Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Блаже Миневски

 

 

БЛАЖЕ МИНЕВСКИ: “СЕЗОНА НА ГЛУВАРКИТЕ“
 
Фактот дека последнава деценија нема антологија на македонски расказ во која не се застапени расказите на Блаже Миневски, освен што дава извесна информација за овој наш бележит раскажувач, не прави ништо конкретно за дефинирањето на неговиот прозен, раскажувачки модел, суверен и автентичен во современата македонска литература. Прозното писмо на Миневски си има свое прецизно место во нашата современа литература.
Миневски кој е автор на повеќе збирки раскази, романи, драми и е носител на повеќе значајни награди, во прозното дело “Сезона на глуварките“, ни се претставува со дваесетина раскази меѓу кои и такви кои или ги знаеме или не потсетуваат на некои поранешни негови објави кои се варираат како некакви прозни етиди, раскажувачки рефрени, можеби. Впрочем, неговото писмо и има еден таков препознатлив, универзален жиг, наместо марка, со кој непречено може да патува низ пределите на болката. Оваа проза и буквално се движи со помош на болката чија што издолжена сенка сепак најмногу прилега на љубов.
Горчливоста на расказите во “Сезона на глуварките“ главно доаѓа од три страни: од константното инаетење со стварноста, со вистината; од прешироко отварање на очите при гледање на невидливите нешта кои не значи и дека не постојат; како и од укинувањето на средините и постојаното дури слепо држење за почетоците и за краевите на нештата.
Инаетењето со стварноста во себе ја содржи и жанровската хибридизација во расказите на Миневски, или пак е нејзин резултат. Во секој случај и во оваа збирка, како и во претходните, расказот на Миневски се движи од реалност до фикција, од запис, преку препис, до допис, од репортажа преку фељтон, до омајна проза… Ништо не е како во стварноста, иако се е преземено од неа. Ова е раскажување кое постојано води инает со вистината, со стварноста, но не за да ја победи или за да ја потцени, туку за да ја искуша нејзината подготвеност да биде нешто друго (на пример – проза!). Горчливоста дојдена од оваа страна најдобро се согледува во расказите: “Претстава со еден гледач“, “Треперење“, “Ордени и херои“ и др.
Преширокото отворање на очите при гледање на невидливите нешта е особено забележливо во расказите: “Петелино“, “Мајсторот“, “Пролетерската револуција на мојот татко“… и во нив се остварува еден лупа-раскажувачки ефект кој повеќе ја казнува отколку што се инаети со вистината. Во ваквиот тип раскази, Миневски се става себе си во ангажирана позиција наспрема стварноста: позиција од која на раскажувањето гледа како на свое оружје.
Укажувањето на средините може да се сфати и како интерес за несекојдневното, почетното или крајното. При спроведувањето на прозен интерес, Миневски отишол можеби најдалеку (или најдлабоко) во прозното, воопшто. Расказите како “Историја на поразот“ или “Празник на солзите“ се примери за совршена горчливост, за движење на болката чија што сенка прилега на љубов… примери за инаетење, за измислување, но и за слабеење на застрашувачката моќ на вистината.
Блаже Миневски книгата “Сезона на глуварките“ можеби и ја напишал за инает на вистината, но и за задоволство на своите верни читатели.