40 годишнината од формирањето на МЕУ „11Октомври“ од Јагуна

31.10.2016 година


Во Сиднеј се одржа Прославата на 40 годишнината од формирањето на МЕУ „11Октомври“ од Јагуна , како самостојно училиште во кое се изучува само македонскиот јазик и македонската култура.
Покрај многубројните ученици, родители, пријатели на македонскиот јазик и учители,на прославата присуствуваа и Претседателката на Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ, Госпоѓата Жаклина Михајлова, како и Госпоѓата Луција Џонс, потпретседател на Федерацијата за јазици на заедниците на НЈВ.

На прославата беше истакнато дека , во 1976-та година, на 26-ти јуни, по иницијатива на група македонци, меѓу кои најгласни и најинволвирани биле Петре Јанкуловски, Вангел Настевски, Димко Стојчев, Симе Наумовски, Ацо Хрстиќ се отвора МЕУ „11Октомври“ во Јагуна. Веднаш бил формиран Училишен одбор, а за прв претседател бил избран Пеце Јанкуловски, а потоа за претседател повеќе пати бил избран Вангел Настевски се до неговата смрт.
Првите учители биле Васка Тодоровска и Апостол Апостоловски.
На првиот уписен ден во училиштето се запишале 137 ученици, а со нив имало уште толку родители,баби и дедовци така што училишниот двор бил преполн со луѓе.
Заради големиот број на ученици наставата се одржувала во две смени.
Тогаш родителите со радост ги носеле своите деца на училиште, очекувале тие да го зборуваат македонскиот јазик, да научат да читаат и да пишуваат, да си ги сочуваат корените.
Од отворањето на училиштето до денес , во ова училиште учеле околу 3000 ученици и предавале 50-тина учители. Училиштето работи под чадорот на Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ, а е делумно финансирано од Министерството за образование на НЈВ.

Во овие 40 години МЕУ „11Октомври“ бележи плодна воспитно-образовна дејност.Секоја година се запишуваат нова генерација на македончиња да го изучуваат македонскиот јазик. Со учењето на македонскиот јазик децата се запознаваат со културното наследство на Македонија, со нивната историја , географија,традиција и култура. Многу е важно македонскиот јазик да се изучува помасовно, да се негува, чува и дочува. Не смееме да дозволиме македонскиот јазик да се заборави. Голема благодарност на сите родители,баби,дедовци што ги носат нивните деца и внуци во македонско училиште.Тие им давааат едно културно наследство што со пари не се купува.
Наставата во ова училиште денеска е современа и модерна. Учителите се подготвени со висока стручна спрема, значи сите имаат завршено факултет за учители, а плус тоа постојано се обучувааст за најсовремените методи за наставата по јазик овде во Австралија. Учениците се присутни на сите големи манифестации кои ги организира МПУО: Свечената Академија„Св Кирил и Методи“, Натпреварот по рецитирање, Зборувајте македонски во март, Добротворниот бал за македонскиот јазик во НЈВ, како и матурската вечер и се разбира, Годишниот концерт на училиштата по македонски јазик. Но, учениците од Јагуна прават и свои приредби во текот на годината , на кои настапуваат сите ученици. Најзначајна е приредбата за крај година. Училиштето „11 Октомври“ секоја година во училишниот двор организира прослава по повод патронатот и на крајот од учебната година има свечено доделување на свидетелствата и приредба на која учениците рецитираат стихотворби и пејат песни, а родителите организираат богата македонска трпеза со јадење, така да учениците со радост ги чекаат овие денови.

За жал, заради недоволниот интерес на родителите, бројот на учениците се намалува. Оваа година има само 37 ученици. Се надеваме дека следната учебна година ќе имаме повеќе ученици.
Апелираме до сите македонци да ги запишат децата во македонските училишта затоа што иднината на македонската нација во Австралија зависи од нашите деца. Жално е но вистина е ,ако нашите деца зборуваат македонски јазик тие ќе ќе се чувствуваат како македонци и ќе бидат поврзани со Македонија, но ако не знаат да зборуваат македонски јазик нив ништо не ги поврзува со Македонија. Но, за тоа не се виновни децата. Родителите треба да им објаснат на своите деца за важноста на македонскиот јазик во нивната фамилија и да ги носат редовно во македонско училиште. Кога ќе пораснат , децата ќе ја сфатат важноста на македонскиот јазик и ќе им бидат благодарни на родителите што ги носеле во македонско училиште.Значи, од родителите зависи дали децата ќе им одат на часови по македонски јазик.
Една од поважните работи во македонското училиште е дружењето со другарчиња од македонско потекло. И тоа другарство трае цел живот.
Во своето обраќање до присутните, Госпоѓа Михајлова истакна дека: „Доволно е секој од нас, вечерва овде присутни, да си отиде дома со домашна работа и убаво и совесно да си ја изврши: Имено ако секој од нас најде едно семејство да донесе дете на македонско училште тогаш бројот на учениците ќе се дуплира. Уписот во училиштето трае секоја сабота до крајот на годината.“
Училиштето работи секоја cабота за време на школските термини од 9.00 наутро до 12.00 попладне.
Честитки за големиот јубилеј на сите поранешни и сегашни ученици и родители. Специјално им честитаме на нашите две учителки Мери Петковска и Дијана Јовчевска, кои несебично работат да се одржи училиштето и кои посветија посебно внимание за одржувањето на овој јубилеј. Тие покажаа пожртвуваност и љубов кон својата работа и ги подготвија учениците да настапат со песни, рецитации, со драма и играње. Одлично направената програма ја збогатија играорките од КУД „Вардар“ од Сиднеј, оркестарот на народни инструменти од Сиднеј, македонски пејачи и пејачки.
Несомнено, за да не се укине нешто вакво, какво што е 40 годишното училиште потребно е родителите да работат во Одборот на училиштето посветено, чесно и да ги почитуваат правилата и искуствата на претпоставените. Малку човечко разбирање ќе донесе поголема слога и љубов, но и зачувување на македонските корени во Австралија. Нека ни е честит јубилејот!