ПРОСЛАВЕН ПАТРОНИОТ ДЕН НА МПЦ „СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ОД ТОРОНТО

15.12.2015 година

На 5-ти декември 2015 година, Македонската православна катедрална црква „Св.Климент Охридски“ од Торонто, Канада, традиционално ја прослави црковната слава и патрониот ден на целата Македонска православна црква – Свети Климент Охридски. По тој повод беше одржан свечен банкет со богата духовна и културна програма.
Прославата започна со настапот на црковниот хор под раководство на маестро Васко Петровски, којшто ја испеа македонската и канадската химна.
Гостите ги поздрави претседателката на црковната управа, госпоѓата Вера Белчевска, пригоден говор на вечерта подготви и свештеникот Илија Донев, a македонските сонародници беа поздравени и од Александра Стојкова, вице-конзул во Македонскиот Конзулат од Торонто.

Hа вечерта беа поканети свештениците на македонските православни цркви од Торонто, Ајакс, Маркам, Мисисага, Хамилтон и Кембриџ, како и претседателите и претставниците на сите македонски друштва и асоцијации во Торонто и околните градови.

Посебна чест за македонската заедница претставуваше присуството на пратениците од канадскиот Парламент- Роб Олифант и Јасмин Ратанси, кои дојдоа во придружба на првиот македонски пратеник во канадскиот Парламент господинот Луи Темелковски.
Парламентарците ја предадоа поздравната порака од Премиерот на Онтарио госпоѓата Катлин Вин.

Новите почесни кумови за следната година ќе бидат Пецо и Вера Петличковски.

Во културно- уметничката програма учество зедоа учениците на црковното училиште по македонски јазик, под раководство на учителката Весна Адамова, литературното друштво „Браќа Милединовци“ и играорната група „Македонка“ со сплет од македонски игри и ора презентирани како од нивните наjмлади членови, така и од сениорите, коишто летово гостуваa во Република Македонија. „Македонка“ се претстави со ората „Тиквешко“, „Водарки“ и „Сред село“, „Млади Македонци“ (средната група) го изигра орото „Црногорка“, додека, пак, Училиштето за македонски фолклор (најмалите членови) се претставија со „За Рамо“.