Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Том Фртуниќ



Том Фртуниќ е еден од многумината македонски интелектуалци кои ги зафати иселеничкиот бран во текот на 90-тите години. Роден во Скопје 1960г., каде што и го завршува Електро-техничкиот факултет (насока електроника и информатика) во 1983г. Пет години подоцна магистрира во Загреб информатика и компјутерска технологија, а професионалното усовршување го продолжи на Masquarie University во Сиднеј.

Кариерата во областа на компјутерската електроника ја започна веднаш по дипломирањето како систем инженер во Компјутерскиот центар на Бетон - Илинден во Скопје, од 1985г. го стартуваше AGP проектот во Искра Делта која во тоа време беше застапник на Дигитал за Југославија, а од 1988г. продолжи со работа во Искра Делта како систем софтвер инженер.

Во 1990-та година заедно со семејството заминува за Австралија каде што продолжува да работи на својата струка. Најпрвин во Coopers & Lybrand (денеска познати како Price Waterhouse Coopers) каде што беше одговорен за сите системи за Австралија и Нов Зеланд, а ги воведе и компјутерските мрежи во целата фирма. Од 1992г. преминува во Ungermann-Bass (UB), која произведува, инсталира и одржува компјутерски мрежи, како одговорен за сервисот во Нов Јужен Велс, a oд 1995г.  во ААР-СЅ како директор на Сервисот за Австралија и Нов Зеланд. Во 1997г. се вработува во British Telecom, поточно во сервисот Syntegra кој е еден од двата произведители на телефонски комуникации и технолошки решенија за берзи, инвестициони и институционални банки. Од 2000г. е главен менаџер на оваа фирма за Австралија и Нов Зеланд.

-Основната причина за нашето доаѓање во Австралија беше желбата за мое професионално усовршување, во што верувам и успеав. Доказ за тоа е довербата и функцијата што сега ја вршам, бидејќи на овие простори знаењето и обученоста се главните фактори за стекнување на статус. Секако дека и подршката од семејството (со кого од прв ден сме тука заедно) има свој придонес за моите резултати, бидејки мошне често бев отсутен од дома. Но затоа секој слободен миг гледам да го поминам со нив и со пријателите кои ги стекнав тука. Поголемиот дел од моите планови се веќе реализирани. Но она што ми остана како една од доминантните заложби е воспоставување на деловна соработка и со сродни институции од Република Македонија. Иако заради географската оддалеченост тоа оди потешко за ваков профил на дејност, не се откажувам од моите намери и би бил пресреќен кога такво нешто ќе биде реализирано, се надевам наскоро.

Л.Неделковска