СЕМАКЕДОНСКА ВЕЧЕР

02.05.2014 година


КУД Александар Македонски III, организира игранка оваа сабота(3/5/2014), со почеток во 6.30 pm во прекрасната црковна сала на црквата Света Злата Мегленска одHoppers Crossing (12-14 Lentini st. Hoppers Crossing).

Со гордост ги покануваме сите љубители на македонските традиционални ора и сплетови да ја посетат оваа прекраснаСемакедонска вечер. На оваа вечер ќе се претстават 8 групи од три културно уметнички друштва: Бисер од Џилонг, Илинден од Footscray и Александар Македонски III. После настапот на културно уметничките друштва продолжуваме со веселба со музичката група Спектар, до раните утрински часови.
Влезницата е само $15 за возрасни и $10 за деца над десет години.

 

 

 

ВЕЛИГДЕН ПРОСЛАВЕН ВО МПЦ СВЕТИ НИКОЛА - ПРЕСТОН

23.04.2014 година


Македонците ширум Австралија го прославија големиот Христијански празник Христовото Воскресение..
За христијаните, Велигден е празник на љубовта и мирот и симбол на триумфот на животот над смртта.
Христијанството н поучува на почитување на духовните вредности, но и на човекољубие и милосрдие, посочувајќи дека сите сме исти пред Бога и дека љубовта, почитувањето на различните, семејните вредности и човечката добрина секогаш се возвраќаат.
Како и по традиција на овој ден голем број Македонци присуствуваа во Македонскиот православен храм Св. Никола во Престон, свето место со најмногу верници, на овој голем празник кај Македонската заедница.
Вечерната богослужба започна во 23 часот се до 23,45 часот каде сите верници и свештенството се упатуваат надвор пред храмот и се започнува со вртење околу истиот.
Оваа година се забележа присуството на повеќе млади верници и многу студенти од Македонија што се школуваат во Мелбурн, а меѓу верниците беа забележани и неколку млади Руси.

Следеше читање на Велигдненското послание од Надлежниот Епархиски Архиреј Владиката Г-дин Петар.
Христос Воскресе. Навистина Воскресе!

 

 

 

Македонските камбани бијат и во Европа и во Австралија

23.04.2014 година


Верските храмови во дијаспората, покрај тоа што служат за практикување на црковните обреди, се и место за дружење на македонските иселеници. Таму заедно го поминуваат велигденскиот ручек, а навечер подготвуваат празнични забави

Иако се иселени во други земји и далеку од своите огништа, сепак Македонците наоѓаат начин на афирмирање на православната вера, култура, традиција и обичаи. Преку славењето на религиозните празници им ги пренесуваат обичаите на своите деца. Велат дека, и покрај тоа што не се во татковината, не постои нешто што би ги намалило нивната значајност и потребата од достоинствено одбележување.

Токму велигденските празници го поттикнуваат нивното зближување и дружење. Тогаш македонските православни цркви се масовно посетени. Свештениците што го одржуваат духовниот живот во Европа и во Австралија раскажуваат за своите претпразнични подготовки, како и за редот по кој според правилата на Македонската православна црква-ОА се одвиваат литургиите, кои масовно се посетени од верниците.

Сепак, треба да се напомене дека верските храмови во дијаспората, покрај тоа што служат за практикување на црковните обреди, се и место за дружење на македонските иселеници. Таму заедно го поминуваат велигденскиот ручек, а навечер подготвуваат празнични забави.

Младите ги негуваат обичаите во Швајцарија

Почнувајќи со Лазарева сабота, а потоа Цветници, во единствениот новоизграден духовен објект во германскиот дел на Швајцарија во Тринген, посветен на свети Наум Охридски, велигденските празници почнуваат да се слават со заедничка молитва. Отецот Горан Мантаровски раскажува како Македонците што живеат во тој дел од Европа се подготвуваат да го прослават Велигден.

Вели дека голем број верници доаѓаат да се исповедаат, да се причестат и да се консултираат како да постат последната недела од велигденскиот пост.

- Оваа година на овие два празника кај нас ќе биде и европскиот владика Пимен, со кого ќе се одржат две богослужби - додава отецот Горан.

На Лазарева сабота, вели отецот, имавме деца од нашите македонски училишта што ќе бидат присутни на литургијата, а потоа заедно се учиме за верата Христова и за традицијата за православните обичаи. Заедно ги приготвуваме и велигденските јајца.

- На велигденската богослужба имаме многу наши верници што доаѓаат од сите краишта на Швајцарија. Црковната општина од Тринген организира голема велигденска забава. Значи, по богослужбата сите одат на најголемата велигденска прослава во Европа - вели отецот Горан.

За сето тоа му благодари на Бога и се надева дека ќе продолжи да ги поучува младите, за да не ги заборават нашите традиции и обичаи и да ја чуваат нашата православна вера.

- За мене како свештеник во Швајцарија ми причинува најголема радост кога и во неделните богослужби, ќе видам како децата во ред, кротко и смирено пристапуваат кон светата тајна причест - вели отецот Горан.

Црквата во Лондон била најубава

Во Лондон, по иницијатива на мала група православни христијани, во 1993 година се формирала црковна општина посветена на свети Архангел Михаил и сите свети ангели, која успевала да организира богослужби само еднаш годишно за Велигден. Но жедта за црквување и духовно растење во верата кај помала група православни Македонци тлеела од поодамна, па затоа во 2007 година бил назначен свештеник за оваа црковна општина. Веќе од наредната година бил изнајмен храм од Англиската црква во населбата Сохо во Лондон. Таму се богослужи на македонски јазик.

Отецот Виктор вели дека во недела обично има педесетина верници, но се собираат и по 80-90 луѓе. Истакна дека поради географската големина на Лондон и оваа бројка е задоволителна.

- Ако го прашате владиката Пимен која од црквите е најубава, ќе ви рече дека тоа е таа во Лондон, иако не е изграден македонски храм - додава отецот Виктор.

Во 2010 година е формирано и неделно црковно училиште по македонски јазик, кое го посетуваат петнаесетина деца. Оваа година се отвориле уште три паралелки, една во Лондон и по една во Нортхемптон и во Оксфорд.

Сепак, најголемата прослава се случува за Божиќ, а особено на Велигден, кога во нашата мала црква може да има и по 600-700 верници.

- Ова е празникот кога особено децата и возрасните се највозбудени и најрадосни. Тоа е празник за очите и за душата - додава отецот.

Во Италија се слави исто како и во татковината

Црковната општина Свети Прохор Пчињски во Пјаченца е една од двете цркви што функционираат во Италија. Неа ја сочинуваат околу 5.000 Македонци што живеат во градот и во околината. Отецот Климент Мишањ веќе четири години го развива тамошниот духовен живот.

- Минатата година го прославивме десетгодишниот јубилеј. Секоја недела и празник во текот на годината се богослужи света литургија според типикот на Светата црква. Така, и за време на велигденските празнувања, се постапува според определеното правило за богослужение, исто како и во татковината - вели отецот Климент.

Оваа година за Велигден, додава отецот, ќе бидат удостоени со присуството на владиката Пимен, кој ќе ги води богослужбите за време на Страсната седмица и Воскресението Христово.

Богослуженија имаме преку неделата на Величетврток ќе се отслужи света архијерејска литургија во Неиве, каде што се наоѓа другата наша црковна општина, под духовно раководство на протојерејот Михајло Матевски, а на која ќе се подготват пригодни дарови што ќе се користат во текот на годината за причестување болни. Истата вечер, со почеток од 19.30 ч., ќе се читаат 12-те многустрадалните евангелија. Во неделата, на Велигден, ќе има утринска литургија и читање на Воскресното евангелие на разни јазици, а вечерта ќе се организира велигденска забава.

Река од верници во Австралија

Прославата на празниците е обединувачка алка меѓу верниците. Тоа го зацврстува ткивото на македонскиот идентитет на оние што живеат далеку од матичната земја. Вака отецот Спасе, свештеник во пензија, раскажува за своите искуства додека служел во црквите во Австралија.

- Нема отстапувања во практикувањето на црковниот живот. Сѐ се прави исто како и во црквите во Македонија - одговара отецот Спасе.
Се присетува дека околу црквата во Мелбурн се правела река од верници. Таа слика изгледала волшебно. Дури и полицијата морала да обезбедува.

- Таму велигденските празници се работни денови, па затоа верниците одат во црква по завршувањето на дневните обврски. Тогаш започнуваат црковните обреди - додава свештеникот.

Според него, масовната прослава на Велигден во Австралија предизвикува голема заинтересираност во австралиската јавност, а особено кај другите етнички заедници.
превземено од Нова Македонија

 

 

 

НОВО ИЗДАНИЕ НА ПОЛИТЕКОН ЛЕРИН ВО КРВ (Lerin in Mourning)

07.04.2014 година

Во издание на издавачката куќа Политекон од Австралија излезе англиското издание на книгата Лерин во крв. Книгата може да се чита онлајн, но и да се симне бесплатно, додека печатеното издание чини 25 долари вклучувајќи ги поштенските трошоци за Австралија и 35 долари за земјите од светот.
Онлајн изданието на книгата може да се најде на www.pollitekon.com

 

 

 

ДОНАТОРСКА АКЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ

07.04.2014 година


На 3 мај 2014 година, во просториите на Македонскиот културен центар Илинден ќе се одржи третата донаторска акција за борба против ракот. На изминатите две донаторски акции беа собрани околу 12.500 долари и целиот износ беше дониран на Советот за рак од Нов Јужен Велс.
Поканети се сите хумани луѓе да присуствуваат и донираат на оваа акција која ќе помогне во истражувањата за ракот.

 

 

 

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИ ЗА ЗАСЛУГА

07.04.2014 година

По повод 36 годишнината од постоењето на Литературното друштво Григор Прличев од Сиднеј

Минатиот петок, 4 април, во просториите на Литературното друштво Григор Прличев, по повод 36 годишнината од постоењето на истото, се одржа пригодна средба на која на некои членови им се доделија посебни награди за заслуга за минатогодишната работа во промовирање на македонскиот јазик и литература во Австралија.

За најдобра издадена книга на годината беше прогласена Угрејсонце во мојот сон од Иван Трпоски која минатата година ја доби престижната награда за поезија Стојан Христов. Минатата година Друштвото издаде шест наслови.



За доброволец на годината кој ги помогнува сите активности на Друштвото беше прогласен Ванчо Салиоски.

За најплоден читател на книги во Библиотеката Григор Прличев беше прогласен Димитар Мојановски.

За најдобар спонсор - финансиски поткрепител на Друштвото беше прогласен Димче Џајкоски од Туристичката агенција Македон.

За најдобри финансиски поткрепители во издавањето на македонски книги беа прогласени Др Васил Тулевски и Др Маја Цветковска.

Честитки до добитниците кои имаат голема заслуга во промовирањето на македонскиот јазик, литература и култура во Австралија.



Душан Ристевски

 

 

 

ПРОМОВИРАНА КНИГАТА УГРЕЈСОНЦЕ ВО МОЈОТ СОН ОД ИВАН ТРПОСКИ

06.04.2014 година

Во Сиднеј

Минатиот петок, 28 март, во просториите на градската библиотека во Хрствил, предградие на Сиднеј, во пристуство од стотина посетители Литературното друштво Григор Прличев ја промовира книгата избор поезија Угрејсонце во мојот сон (The sunrise in my dream) од поетот Иван Трпоски. Оваа книга минатата година на Интернационалниот поетски фестивал Струшките вечери на поезијата ја доби престижната награда Стојан Христов. Книгата ја промовира Др Битриз Копело, видна австралјанска поетеса и писателка, а поезија читаше Др Ирена Вељанова. Промоцијата се одржа во соработка со Општината Хрствил како дел од нивната програма таканаречена Зборување со автори.


 

 

 

Поезија на Жаклина Михајлова објавена во светска Антологија на хаику поезијата во Романија

06.04.2014 година

Деновиве беше објавена светската Антологија на хаику поезија Острење на зелениот молив за 2014, во Романија. Меѓу автори од целиот свет, во потесниот избор беше застапена поезија на поетесата Жаклина Михајлова, објавена на англиски , македонски и романски јазик.
Жаклина Михајлова твори на македонски јазик, но живее и работи во Сиднеј, Австралија, каде што , покрај другите активности, активно работи на промоција на македонската култура и македонскиот јазик.