Награда за животно дело за господинот Тоде Кабровски

04.04.2017 година

Наградата за животно дело за господинот Тоде Кабровски од Сиднеј
Редакцијата на Македонскиот Телефонски Именик одлучи Наградата за животно дело да му ја додели на господинот Тоде Кабровски од Сиднеј.

Тоде Кабровски е општествено политички и просветен работник, културен деец и учебникар. роден е во с.Ореово, Битолско.
Основно образование завршил во родното место, Учителска школа и Педагошка академија во Битола, а со самото доселување во Австралија, Господинот Тоде Кабровски активно се вклучува во општествениот живот на Македонците.

Во 1969 година станува член на КУД „Илинден’’, Рокдаел и на ФК Илинден. Член на МПЦ „Св Петка“ од 1977 година. Тој е еден од Иницијаторите за формирање на Добротворното друштво МАВА, а членува и во Migrant Resource Centre, Rockdale. Во 1975 година г-от Кабровски е член на иницијативниот одбор за отворање на првото етничко училиште во Нов Јужен Велс (македонски јазик), каде што е учител по македонски јазик, во Њутаун, 4 години. Господинот Тоде Кабровски е еден од првите иницијатори за формирање на Македонскиот просветен училишен одбор за Нов Јужен Велс, каде што бил, најпрво две години потпретседател, а потоа претседател на истиот во два наврати, каде што вкупно претседавал со Одборот 26 години, до 2004 година. Во тоа време, време на печалбари, учителите кои доаѓале од стари крај, наоѓале работа во фабриките и ја занемарувале стекнатата учителска диплома од Македонија. Тоде одел од врата на врата и ги молел учителите да дојдат и да предаваат македонски јазик во етничките училишта. Во тоа време во училиштата имало повеќе од 1000 ученици кои го изучувале македонскиот јазик. Овие податоци треба да бидат пример за денешниве родители и да ги мотивираат да ги испратат децата во македонските училишта. Како што реков заради бројот на учениците Тоде извесно време работел во повеќе училишта, меѓу кои и македонско етничко училиште „Св Климент Охридски“, Рокдаел – 12 години, бил учител во македонско етничко училиште „Св Кирил и Методиј“, Кенли Вајл – 4 години, во македонско етничко училиште „Стале Попов“, во Ричмонд – 6 недели, предавал на средношколците во гимназијата во Когра – 4 години, бил координатор на македонските саботни средни училишта – 13 години, а бил и член на Комисијата за изработка на наставен план и програма за средните училишта, член на Комисијата за составување на испитите, член на Комисијата за проверување на испитите.
Со неколку искусни професори и наставници Тоде е ко- автор на неколку учебници за наставата по македнски јазик. Тој бил Организатор и потпретседател на одборот за организирање Денови на македонска култура во НЈВ, а Четири пати има учествувано на семинари и конгреси во Р. Македонија.За последните 48 години Господинот Тоде Кабровски бил и сеуште е член на повеќе македонски организации и асоцијации
.Тој е и Justice of peace за македонската заедница, посебно од 1991-2003 година кога немало конзуларни претставништва (преведувал, составувал и оверувал полномоштва и други документи) на доброволна база, само да помогне на својот народ.
Од 1976 до 1995 година бил вклучен во политичкиот живот, во Работничката партија на Австралија.
Целиот свој работен век од 36 години, Кабровски го поминува во Телстра Кооперајшен Лимитед,каде што бил доста познат и ценет. Член бил на извршниот одбор на синдикатот за Телекомуникации. Четири години бил член на Комисијата за консултации во полициската станица во Когра.
Иако веќе подолго време е пензионер, Господинот Тоде Кабровски сеуште работи доброволно. Во последните три години тој e член во Мултикултурниот Одбор на заедниците за Нов Јужен Велс,каде што е еден од шесте директори. (Multicultural Community Council of New South Wales).
„Сета оваа активност се постигнува со огромна љубов кон својата татковина, кон земјата, јазикот, културата, кон својот народ“ , во една прилика за Тоде ќе рече неговата колешка, , Вера Бошевска.
Да се учествува во македонската заедница како член е важна и макотрпна работа, но да се биде пионер во воспоставувањето на културниот идентитет на македонската заедница во Австралија е доблесна работа. Тоа изискува креативност, вложување на сопственото време, несебичност и пожрвуваност. Сите овие атрибути го красат нашиот вечерашен лауреат, Господинот Тоде Кабровски.