Ден посветен на Македонија

10.05.2017 година

Асоцијацијата Аминта од Витторио Венето, преку низа активности, на членовите од 42 други италијански здружениа им ја претстави Македонија. Во Витторио Венето-Италија, македонското здружение приреди ден посветен на Македонија. Членството на Аминта се погрижи да приреди богата трпеза со македонски јадења. Гравче тавче, сарма, селско месо, домашно кисело млеко, еклери во форма на лебеди, беа само дел од презентираните специјалитети.

Гостите беа воодушевени од декорацијата и вкусот на нашата храна. Дури беше кажана прекрасна забелешка, една од гостите рече дека забележала единствена состојка која е присутна во сите јадења. На прашањето која е таа, таа одговори- љубов. Се е подготвено со љубов, која се чувствува во изобилие, вели претседателот на здружението, Лазороски Саве.
Во рамки на вечерта, се пееше и свиреше македонска музика, своја изведба имаше и културно уметничкото друштво Аминта, што воедно беше и нивна прва промоција. Играорките беа облечени со носии од струшкиот регион, кои привлекоа големо внимание кај присутните, меѓу кои беа градоначалникот на Витторио Венето, Роберто Тонон, конзулот на Р.М во Мештре/ Венеција, Ашим Зекироски. Гостите имаа можност да проследат и видео презентација за Македонија.
- Иако аматерски успеавме да ја доловиме убавината со која располага нашата родна земја, од корист ни беа и прекрасните постери кои ги прати Агенцијата за иселеништво на Р.М со прекрасни фотографии од Македонија, вели потпреседателот на Аминта, Билјана Колоска.
Собраните финансиски средства Аминта ги донира за помош при изградбата на нов објект во Сколоп на сегашниот „Ареа Фендер“ во вредност од 350 илјади евра. Предвиднео е просторот да служи и за заедничко дружење на народностите кои живеат во градот Витторио Венето.
Инаку здружението Аминта постои две години и се стреми кон ширење на македонската култура, јазик, традиција.