Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Мајкл Таневски

МАКЕДОНЕЦОТ МАЈКЛ ТАНЕВСКИ СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО ТАНЦУВАЊЕ

Таневски, 11-годишно Македонче што живее во Сиднеј, пролетва на интернационален натпревар во САД бил најдобар од 10.000 млади танчари и пејачи од целиот свет, а поради талентот за играње и пеење, во Австралија го нарекуваат и “белиот Мајкл Џексон".

Мајкл Таневски, млад Македонец што денес со своите родители живее во Австралија, неодамна стана светски шампион на интернационален натпревар за танцување, пеење и глумење во Лос Анџелес. Во конкуренција од околу 10.000 танчари, актери, пејачи од целиот свет на возраст од 5 до 30 години, тој успеал да победи во 8 категории, кои опфаќале танцување различни танци, како и глумење, манекенство, пеење. Го оценувале меѓународни комисии составени од уметници од различни професии.
- Бев среќен кога речиси во секоја категорија судиите го кажуваа моето име. Целата публика и натпреварувачите ми аплаудираа, а јас од радост им мавтав, држејќи ги високо медалите што ми ги даваа - на одличен македонски јазик ни раскажа малиот Таневски за доживувањето во САД.
3а него велат дека е несекојдневен талент и дека кога игра, како да не стои на земја. Тоа било доволно неговите другари во Австралија да го нарекуваат “белиот Мајкл Џексон". За себе вели дека сака да танцува, да пее, да глуми, да настапува како модел. Првите чекори по танцување му ги покажала неговата сестра, која исто така посетувала часови по танц. Кога наполнил 5 години, неговите родители, кои се со потекло од Велес и од Битола, го однеле во училиште за танцување во Сиднеј, каде што набрзо бил примен во групи со постари танчари.
- Кога дојдов во училиштето, веднаш сите ми станаа другари. Прво ги гледав постарите како играат и потоа пробав да го правам истото што тие го правеа. Инструкторите во Сиднеј ни даваат кореографии што сите заедно ги вежбаме. Малку ми е напорно, зашто треба да одам и во обично училиште, но многу сакам да играм, па затоа не ми е тешко - вели Таневски.
Училиштето за танцување тој го посетува трипати неделно, каде што поминува по 4-5 часа. Учи модерни танци, а вежба и глума и манекенство.
Освен за танцување, Таневски е талентиран и за пеење. Летово тој беше гостин во кампот “Златно славејче" крај Охридското Езеро, каде што со дваесетина деца ја вежбаше својата прва песничка “Уан денс" (One dance), што ја пее на англиски и на македонски јазик и која наскоро треба да излезе кај нас. Полесно му е да зборува на англиски јазик, а јазикот на своите родители го вежба во училиште за македонски јазик, за кое наоѓа време иако има секојдневни професионални обврски, - Убаво ми е во Австралија. Таму ми се другарите. Многу ми се допаѓа и Охридското Езеро. Затоа и сакам да учам македонски. Во Сиднеј, кога се натправерувам ме пишуваат дека сум од Австралија, но секогаш на другарите и на другите танчари во училиштето им кажувам дека татко ми и мајка ми се од Македонија. Кога бев првпат тука бев многу мал, но сега сум поголем и гледам дека е убаво. Сигурно пак ќе дојдам и ќе се дружам со децата од “Златно славејче" - вели малиот Таневски, кој деновиве со своите родители се врати во Австралија, за да не изостанува долго од училиште. Наскоро пак ќе се врати во Македонија за да настапи со својата нова песничка.

Тоше Огњанов