24 по ред Тетовска Вечер во Торонто.

01.03.2016 година

28 февруари
На 27 февруари, 2016 се одржа традиционалната 24 по ред Тетовска Вечер во Канада, вечер на сите Македонци од под Шара, но и на нивните пријатели, соседи и соработници.
Банкетот се одржа во прекрасниот амбиент на Capitol Banquet Hall, како и секоја година во преполна сала започнувајќи со звуците на песната ,,Се навали Шар планина,, која е химна на Тетовчани од Канада, а машкото широко оро ја симболизираше македонската традиција, непокор и сплотеност.
Според некои сознанија во Торонто и околината живеат повеќе од 100 тетовски семејства.

Основачи на друштвото се Мајк Марковиќ, Владо Јовановски, Стојан Јаковлевски, Бошко Спасовски, Драгиша Бојковски и Перо Николовски кои и денес се членови на управата , а истата од неодамна е збогатена со новите членови Миле Серафимовски, Драгче Кироски и Томче Бојаџиевски.
Пред 40-тина години во потрага по подобра среќа голем број тетовски семејства тргнале на печалба по светот, во најголем број во Америка и Канада. Многу тетовски фамилиии денес живеат во Детроит, во збратимениот со Тетово Sterling Heights каде што се наоѓа и МПЦ Раѓање на Пресвета Богородица.
Тетовчани се еснафи луѓе, дружељубиви и весели, затоа и секоја година на нивниот банкет доаѓаат пријатели од многу здруженија од Канада, а често пати имаат гости и од другите канадски провинции, но и од САД.
Во културно уметничката програма на овогодишната Тетовска вечер настапија големата група на фолклорниот ансамбл ,,Илинден,, при МПЦ Св. Илија од Мисисага,оркестарот ,,Бисер,, кој со својата весела музика ги забавуваше гостите до доцна во ноќта, а присутните добија и бројни вредни изненадувања од дарителите на лотаријата.
Интересно е да се потсетиме дека, пред неколку години тетовското друштво ,,Шар Планина,, се збратими со прилепското друштво ,,Маркови кули ,,од Торонто, а по иницијатива на претседателот на прилепското друштво Славе Бунтески. Овој убав гест ги продлабочи заедничките пријателски односи и придонесе за уште подобра соработка и меѓусебно почитување.
Тетовското друштво ,,Шар Планина,, е познато по своите несебични донации во македонските православни цркви во Канада и Сад, но и на посебни случаи во Македонија кога за тоа е најпотребно. ,,На македонскиот народ што доаѓа и не’ поддржува му возвраќаме со добри дела,, кои ќе останат за многу генерации по нас”, изјави недамна за весникот ,,Македонија’’, еден од основачите на друштвото Мајк Марковиќ.
Оваа година целокупниот приход од лотаријата и’ беше подарен на македонската православна црква Св. Илија од Мисисага.
Текст Соња Лозановска