Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Бошко Рајчовски

БОШКО РАЈЧОВСКИ-ПЕЛИСТЕРСКИ, ОСНОВАЧ НА МАКЕДОНСКО РАДИО ВО АМЕРИКА

Љубовта со пари не се купува

Една од најпопуларните радиопрограми меѓу македонската дијаспора во Америка и секаде во светот е “Оро македонско", што веќе четириесетина години се емитува секоја сабота од студио во Детроит, САД. Основач на оваа радиопрограма е Бошко Рајчовски-Пелистерски, Македонец кој 43 години живее далеку од својата татковина, познат поет од дијаспората, добитник на наградата “Иселеничка грамота", човек кому животот во туѓина, како и на многумина иселеници му донел материјална сигурност, но и постојано чувство на носталгија и мисла за враќање во родниот крај.

Бошко Рајчовски-Пелистерски има 63 години, роден е во сепо Љубојно, во подножјето на планината Пелистер, средношколските години ги поминал во Битола, а од својата 19-та година живее далеку од Македонија, во Америка. Прекарот Пелистерски го присвоил уште во младоста кога почнал да пишува поезија. - За Пелистер е врзан целиот мој живот, во селото Љубојно го поминав детството, во Битола, градот под Пелистер, почнав да ги пишувам првите стихови и кога заминав во туѓина, како спомен на родниот крај, на моето име го додадов прекарот Пелистерски - вели Бошко Рајчовски. Тој е познат како еден од најактивните македонски иселеници во САД и како основач на првата македонска радиопрограма во дијаспората – “Оро македонско".

Како почна Вашата иселеничка приказна, што ги одбележа сите овие четириесетина години живот надвор од Македонија?

Од Македонија заминав кога имав 19 години, значи во цутот на младоста. Уште тогаш многу фамилии од моето родно село Љубојно беа заминати во Детроит, така што имав и роднини и пријатели кои ми се најдоа во моментите кога требаше да ја пребродам носталгијата. По некоја година во Детроит дојдоа и моите најблиски, родителите и сестра и тоа уште повеќе ми го поедностави животот во туѓина. Целиот работен век го поминав во автомобилската индустрија “Крајслер", работев на машини, а бидејќи компанијата имаше многу поволни бенефиции за вработените, по 30 години работа веќе исполнив услови за пензија и ете, од мојата 51 година сум пензионер. Тоа ми овозможи последниве десет години редовно, секое лето, да доаѓам во Македонија.

Меѓу Македонците во САД сте познат и како основач на најстарата радиопрограма за дијаспората. Зошто покренавте радиопрограма во Америка, кој беше поводот за тоа?
Кога се најдов меѓу нашинците во Детроит сфатив дека сите имаме потреба за информации што се случува во Македонија, сакавме во етерот да чуеме да се зборува македонски и да се пее македонска песна.Така дојдов на идеја да ја правам програмата “Оро македонско" и таа еве сега се бпижи до својата 45-годишнина, што лично го доживувам како многу важен јубилеј. Програмата уште оттогаш има стандардна шема - се емитува секоја сабота, по два часа, во период кога повеќето луѓе се во своите домови и можат преку слушањето радио да се пренесат со мислите во родниот крај. Програмата опфаќа информации за најактуелните случувања во Македонија, разговори со личности од општествениот и политичкиот живот во Македонија, со личности од дијаспората, а има и многу музика.

Со колкава енипа ја работите оваа програма?
Јас сум и новинар и водител, го средувам студиото, значи работам се. Оваа програма зрачи во Детроит и 100 километри во неговата околина, а преку интернет може да се слуша низ целиот свет. Во отворениот дел на програмата ми се јавуваат и Македонци од Австралија, кои имаат 24-часовна програма на македонски јазик и побараа и мојата емисија да ја пренесуваат за тамошните слушатели.

Што ги интересира Македонците во дијаспората, што сакаат да слушнат за татковината?
Најмногу ги интересираат вестите, најновите информации за случувањата во државата на општествен и политички план, сакаат да знаат што се случува во Македонија, без оглед дали имаат намера да се вратат во Македонија или да го продолжат животот во туѓина. Сите на Републиката и посакуваме подобра иднина.

Овде во Македонија, а и во Америка меѓу другото сте познат и како поет. Поезијата е Ваша љубов уште од младоста, пишувате ли се уште интензивно поезија?
Искрено кажано, последниве години ја следам поезијата, учествувам на Струшките вечери на поезијата, но повеќе сум преокупиран со пишување монографија за мојот живот, за сите активности што сум ги имал во текот на животот. Таа монографија треба да биде објавена в година, во лето. Планирам на 1 август во Љубојно да организирам промоција на ова издание. Во него ќе биде опфатено се околу мојот животен пат и околу историјата на моето семејство. Инаку, како што велите, навистина поезијата е моја голема љубов. Имам напишано три поетски збирки – “Дамари", која е објавена во Америка, како и “Блиски сводови" и “Тој не се врати", кои се објавени во Скопје. За третата книга “Тој не се врати" во 2000 година ја добив наградата “Иселеничка грамота" и по тој повод настапив на манифестацијата „Мостови" на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Инаку, на “Мостови" имам настапувано дури 4 пати.

Со што заслуживте таква чест? Веројатно затоа што овде во Македонија се цени мојата активност меѓу иселениците во САД. Мислам дека доаѓа време кога дијаспората ќе добие поголемо внимание во македонското општество од тоа што го имала досега и тоа ќе биде многу значајно, бидејќи иселениците колку и да се далеку од татковината можат да придонесат за нејзиниот развиток.

Зошто е тоа така, значи ли тоа дека иселениците веќе не веруваат дека Макелонија има добра иднина?
Тоа е така затоа што државата се уште не им нуди сигурен живот. Македонија во последниве 16 години не ја постигна потребната стабилност за да може луѓето од дијаспората да го вложат својот капитал во Македонија. Во Македонија се уште има корупција, се уште има неизвесност за покренување бизнис. Големите компании кои покренуваат бизнис во Македонија имаат начин како да ги осигураат своите инвестиции, но поединците со мали капитали не можат да бидат наполно сигурни во она што ги очекува во Македонија. Ако слушнете дека некој од иселениците размислува да се врати, бидете уверени дека тоа се повеќе желби отколку реални намери. Можеби за враќање полесно би се решиле иселениците во европските земји, но оние во Америка многу потешко би презеле таков чекор, бидејќи удобностите што ги дава таа земја се големи.

Успеа ли Америка да Ве придобие да ја засакате, како што ете ја сакате Македонија?
Знаете, колкава и да е материјалната сигурност што ја имате во некоја туѓа земја, сепак нема пари кои што можат да ја купат љубовта кон татковината. Америка може да ни даде милиони долари, толку многу луѓе станаа богати во Америка, благодарение на нејзиниот систем кој одлично функционира, но сепак Mислам дека патриотизмот нема цена. На пример, куќата во Љубојно не би ја продал за ништо на светот, затоа што ми е многу драга, затоа што ми е прирасната за срцето. Во Америка сум променил 6-7 куќи и никогаш не сум имал проблем кога сум ги продавал, не сум чувствувал тага по нив.


Гордана Колевска
Превземено од “Теа“