СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ“

31.01.2017 година

Во Квимбијан

На 14 јануари 2017 година во просториите на црковната сала Св. Пророк Илија, во населбата Квимбијан, која е сместена веднаш до австралиската престолнина Канбера, се одржа свеченото отворање на Македонското литературно друштво и библиотеката кои го носи името на македонскиот детски песник и раскажувач Ванчо Николески. Уште во почетокот убаво е да напоменеме дека иницијатори за отворање на ова друштво се господата Наум Трајчески и Наум Пауноски, кои потекнуваат од охридските села Издеглавје и Куратица.

На свеченото отворање, најпрво добре дојде им посака претседателот на друштвото Наум Трајчески, кој во кратки црти ги запозна нив со идеата и формирањето на новото друштво кое има 32 членови и симболичен број на книжевен фонд. На отворањето присуствуваа неколку стотини посетители, меѓу кои имаше истакнати активисти од македонската заедница како поети, артисти, музиканти, фолклористи итн. а најмаркантна личност беше присуството на амбасадорот на РМ во Канбера г-динот Веле Трпевски кој го изврши и свеченото отворање на Македонското литературно друштво „Ванчо Николески“ и неговата истоимена библиотека. На програмата свои песни и песни од македонски автори прочитаа поетите Иван Трпоски и Душан Ристевски гости од Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј и локалните поети: Роза Начевска, Наум Трајчески, Билјана Попоска, Велика Гоцик, Наум Пауноски и други. Како пример за добра соработка колекција книги од македонски автори преведени на англиски јазикм, а во име на амбасадата на РМ, книгите им ги подари амбасадорот Веле Трпевски, а колекција на книги од австралиско-македонски автори, членови на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, а во име на друштвото, книгите имги подарија поетите Иван Трпоски и Душан Ристевски. Домаќините во знак на благодарност на повеќе црковни, хуманитарни, спортски, музички и други друштва и организации им доделија благодарници.
Пријатно освежување на посетителите им приредија фолклористите од КУД „Разиграна Македонија“ кои се претставија со сплетови на македонски ора од сите делови на Македонија.
Во вториот дел од вечерашната програма беше настапот на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј со драмското дело на Душан Ристевски „Баба се мажи“. Оваа драма е рекордна по посетеност, па покрај настапите во Сиднеј, Волонгонг, Њукастел и Квимбијан, се планира да се прикаже и во другите градови на Австралија, а по можност, артистите сакаат таа да биде приказана ова лето и во Макеедонија
Последниот дел од вечерашната програма и беше отстапен на црковната општина, која по повод верскиот празник Василица имаше организирано музички концерт кој траеше се до раните утрински часови.
Иван Трпоски