Петта годишна конференција на иселеничките организации во Република Македонија

Петта годишна конференција на Иселеничките организации

25.07.2014 година

Во Скопје се одржа Петтата годишна конференција на Иселеничките организации

ДОСЕГА НАЈМАСОВНО И НАЈАВТОРИТЕТНО
Во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, во Амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа петтата по ред годишна конференција на иселеничките организации од Европа, Америка, Канада и Австралија.



Претставниците на иселеничките организации. ги поздрави и им се обрати директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Васил Наумов, кој се заблагодари за масовното присуство.

- Чувањето и негувањето на македонскиот јазик и културата, како и јазикот и културата на заедниците, државјанството и избирачкото право, организираност и поврзаност на иселениците од Македонија и нивната соработка со Агенцијата за иселеништво, како и остварување на пензиско право на иселениците, се темите кој ги најави директорот Васил Наумов, на конференцијата на која присуствуваа 115 претставници од 143 иселенички организации од четири континенти и 20 гости меѓу кои и претставници на македонското малцинство во соседните земји.

Тие претставуваат околу 250.000 иселеници од Македонија во странство, информираше Васил Наумов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија

Конференцијата за отворена ја прогласи претседателот на Собранието на Република Македонија господинот Трајко Велјановски. Тој ја поздрави оваа конференција, како значајна за натамошниот развој на с она што е македонско во дијаспората и потребата континуитетот не само да продолжи, туку и да се проширува со нови содржини.


-Нашите иселеници биле и ке бидат значајни компоненти во развојот на нашата земја во целина и грижата за тоа треба да биде постојана, нагласи меѓу другото Велјановски.


Конференцијата траеше два дена и имаше безброј излагања и дискусии, кои привлекоа внимание кај сите присустни, како Лилјана Лазареска професор по македонски јазик во Јабука, Р.Србија, потоа, Лилјана Стоилковска Андоновска од Малме, Шведска, Марта Елефтеридаис, наставник по македонски јазик во Мелбурн, Австралија, Васил Тоциновски од Заедницата на Македонците во Р.Хрватска, книгата на Гордана Димовска од Мелбурн, Австралија- Вечна светлина над Македонија која ја презентираше Вангелко Лозаноски, Александар Спасов и Гоце Дуртаноски имаа успешно излагање и презентација на тема Граѓанската дипломатија и афирмација на Македонија во светот, Трајче Бошковски од АХАМ зборуваше за поврзаноста на хуманитарните македонски организации со Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Васко Ангеловски од Охридското социјално друштво Св.Наум Охрдиски од Мелбурн, како и многу други.



На вториот ден од Конференцијата се обрати министерот за надворешни работи г-дин Никола Попоски кој најави стипендии за младите студенти, како и нивно вклучување во стажирањето во Република Македонија, а воедно одговараше и на прашањата поставени од претставниците на иселеничките организации.

Претставници од повеќето министерства на Владата на Република Македонија одговараа и на прашањата на нашите иселеници на темите: пензиското и инвалидско осигурување во Македонија и правата на нашите иселеници, како и за државјанството и избирачкото право.

На конференцијата се обратија и пратениците од дијаспората во Собранието на Република Македонија - Ристо Манчев (Европа и Африка), Павле Саздов (Северна и Јужна Америка) и Васко Наумовски (Австралија и Нов Зеланд), на кои претставниците на иселеничките организации им поставуваа прашања за своите потреби и барања на кои пратениците им даваа одговори насоки и објаснувања.

На крајот од Конференцијата претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, додели одликувања и признанија, под мотото Македонија памти, за особени заслуги и достигнувања на физички и правни лица од Иселеништвото, за афирмација на Република Македонија во светот.

-Македонија е земја на хумани луѓе, Македонците отсекогаш давале и помагале, а вие иселениците ја негувате ова длабока македонска традиција и секој ваш успех е и успех за Македонија, истакна меѓу другото претседателот Иванов.






ДОБИТНИЦИ НА ОДЛИКУВАЊАТА И ПРИЗНАНИЈАТА ЗА 2014 ГОДИНА


Македонски организации од дијаспората:
Хуманитарна организација Надеж - Мелбурн, Австралија
Добротворна организација Св. Архангел Гаврил - Нов Јужен Велс, Австралија.
Македонска добротворна организација МЦЊА Викторија,Австралија
Македонска општина од Западна Австралија
Македонско друштво Илинден , Хановер, Германија
Заедница на Македонците во Република Хрватска
Весникот Македонија од Торонто, Канада
Радио Вардарски Бранови- Канада
Радио Програма Обединета Македонија, Торонто, Канада
Македонски комитет за човекови права од Њу Џерси, САД.

Поединци, иселеници- медал за заслуги на Македонија:
Андон Дончевски, иселеник во Австралија
Владимир Стрезов , иселеник во Австралија
Зоран Костадинов, иселеник во Швајцарија
Ердован Етоски , иселеник во Швајцарија
Спасо Божинов, иселеник во Германија
Омер Калеши иселеник во Франција
Ристо Стефов, иселеник во Канада
Борис Папучкоски, иселеник во САД.

 

 

 

Петта годишна конференција на иселеничките организации во Република Македонија

14.05.2014 година

До сите македонски иселенички организации и асоцијации

Предмет: Покана за учество на Петтата годишна конференција на иселеничките организации во Република Македонија


Почитувани,

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поканам да земете учество на Петтата годишна конференција на иселеничките организации, што ќе се одржи на 23 и 24 јули 2014 година во Скопје во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи, во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Исто како и минатата година и оваа година очекуваме Конференцијата да биде отворена од страна на Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.

Дневен ред на Конференцијата:

1. Чување и негување на македонскиот јазик и култура како и јазикот и културата на припадниците на заедниците во Република Македонија кои не се мнозинство и поддршка на конкретни проекти и активности на иселениците и иселеничките организации од страна на надлежните државни органи

2. Државјанство и избирачко право

3. Организираност и поврзаност на иселениците од Македонија и нивните организации во светот и нивна соработка со Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и организирање на форуми на иселеници според одделни професии

4. Остварување на пензиско право на иселениците

5. Завршни дискусии (прашања и одговори) со пратениците од дијаспората

6. Свечено затворање на Петтата годишна конференција на иселенички организации и доделување на одликувања и признанија "Македонија памти" за особени заслуги и достигнувања на физички и правни лица од иселеништво, за афирмација на Република Македонија во светот, во сите области на општествено делување од страна на Претседателот на Република Македонија Н.Е. д-р Ѓорге Иванов

Ве молиме присуството на претставниците од вашата огранизација да го потврдите во Агенцијата за иселеништво најдоцна до 30 јуни 2014 година. Доколку претставниците имаат интерес за свои излагања по наведените теми, ве молиме да ги најавите до наведениот датум, а за подетални информации околу Програмата ќе ве известиме веднаш по нејзиното изготвување.


e-mail: info@minisel.gov.mk или
тел: 00389 23118 633
факс 00389 23118 539




Директор
Васил Наумов