Обединетата македонска дијаспора (ОМД) заедно со Македонците низ светот денеска ја прославува 24-годишнината од независноста на Република Македонија

10.09.2015 година

На овој ден, како што наведува ОМД во дописот до медиумите, Македонците низ целиот свет им се поклонуваат на оние кои се изборија за формирање слободна и независна македонска држава.
– Во миговите кога го одбележуваме овој исклучително важен настан треба да се потсетиме на нашите храбри предци, од кои многу го имаат дадено својот живот за да го остварат вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава. Прославата на независноста на Република Македонија не треба да се сведе само на одбележување на датумот кога сонот и идеалот на плеада патриоти и борци се има конечно остварено, туку овој ден претставува одлична прилика за потсетување и зачувување на основните вредности и принципи кои ги имаат инспирирано нашите предци да се изборат за слободна и независна Република Македонија, наведува ОМД.
Според ОМД, на овој ден треба да бидеме благодарни на нашите предци, но и да се обврземе дека безрезервно ќе го чуваме нивното наследство и никогаш нема да се откажеме од градењето на праведна, стаблилна, демократска и евроатлантска Македонија.
– Овој ден е прославување за продолжување и отелотворување на вредностите врз кои е изградена нашата татковина, и славење на самите идеали за демократија и слобода, што ги имаат инспирирано нашите предци да се изборат за својата независна иднина. На овој ден на независноста, да се потсетиме дека демократијата не е статичен предмет, туку континуиран чин на стремеж, стои во дописот од ОМД.
Иако, Македонија се соочува со сериозни предизвици, ОМД е сигурна дека постои енергија за нивно надминување. ОМД ќе продолжи да ја поддржува Македонија во своите потфати за гарантирање мир, стабилност и безбедност. – Искрено се надеваме дека Македонија конечно ќе добие покана за членство во НАТО на претстојниот самит во Варшава во 2016 година, пишува ОМД.

.