.
…Епохата на Илинден 1903 се јави како неизбежен повод за разновидни творечки евокации…со ширината на епското, како пораз на еден масовен херој, со драматизмот на масовната хероика и масовната трагика, со лиризмот на едно бујно чувство што го издигнува животниот подвиг до степен на поетска екстаза. Највисоката еменација на револуционерната борба против султанската тиранија, поради тоа еден од исклучителните датуми во историската повест на нашиот слободарски поход, ИЛИНДЕН 1903, во јаркоста на таквата внушителност, го најде своето место (изразито) и низ страниците на уметничката литература…
Илинденската епопеја, нејзината трагика, нејзината величествена порака, нејзиниот ослободителен хуманизам, ликовите од илинденскиот период, всушност се една поширока тематика, една посеопфатна симболика и едно подолго присуство во нашата (и не само нашата!) литература, која говори за македонските борби за слобода, за македонските опстојби.
Илинденската тема бездруго е една перманентна национална тема во нашата литература. Таа е населена на сите подрачја на уметноста на зборот: поезијата, прозната белетристика-расказот и романот, драмската уметност, есејот итн…
Современата македонска критичарска мисла го акцентира и презентира присуството на оваа тема преку повеќе генерации писатели, истовремено укажувајќи на неисцрпноста и трајноста на инспиративните илинденски одгласи. Така и проф. д-р Миодраг Друговац, во еден свој пообемен осврт, истакнува:
„Со тек на времето, големата историска тема (Илинден 1903) стана составен дел на македонското литературно живеење, доказ колку се уште се живи настаните и хероите со кои и денес се вдахновуваат нашите писатели, доказ и за тоа колку оваа тема бара нови пристапи во нејзиното раскажувачко и романсиерско оживотворување. Се докажува, имено, уште еднаш дека минатото на еден народ е само дотолку минато доколку живее во светот на поколенијата…
Илинденската тема со тек на времето доживува свои естетски трансформации и тој процес на нејзино стилско-изразно еманципирање од шаблоните на реалистичката дескрипција и фактографичност е показ за растежот и на македонската уметност на зборот, меѓу кои и на раскажувачката уметност, во целост…“
Изборот на илинденската раскажувачка проза што го има направено Тамара Арсовска има намера во една книга да го презентира овој дел од од илинденските одгласи во покомплетен (но не и целосен!) број на автори и на нивните раскази (од кои неколку се од сосема понов датум, а некои овде прв пат се публикуваат), имајќи предвид дека до сега еден ваков преглед не им е понуден на читателската публика, ни на научно-истражувачката мисла.
Во „Илинденски раскази“ се опфатени раскази на авторите: Атанас Раздолов, Стојан Христов, Ѓорѓи Абаџиев, Ангел Жаров, Иван Точко, Радослав Петковски, Славко Јаневски, Јордан Леов, Јован Бошковски, Ацо Филип, Мето Јовановски, Глигор Поповски, Симон Дракул, Цане Андреевски, Ката Мисиркова-Руменова, Видое Подгорец, Трајан Петровски, Киро Донев, Атанас Вангелов, Велко Неделковски и Крсте Чачански.