Билјана Костова Билјана Костова II дел Билјана Костова III дел Веле Алексоски Лидија Димковска Илинденски раскази Личности од Македонија Блаже Миневски Горан Стефановски Иванка Манасиевиќ Петко Домазетовски Илија Каланоски Паскал Камбуровски Тамара Арсовска Кочо Серафимов Марко Китевски Анте Поповски Марко Цепенков Јанко Томов

Лидија Димковска

 

СИНТЕЗА НА ЖИВОТОТ

 
            Неодамна реномираниот американски месечник за поезија "American Poetry Review" во својот двоброј ја објави Димковска на насловната страница, ставајќи ја во друштво на најпознатите светски поетски имиња. Исто така, ценетото италијанско списание за компаративистичка поезија "Semicerchio" во специјалниот прилог за македонската поезија, меѓу шестмината млади македонски поети, ја застапи и Димковска со повеќе песни објавени двојазично, на македонски и на италијански
 
            Клуб 360: Како една поетеса доаѓа до насловна страница?
-Нема да биде искрено ако речам дека тешко стасав на насловната страница на "American Poetry Review", иако оваа реномирана ревија многу ретко им посветува внимание на европските поети. Од европските поети, колку што ми е познато, досега биле објавени на насловната страница францускиот поет Ив Бонфоа и словенечкиот поет Томаж Шаламун. Нема да биде точно ни ако речам дека имав среќа... Едноставно, на мојата поезија и успеа да ме донесе на насловната страница. Редакцијата на ревијата се осмели на насловна страница да донесе млад поет од Источна Европа, речиси непознат за американските читатели, но со поезија која би можела да предизвика внимание: на тој начин културната и пазарната политика на ревијата се вкрстија во точката наречена "сладок ризик", кој, според реакциите на читателите што ги добивам по ел. пошта, сосема се исплати, а на мојата поезија и отвори нови можности и врати.
            Клуб 360: Американците високо го рангираат, како што велат "џез ритамот" на Вашата нетипична европска поезија, Европејците ја подвлекуваат зачудувачката моќ не на Вашите стихови, туку на секој Ваш збор, Романците рекоа дека воспоставувате нов поетски балканизам со трагични менувања на тонот... Каде е Македонија во оваа прикаска?
            -Македонија ја има најмногу, дури и кога молчи, што не беше случај со мојата последна книга. Ми најде место под своето жолто сонце, а некои од најврвните македонски имиња ја означија мојата поезија како настан. Сепак, понекогаш не е цврст грб на кој можам или очекуван дека можам да се потпрам, зашто ми е најблизок и најмил. Понекогаш, метафорички речено, ми се чини дека е потешко млад творец да се најде на насловна страница во Македонија одошто во САД, иако нашата земја знае да се радува на "насловните страници" со македонски творци во странство.
            Клуб 360: Неодамна во македонската и словенечката периодика се појави извадок од една ваша подолга проза: Њу Хармони, Њујорк... Што значи ова за Вашата поезија? Или можеби се обидувате проблемите на жанрот да ги анестезирате со моќта на своето творештво?
            -Се обидувам литературата да ја гледам како хибридна целина, холистички, и затоа се чувствувам слободна да пишувам и поезија и проза и сценарио. Поезијата е моја внатрешна енергија (моќта на моето творештво) која се провлекува и ја одредува целокупната моја литература, не само онаа во стихови. Кога животот е полн со приказни, тогаш се потребни не само стихови, туку и реченици и кадри, а јас сум токму во тој период од мојот живот. Литературата е лична синтеза на мојот живот.
Клуб 360
подготвила: Д. Ангелова
            Лидија Димковска е родена во 1971 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет, на групата Општа и компаративна книжевност, а постдипломски студии по романска книжевност завршила во Букурешт, Романија, каде што шест години работи како лектор по македонски јазик и книжевност.
            Моментално живее во Љубљана.
            Досега има објавено четири поетски збирки, последната "Нобел против Нобел" која многумина ја сметаат за исклучителен миг во современата македонска поезија, неодамна доживеа и второ издание.
            Нејзините песни се објавени во Шпанија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Полска, Јужна Кореја, Италија и САД. Застапена е во повеќе антологии во земјава и во странство. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН. Уредник е на рубриката Поезија во електронското списание за литература и други уметности "Блесок".