Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Бранко Ѓорѓиевски

Бранко Ѓорѓиевски е роден во Драчево крај Скопје во 1953 година. Основно училиште завршува во родното место, а средна наобразба во ЕМУЦ „Никола Тесла“ во Скопје. Пред да замине за Австралија работи во „Фершпед“, а на петтиот континент заминува во 1981 година. Најнапред се населува во Аделаид, Јужна Австралија, каде заедно со својот брат Петре музицираат во локалниот бенд „Бисери“. Истовремено тој е активно вклучен во животот на МПЦ „Св. Наум Охридски Чудотворец“. Тој е активен и преку Македонскиот радио час, кој го уредува и води цели шест години, потоа бил учител во македонското неделно училиште и кореограф во КУД „Слобода“.
Во 1983 година заедно со младите ентузијасти Мајкл Радин и Александар Главчев започнуваат со издавање на месечниот двојазичен билтен „Искра“.
Од 1988 до 1992 година живее и музички твори во Мелбурн. Во 1991 заедно со Никола Кузмановски, како и повеќе македонски ентузијасти го формираат Првиот македонски интерконтинентален фестивал на македонски новосоздадени песни во иселеништво – Канбера `91, при што Бранко ја извршува функцијата уметнички директор на фестивалот.

Од 1992 година се пресели во Перт, Западна Австралија, каде што се уште живее со семејството, сопругата Елизабета, синот Александар (20) и ќерката Марија (17).
Со музиката Бранко Ѓорѓиевски е задоен уште во раните детски години, во своето родно Драчево во КУД „Китка“, каде почетните чекори на полето на музиката ги прави под будното око и уво на легендарниот кавалџија, дедо Миле Коларовски. Потоа следува плодна активност во повеќе скопски културно уметнички друштва – „Кочо Рацин“, „Коста Абрашевиќ“ и „Владо Тасевски“.
Како автор на македонски новосоздадени песни Бранко за првпат се појавува во 1985 година на почетоците на Фолк фест „Валандово“ и тоа со песната „Македонијо земјо најмила“, во изведба на легендарната Васка Илиева, при што освојува Златна плакета на Фестивалот. Мразот е веќе скршен и во наредните неколку години се раѓаат неколку прекрасни фестивалски хитови: „Збогум мој роден крај“ во маестрална интерпретација на Петранка Костадинова, мега-хит песната „Каде сте Македончиња“ со Александар Сарев, „Плачи срце исплачи се“ со Перо Христов и „Елизабета“ во изведба на Круме Спасовски. Циклусот на фестивалски песни Бранко го заокружува со хит-песната „Македонијо мајко страдалнице“ повторно со Петранка Костадинова. Во нејзина емотивна интерпретација оваа песна ја освои првата награда за најдобра патриотска песна на фестивалот „Канбера `91“.
По овој свој композиторски успех, Бранко решава да се претстави и како кантавтор, така што во 1994 година излегува неговиот првенец „Само Господ знае“, во соработка со Благоја Стојчевски од Сиднеј, со кого повторно две години подоцна (1996) е снимен албумот „Македонијо стара мајчице.
Третиот албум за својата многубројна публика го издава 1998, како плод на многугодишната соработка со Драги Митев, доајенот на македонската естрада, кларинетист и шеф на два популарни фестивала – „Валандово“ и „Канбера“, насловен како „Незаборав“. Промоцијата се случи на Втората светска средба на децата бегалци во Скопје, каде што авторот ја исполни насловната песна напишана и посветена токму на оваа светска средба на белокоси старци – поранешни деца бегалци.
Негово најново остварување е албумот „Да се живее“, реализиран 2007 година во Скопје во соработка со аранжерите Сашо Ливрински и Драги Митев, снимен во студиото на Љупчо Павловски, а издавач е „Мистер Компани“. На овој албум се наоѓаат и старите хитови од пред 20-тина години и секако и неколку нови певливи рефрени, меѓу кои е и „Лето и езеро“ создадена во времето на авторовата младост. Промоцијата се одржа во родното Драчево пред многуилјадна публика на манифестацијата Културно лето „Три круши“, а како изненадување за своите Драчевци им ја подари песната „Еј, мое Драчево“.
Оваа 2007 година за Бранко Ѓорѓиевски е во знакот на дведеценискиот јубилеј од раѓањето на мега-хит песната „КАДЕ СТЕ МАКЕДОНЧИЊА“, која и после толку години е постојано пеана и слушана, како кога ги плени срцата на Македонците ширум светот, а слободно може да се каже дека е своевидна химна на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
На крајот како илустрација ќе наведеме цитат што е отпечатен на корицата од новото ЦД од еден наш познат композитор кој вели: „Не е можно оваа песна да ја напишал некој кој ја нема искусено горчината и судбината на децата бегалци“...

Подготвила : Дора Ангелова