Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Вангел Мачковски

Вангел Мачковски е еден од ретките академски музичари кој својата меѓународна кариера ја стекна надвор од границите на родната земја, но никогаш не заборави дека е Македонец.

По завршувањето на дипломските студии на труба и армоника, а потоа и на Педагошката Академија во Сарајево, патот кон успехот го изодува мудро, полека, со многу напор, талент и умеење...Започнува како член во разни оркестри (“Georg Oswald”) и групи (“Original Flamingos”)со кои концертира низ Европа и Канада.

Од многуте земји во кои концертира, Шпанија ја избира како втора татковина каде се здоми и оформи фамилија., И токму тука формира сопствена музичко-инструментална атракција “Vangel Macedonia Show” во која се појавува како изведувач на повеќе инструменти. Овој бенд со кој сеуште работи,му носи светска слава и многумина го нарекуваат “Чудесниот Македонец”.

Истата година на интернационалниот конкурс во Грац -Австрија, ја освојува првата награда. Потоа следат настапи по најексклузивни туристички центри, концертни сали и на разни ТВ програми во Шпанија.

Оваа (2007) година, настапи на повеќе меѓународни манифестации; во Истра “Риечки вечери”, Загребачки светски Фестивал “Cest is d’best” “Охридско Лето”- Охрид и “Хераклејски вечери”- Битола.

Она што овој Бенд од светски рамки го прави посебен е структурата на оваа музичка атракција и културно-дидактичкиот концепт, бидејќи во истиот се застапени музички инструменти од разни периоди и земји како на пр: Серпентон- Франција (16 век), стил драм- Доминиканска Република, алпенхорн, и т.н..

Од вкупно 11 снимени албуми во кои се појавува како инструменталист, композитор и аранжер, најзначајни за Вангел се последните две изданија; “Галилеја”(духовна музика во која пеат и говорат разни интерпретатори со пораки за љубов и мир во светот, наменет за децата во Мозамбик), и последниот албум “Антологија”, во кој се одбрани композиции како рекомпилација на досегашната работа на македонскиот мултиинструменталист, композитор и естраден уметник.

Оттаму и заслужените критики за единствениот музичар по својата оригиналност и разновидност со интернационален карактер, кој во својата програма ја вклучува и публиката.За неговата досегашна успешна кариера познати музичари ќе речат:

“Вангел, со својата моќна ментализација да прејде од еден на друг инструмент а притоа пријатно му звучи, на моменти ми изгледа неможно, а во исто време гледаме многу интересна програма”.
Берт Кемферт- (бенд- лидер и автор на многу светски хитови: “Stranger in The Night”, “Blue Spanish Eyes”.)

....”Кога видов толку многу инструменти на бината, не можев да верувам дека ќе ги свири само еден човек. Тоа беше големо изненадување за мене. Овој единствен артист може да настапува на секоја светска сцена “.....
James Last- (светски бенд- лидер, познат по најмногу продадени плочи со инструментална музика)

“Никогаш не сум видел вакво нешто. Ова е неверојатно и единствено, нешто што граничи со невозможното !!!...”
Javier Cugat- светски бенд-лидер познат од филмот “Бал на Вода”

....”Ова е програма каде што човек нема време ни да дише. Не можам да сфатам како е можно на толку инструменти да се свири така убаво, просто совршено, во исто време и толку забавно. Не верувам дека постои друг музичар во светот сличен на Вангел”.
Душко Гојковиќ- светски џез трубач и композитор

На својот 25 годишен јубилеен концерт, во своето обраќање, покрај другото , Вангел ќе рече: “ Истрајност и упорност, скромност и чесност и над се љубов спрема човекот и сопствената професија, се главната причина и понатаму интензивно да се занимавам со музика. Му благодарам на Бога што ми даде, и ми дава сили и љубов да пребродам многу препреки на овој долг и, честопати суров пат по естрадниот свет. Бидејќи, мојата љубов кон ближниот и Татковината , единствено можам да ја изразам со својот талент преку музиката “.

Летка Димовска Полизова