Соопштенија

Награда "Стојан Христов" за поетите иселеници од Македонија на Струшките вечери на поезијата

13.04.2016 година

Почитувани!

Согласно надлежноста на Агенцијата за иселеништво за помагањето на културниот развој на иселениците од Македонија, оваа година по седми пат Агенцијата за иселеништво преку вклучување во Програмата на Струшките вечери на поезијата, ќе доделува награда за поетите иселеници од Македонија.
За таа цел Ве замолуваме да ги известите членовите на Вашата организација кои се занимаваат со пишување поезија и кои имаат издадено книга, да се пријават во Агенцијата за иселеништво.
Книгите со кои ќе се конкурира ќе бидат оценети од страна на стручното жири на Струшките вечери на поезијата, а наградата за поетите иселеници од Македонија ќе ја додели Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Поетите можат да конкурираат и со постари дела.
Заинтересираните поети, иселеници од Македонија, своите дела треба да ги испратат во Агенцијата за иселеништво до крајот на месец јуни 2016 година.
Минатата година наградата "Стојан Христов" за најдобра збирка поезија ,,Ода за Орфеј“ ја доби г-ѓа Снежана Алексиќ Станојловиќ, иселеник од Македонија која живее во Србија.

Директор
Васил Наумов

 

 

 

Почина г-дин Владо Ралев

04.04.2016 година

Силно не потресе веста за загубата на на г-дин Ралев, загубивме голем човек кој зрачеше со скромност, хуманост, трпение, патриотизам! Можеше со часови да говори и со интерес да го слушаме, имаше секогаш што да каже, помагаше без да се побара од него. Безрезервно ја сакаше својата татковина и својот народ.
-„Не ми треба одликување“ рече
-„Дајте им на помладите“
Вакви патриоти и требаат на Македонија!!!
Вечна му слава и нека почива во мир
Од вработените во Агенцијата за иселеништво на Република Македонија

 

 

 

,,Македонија препознава и вреднува,,

09.02.2016 година

Агенцијата за иселеништво на Република Македонија во рамки на проектот на Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов ,,Македонија препознава и вреднува,,

ИНФОРМИРА

Се информираат иселеничките организации и иселениците од Македонија, дека во рамки на проектот „Македонија препознава и вреднува“, можат да достават иницијативи за доделување на одликувања и признанија за особени заслуги и достигнувања на физички и правни лица од иселеништвото, за афирмација на Република Македонија во светот, во сите области на општествено делување.
Иницијативите (пополнети апликации) да се достават заклучно до 1 мај 2016 година, на адреса:

Кабинет на Претседателот на
Република Македонија
Вила „Водно“
ул. „Ацо Караманов“, 33А
1000 Скопје, Република Македонија
телефон: 02 3253 124
e-mail: contact@president.mk

Образецот за пополнување на апликациите е достапен на Интернет страната http://www.emigration.gov.mk

ПРИЈАВА ЗА ПРАВНИ ЛИЦА (ОРГАНИЗАЦИИ)
ПРИЈАВА ЗА ФИЗИЧКИ ЛИЦА (ПОЕДИНЦИ)
Напомена:
Иселениците и иселеничките организации кои минатите години доставија пополнети апликации нема потреба повторно да ги праќаат истите, доколку не сметаат дека треба да ги дополнат со нови информации. Агенцијата за иселеништво и Кабинетот на Претседателот располагаат со претходно доставените досиеја.
Апликациите кои ќе бидат добиени по дадениот рок, ќе бидат разгледувани наредната година.


Директор,
Васил Наумов

 

 

 

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА ИСЕЛЕНИЧКИ ФЕСТИВАЛ

11.12.2015 година

Г-дин Ордан Ристески, музички уметник, иселеник од Македонија кој живее во Франкфурт, Германија, организира Иселенички фестивал на новокомпонирани песни во Прилеп, кој ќе се одржи на 10 јули 2016 година, во соработка со Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
На овој фестивал се планира да учествуваат 15-20 исполнители од иселеништвото со песни кои би ги снимале во студио во Македонија.
Фестивалот ќе има ревијален карактер со доделување на поединечни благодарници или соодветни пакети за учество што ќе им се доделат на учесниците.
Учесниците за време на престојот во Прилеп ќе имаат можност да остварат средби со личности од политичкиот живот и прием во Локалната самоуправа и концертен настап.
Сместувањето во хотел на учесниците за време на манифестацијата ќе биде обезбедено од страна на организаторот.
Со цел да се реализира Иселеничкиот фестивал, ги повикуваме сите иселеници кои се занимават со музика и пеење да се пријават за учество на овој концерт.

Учеството на Иселеничкиот фестивал можете да го пријавите на интернет адресата на Агенцијата за иселеништво
info@minisel.gov.mk

Изготвил: Костова Билјана
Раководител на Сектор за одржување и унапредување на врските со иселениците



Директор,
Васил Наумов

 

 

 

СООПШТЕНИЕ ЗА КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ВО КУЛТУРАТА ЗА 2016

22.09.2015 година

ПОЧИТУВАНИ,

ВЕ ИЗВЕСТУВАМЕ ДЕКА ВО ТЕК Е ГОДИШНИОТ КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ВО КУЛТУРАТА ЗА 2016, КОЈ ГО ОБЈАВУВА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА. ЗА ПОДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ КРИТЕРИУМИТЕ И РОКОТ НА КОНКУРСОТ ПОСЕТЕТЕ ЈА ИНТЕРНЕТ СТРАНАТА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

http://www.kultura.gov.mk/index.php/konkursi/2162--godisen-konkurs-za-finansiranje-proekti-od-nacionalen-interes-vo-kulturata-za-2016-godina

 

 

 

Снежана Алексиќ Станојловиќ е добитник на наградата Стојан Христов во рамки на Манифестацијата Струшки вечери на поезијата 2015

04.09.2015 година

Награда"Стојан Христов" за најдобра книга поезија напишана од поет иселеник од Македонија која ја доделува Агенцијата за иселеништво во рамиките на Струшки вечери на поезијата, оваа година ја доби г-ѓа Снежана Алексиќ Станојловиќ од Нови Сад за збирката поезја Ода за Орфеј.
г-ѓа Снежана Алексиќ Станојловиќ е родена во Белград, се школувала во Македонија, Хрватска и Србија а денес работи и твори во Нови Сад. По професија е професор по одделенска настава. До сега ја има објавена стихозбирката ,,Побарај ме“и уште три стихозбирки. Стихозбирката ,,Ода за Орфеј“ е издадена во Скопје 2014, рецензијата и мислењето се од страна на проф.д-р.сц. Васил Тоциновски и Перо Зубац. Г-ѓа Снежана Алексиќ Станојловиќ е активен член на Здружението на македонската заедница во Нови Сад „Кирил и Методиј“.

 

 

 

,,Иселеничка културна средба“

07.08.2015 година

На 23 јули 2015 година, Агенцијата за иселеништво одржа ,,Иселеничка културна средба“ во Амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на која се промовираа активности поврзани со чување и негување на македонската култура во иселеништвото од страна на претставници на иселенички организации.
Во рамки на Иселеничката културна средба се промовираа и книги од автори иселеници од Македонија кои творат на мајчин јазик надвор од Република Македонија, со цел да се зачува македонскиот јазик и култура.
Присутните иселеници од Македонија и нивните гости имаа можност да ги проследат следните промоции:

Промоција на новоиздадена книга „Во друга светлина“ од Ивица Челиковиќ, иселеник од Гетеборг

Промоција на новоиздадена книга „Шепотот на љубовта“ од Стојан Ѓоргиев, иселеник од Берлин

Промоција на книгата „Одблесоци од вечноста“ од Нове Младеновски, иселеник од Мелбурн

Презентација на АНСАМБЛ МАКЕДОНКА од Торонто, 55 годишен јубилеј од формирање, основач, Алек Петличков

Презентација на 40 годишна настава по македонски јазик во Канада, наставник Благица Дафовска

Презентација на наставата по македонски јазик во Словенија, наставник Зекирија Шаиновски

Презентација на Македонско-Австралскиот театар од Сиднеј, Васко Србиновски

„Како е претставена Македонија во данските библиотеки“ Силвана Миленкова од Македонско здружение Филип II Македонски

Презентација на автобиографијата „40 години во знакот на поврзувањето и клавирскиот мозаик“ од г-ѓа Јагода Тренеска Цветичанин од Осијек, Хрватска

 

 

 

Обраќање по повод доделувањето Повелба на Република Македонија на здруженија од дијаспората

22.07.2015 година

Вторник, 21 Јули 2015
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Браќа и сестри,

Чест ми е да ве поздравам во нашата заедничка татковина, Република Македонија.

Македонската дијаспора секогаш давала големи луѓе. Еден од нив е и македонскиот револуционер, новинар и публицист, Ангел Динев. Во 1935 година, пред точно 80 години, Динев започнал да го издава неделникот „Македонски вести", кој одиграл многу значајна улога во ширењето на идеите за слободна и самостојна Македонија.

Меѓу бројните текстови, еден е целосно посветен на улогата на македонската дијаспора.

Во оваа своевидна декларација за дијаспората, Динев вели дека дијаспората треба да ги култивира кај своите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, во чии души треба да поддржува љубов спрема татковината... Дијаспората треба да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници. Да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби... Да ги велича и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци... И, со сè што прави, да создава пријатели на Македонија.

Драги пријатели,

Денес сме тука за да им се заблагодариме на пет организации кои го исполнуваат заветот на Динев.



Ансамблот „Македонка" го прошири македонското оро во Канада и пошироко. Многу добро се сеќавам на прекрасните ора што ги игравте пред две години, во црквата „Св. Климент Охридски" во Торонто кога бев во посета на пријателска Канада. Со вашата игра вие целосно го доловивте македонскиот дух на непокор.

Тука се и членовите на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј, кој со автентични македонски драми секогаш успева да адресира важни општествени теми и да пренесе значајни пораки и за Македонија и за Австралија.

Охридското социјално друштво од Мелбурн останува доследно на заветот на големиот лекар на душата и на телото – Св. Наум Охридски. Со вашите инвестиции во здравството, вие секогаш им помагате на сонародниците од Македонија.

Со нас се и претставници на Македонско-француската асоцијација, која веќе цела деценија го негува делото на големиот Блаже Конески и го утврдува македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина.



Културното и спортско друштво „Преспа-Бирлик" од Шведска само по себе е сведоштво за мултиетничноста на македонската дијаспора, за придобивките на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста.

Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Вие сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, добротворството и спортот.

Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.

Затоа, како претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани, но и во мое, лично, име сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува.

Затоа, со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме. Да бидеме пример за оваа и за идните генерации.

Дами и господа,

Започнав со Динев и со него сакам да завршам. На едно место во декларацијата за дијаспората, тој предупредува дека „со распокинати сили, во натегната атмосфера, при заемна недоверба... самите си нанесуваме штета едни на други..."

Овој опис, за жал, премногу потсетува на атмосферата во која денес сè уште се наоѓа Република Македонија.

И македонската дијаспора е загрижена за оваа состојба, бидејќи, сè што се прави во татковината неминовно се рефлектира и на дијаспората. Не смее да се заборави дека Република Македонија не е само држава на македонските граѓани што живеат во неа, туку и татковина на нејзината дијаспора што живее надвор од неа.

Сакам да знаете дека, како што сме одговорни и пред граѓаните, така сме одговорни и пред дијаспората, која и во најтешките мигови за Македонија била тука, и секогаш ќе биде тука за нас. Верувам дека ќе ја искористите секоја можност за да помогнете и во овој период на предизвици. И дека сплотени ќе продолжиме да ја остваруваме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење.

Ви благодарам.