Писмата испратете ги по  email       

 

СЕКОЈ ТЕКСТ Е ИСКЛУЧИВО СТАВ НА НЕГОВИОТ АВТОР И ТОЈ НЕ ГО ОДРАЗУВА СТАВОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО, КОЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ЗА ОДГОВОРНА ЗА ИЗНЕСЕНИТЕ СТАВОВИ!

 

ЖИВОТОТ ИСПОЛНЕТ СО ГЛУМА

02.11.2016 година

Разговор со Владо Сазданов:
ЖИВОТОТ ИСПОЛНЕТ СО ГЛУМА
Владо Сазданов – Цапарецот, подолго време живее во Австралија и после подого време успешно работење во својот бизнис му се појави желба да се вклучи во Австралиско македонскиот театар и слободното време да му го посвети на сцената. По зборовите на Владо, тој одсекогаш уживал да социјализира, со песната и музиката да се дружи и ужива во ритамот на македонскиот мелос. Поведовме разговор со Владо, за кој многу малку се знае во македонската заедница, во однос неговиот ангажман во театарската уметност, но кој зад себе остава трајни траги на сцената со улогите што ги толкува во драмите во македонскиот театар.

На сцена за прв пат настапивте во „Стари и весели“, како дојде до тоа?
Мојата сопруга Зора, со која сум во брак 45 години, секогаш ми велеше дека ме бидува да глумам, или пак ме зафркаваше: „Владе, секој ден ми глумиш дома и само глумиш пред другите луѓето – оди барем во театар и таму глуми!“ Но љубовта кон сценската изведба потекнува од мојата школска возраст кога како ученик активно бев вклучен во драмските и литературни секции во училиштето. Исто, бидејќи потекнувам од Цапари, за Водици нашата Цапарска асоцијација во Сиднеј секоја година организира Бабарска ноќ и скоро секоја година настапувам со некоја изведба и карактер со цел да го продолжиме овој традиционален културен настан. Но најповеќе почнав да размислувам на глума кога ја видов драмата „Страв и срам“ во изведба на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј. Бев воодушевен од глумечкиот талент што овде го имаме и за самото сценско преставување на оваа драма која остави длабок впечаток за мене. Затоа и станав дел од театарот и за прв пат настапив во драмата „Стари и весели“ каде ја играв улогата на Климе, постар човек но кој ужива со песната да си го разубавува својот живот.
Потоа кои улоги и во кои драми ги игравте?
Во „Раскол“ ја играв улогата на Љубен, популарен љубовџија-мајтабџија од Широк сокак, кој го интересираат само жени и користење на муфте, а најмалку иднината на македонската нација. Во „Борење со мечка“ ја играв улога на Димитар, чистач (хигиеничар). Со оваа драма бевме на турнеја во Македонија и преставата ја дадовме во седум градови. Во „Доктор Жими Мајка“ го играв самиот Др Жими Мајка (Златко), интересен и полн со неизвесности карактер.
Во која улога најповеќе се покажа вашиот глумачки талент?
Сите ликови уживав да ги играм но најголем предизвик за мене беше улогата на Љубен во „Раскол“ каде многу лесно влегов во тој карактер, но посебно на Др Жими Мајка во истоимената драма. Тука имав водечка улога каде требаше да си ја „пресоблекувам кожата“ на „доктор“ и „лажго“ со желба да дојдам до некоја животна цел.
Во најновата престава „Баба се мажи“, кој лик го играте во истата?
Во оваа драма, која премиерно ќе се изведе на 11 ноември во Civic Theatre во Хрствил, го играм ликот на Спасе, син на Јана која ќе се мажи за помладо момче. Спасе е човек со ниска интелигенција кој не би требало да се сфати сериозно, лик кој поради неговото однесување на публуиката ќе му донесе смеа до солзи. Со овој лик излегувам „надвор од себе“ и поради тоа доста многу се бара од мојата актерска вештина.
Каква улога би сакале да играте во иднина?
Бидејќи ужувам да ги забавувам луѓето и одсекогаш песната ми лежела на душата односно сакам да бидам на сцена, комедијата ми е повеќе интересна и забавна. Но секако сум глумел и други улоги и спрема она што ќе ми се понуди ќе прифатам да глумам, бидејќи глумата ми лежи во душата.
Душан Ристевски