СЕМАКЕДОНСКИ ЦРКОВЕН СОБИР САД

16.09.2014 година

Семакедонскиот Црковно-народен собир во САД, оваа година се одржа во Колумбус Охајо, во организација на МПЦО Пресвета Богородица, од 29-31 август 2014 година. На јубилејниот собир кој годинава ја одбележа 40 годишнината, присуствуваа претставници од црковни општини и други македонски организации од Канада и САД, а покрај големиот број на свештеници и неговото Високо Првосвештенство за Канада и САД, г-дин Методиј, на годинашната Конвенција присуствуваше и Архиепископот на Македонската Православна Црква Охридска Архипескопија, господин господин Стефан.

 

 

 

МАКЕДОНСКИ ФЕСТИВАЛ НА ХРАНАТА ВО АМЕРИКА

16.09.2014 година

На 13 и 14 септември 2014 година во градот Тотова, во државата Њу Џерси во организација на Црковната општина Свети Никола се одржа 5-тиот по ред Фестивал на македонската храна. Многуте учесници уживаа во прекрасната храна, но и преубавата македонска музика

 

 

 

ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ОД ДЕТРОИТ ЗА ТЕТОВО

16.09.2014 година


Тетовската епархија доби хуманитарна помош во облека. Донацијата е од македонските иселеници во САД, од црковната управа и верниците при храмот Рождество на Пресвета Богородица од Детроит, Мичиген.
Помошта беше предадена во манастирот Св. Ататнасиј во Лешок, а потоа беше распределена по целата епархија, на оние на кои им е најнеопходна.
Митрополитот Тетовско гостиварски г. Јосиф упати писмо со благодарност до верниците и управата на на храмот Рождество на Пресвета Богородица .

 

 

 

МАКЕДОНСКИ НАУЧНИК ДЕЛ ОД ТИМОТ НА УНИВЕРИЗТЕТОТ КОЛУМБИЈА ВО САД ШТО ГО ОТКРИ ПРЕДИЗВИКУВАЧОТ НА АУТИЗАМ

15.09.2014 година

АУТИСТИЧНИТЕ ДЕЦА ИМААТ ВИШОК ВРСКИ ВО МОЗОКОТ
Проф. д-р Горазд Росоклија е дел од тимот невролози при Медицинскиот центар на Универзитетот Колумбија во САД кој по повеќегодишно истражување одговори на прашањето што го предизвикува аутизамот. Научниците открија дека децата и адолесцентите со аутизам имаат вишок синапси во мозокот, што се должи на забавување на процесот на нивно "кастрење" (како кај нормален мозок) за време на развојот. Ова стои во извештајот на медицинскиот центар на Универзитетот Колумбија, каде проф.д-р Росоклија работи како професор по психијатрија.

Проф. д-р Горазд Росоклија
Извештајот за аутизмот е објавен во онлајн изданието на журналот "Неурон".
"Ова е значајно откритие што може да доведе до нова и многу неопходна терапевтска стратегија за аутизам", вели Џефри Либерман, професор на "Лоренс К. Колб", шеф на одделението за психијатрија при Медицинскиот центар на универзитетот Колумбија и директор на Државниот психијатриски институт во Њујорк.

 

 

 

За Денот на независноста македонското знаме подигнато и на Вол Стрит

15.09.2014 година


Во чест на Денот на независноста на РМ, а во организација на Генералниот конзулат на Република Македонија во Њујорк и Обединетата македонска дијаспора, се одржа церемонија на свечено подигнување на македонското државно знаме.

 

 

 

МАКЕДОНСКИ ЕТНОФЕСТИВАЛ ВО РОЧЕСТЕР

11.08.2014 година

Мирис на жешка скара и македонска музика го исполнија воздухот викендов во градот Рочестер, во државата Њујорк. Македонците што живеат таму ја покажаа својата гордост на 17. по ред Македонски етнофестивал. Тридневната прослава во македонската православна црква Св. Димитрија во предградието Хенриета вклучуваше автентична храна, облека, музика и оро. Македонската храна беше изложена со американската, како симбол на двете земји на кои им припаѓаат. Хот-дог наспроти ќебапи или тортички (капкејкс) наспроти баклава.
- Имаме по нешто за секого - изјави Пол Kордовски, организатор на фестивалот.
Тој додаде дека разновидната храна привлекува повеќе луѓе и додека ја јадат храната, дознаваат повеќе за локалното население.

Мнозинството од Македонците што живеат во Рочестер доаѓаат од Битола.

- Горди сме што сме Македонци, но и што живееме во Америка. Привилегирани сме што во Америка можеме да ја продолжиме нашата традиција и да ги негуваме нашите обичаи - додава Kордовски.

Црквата Св. Димитрија била изградена во средината на 70-тите години. Не поминало многу време кога верските лица добиле писмо од предградието на Рочестер, Хенриета.

Kордовски памети дека пишувало Добре дојдовте во Хенриета, наши сограѓани Грци. Забуната настанала поради тоа што многу Грци во Рочестер се од грчката покраина Македонија.

- Многу луѓе во Рочестер не знаеја за нашата мала нација од два милиона вели Kордовски, кој пријателите и семејството го знаат како Пандо.

Но тоа почнало да се менува благодарение на Македонскиот етнофестивал, кој првпат бил отворен на фудбалското игралиште на црквата во 1998 година. Фестивалот, во чии рамки се слават македонскиот јазик, храната, музиката и ората, годинава се одржа од 18 до 20 јули.

- Луѓето конечно знаат за нас, благодарение на фестивалот додава Пандо.

 

 

 

Петта годишна конференција на иселеничките организации во Република Македонија

25.07.2014 година

Во Скопје се одржа Петтата годишна конференција на Иселеничките организации

ДОСЕГА НАЈМАСОВНО И НАЈАВТОРИТЕТНО
Во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, во Амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа петтата по ред годишна конференција на иселеничките организации од Европа, Америка, Канада и Австралија.



Претставниците на иселеничките организации. ги поздрави и им се обрати директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Васил Наумов, кој се заблагодари за масовното присуство.

- Чувањето и негувањето на македонскиот јазик и културата, како и јазикот и културата на заедниците, државјанството и избирачкото право, организираност и поврзаност на иселениците од Македонија и нивната соработка со Агенцијата за иселеништво, како и остварување на пензиско право на иселениците, се темите кој ги најави директорот Васил Наумов, на конференцијата на која присуствуваа 115 претставници од 143 иселенички организации од четири континенти и 20 гости меѓу кои и претставници на македонското малцинство во соседните земји.

Тие претставуваат околу 250.000 иселеници од Македонија во странство, информираше Васил Наумов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија

Конференцијата за отворена ја прогласи претседателот на Собранието на Република Македонија господинот Трајко Велјановски. Тој ја поздрави оваа конференција, како значајна за натамошниот развој на с она што е македонско во дијаспората и потребата континуитетот не само да продолжи, туку и да се проширува со нови содржини.


-Нашите иселеници биле и ке бидат значајни компоненти во развојот на нашата земја во целина и грижата за тоа треба да биде постојана, нагласи меѓу другото Велјановски.


Конференцијата траеше два дена и имаше безброј излагања и дискусии, кои привлекоа внимание кај сите присустни, како Лилјана Лазареска професор по македонски јазик во Јабука, Р.Србија, потоа, Лилјана Стоилковска Андоновска од Малме, Шведска, Марта Елефтеридаис, наставник по македонски јазик во Мелбурн, Австралија, Васил Тоциновски од Заедницата на Македонците во Р.Хрватска, книгата на Гордана Димовска од Мелбурн, Австралија- Вечна светлина над Македонија која ја презентираше Вангелко Лозаноски, Александар Спасов и Гоце Дуртаноски имаа успешно излагање и презентација на тема Граѓанската дипломатија и афирмација на Македонија во светот, Трајче Бошковски од АХАМ зборуваше за поврзаноста на хуманитарните македонски организации со Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Васко Ангеловски од Охридското социјално друштво Св.Наум Охрдиски од Мелбурн, како и многу други.



На вториот ден од Конференцијата се обрати министерот за надворешни работи г-дин Никола Попоски кој најави стипендии за младите студенти, како и нивно вклучување во стажирањето во Република Македонија, а воедно одговараше и на прашањата поставени од претставниците на иселеничките организации.

Претставници од повеќето министерства на Владата на Република Македонија одговараа и на прашањата на нашите иселеници на темите: пензиското и инвалидско осигурување во Македонија и правата на нашите иселеници, како и за државјанството и избирачкото право.

На конференцијата се обратија и пратениците од дијаспората во Собранието на Република Македонија - Ристо Манчев (Европа и Африка), Павле Саздов (Северна и Јужна Америка) и Васко Наумовски (Австралија и Нов Зеланд), на кои претставниците на иселеничките организации им поставуваа прашања за своите потреби и барања на кои пратениците им даваа одговори насоки и објаснувања.

На крајот од Конференцијата претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, додели одликувања и признанија, под мотото Македонија памти, за особени заслуги и достигнувања на физички и правни лица од Иселеништвото, за афирмација на Република Македонија во светот.

-Македонија е земја на хумани луѓе, Македонците отсекогаш давале и помагале, а вие иселениците ја негувате ова длабока македонска традиција и секој ваш успех е и успех за Македонија, истакна меѓу другото претседателот Иванов.






ДОБИТНИЦИ НА ОДЛИКУВАЊАТА И ПРИЗНАНИЈАТА ЗА 2014 ГОДИНА


Македонски организации од дијаспората:
Хуманитарна организација Надеж - Мелбурн, Австралија
Добротворна организација Св. Архангел Гаврил - Нов Јужен Велс, Австралија.
Македонска добротворна организација МЦЊА Викторија,Австралија
Македонска општина од Западна Австралија
Македонско друштво Илинден , Хановер, Германија
Заедница на Македонците во Република Хрватска
Весникот Македонија од Торонто, Канада
Радио Вардарски Бранови- Канада
Радио Програма Обединета Македонија, Торонто, Канада
Македонски комитет за човекови права од Њу Џерси, САД.

Поединци, иселеници- медал за заслуги на Македонија:
Андон Дончевски, иселеник во Австралија
Владимир Стрезов , иселеник во Австралија
Зоран Костадинов, иселеник во Швајцарија
Ердован Етоски , иселеник во Швајцарија
Спасо Божинов, иселеник во Германија
Омер Калеши иселеник во Франција
Ристо Стефов, иселеник во Канада
Борис Папучкоски, иселеник во САД.

 

 

 

Македонската дијаспора загуби голем Македонец

23.04.2014 година

Детроит, САД
Македонската дијаспора загуби голем Македонец

Мишко Васовски

Македонците и нивните водачи во дијаспората, поточно во САД и Канада загубија еден активен член на заедницата, кој целиот свој живот го имаше посветено на Македонија и Македонците.
Роден Тетовчанец, Мишко Васовски, поголемиот дел од својот живот го помина во Детроит, како дел од најактивната македонска колонија.
Уште од иницијативата за збратимувањето на Тетово со Стерлинг Хајтс во 1982 година, неговата активност ги надмина рамките на Црковношколската општина Раѓање на Пресвета Богородица од градот Ворен, чиј член, активист и претседател беше речиси целиот свој живот во САД.
Неговата политичка иницијатива и ангажираност го стави во првите редови на комисијата за Референдум за осамостојување на Република Македонија, која што го спроведе Референдумот во Детроит.
Мишко беше Претседател на Американско-македонската асоцијација и член на Македонско-американскиот Совет, Советот на Македонската Заедница Национален Центар Детроит, Потпретседател на Американско- македонската бизнис асоцијација, еден од координаторите на Фондот за помош на Македонија. Во 2001-та тој беше и потписник на преписката со претседателот Џорџ Буш, што предходеше на признавањето на уставното име Република Македонија.
Мишко Васовски беше активен член и на World Medical Relief преку која беа испратени повеќе пратки на медицинска и техничка помош за македонските болници, но исто така беше дел од речиси сите активности во македонската заедница и вгради дел од своето битие како во Детроит така и во Тетово и на Попова Шапка, каде што беше дел од одборот за изградба на манастирот Св.Наум Охридски Чудотворец.
Изразуваме искрено сочувство до семејството на Мишко Васовски и до сите Македонци, како во дијаспората во САД и Канада така и пошироко низ светските меридијани, но особено до неговите тетовчани!