Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Благој Нацоски

Tенор

Македонскиот тенор Благој Нацоски ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот од самиот почеток на неговата кариера, афирмирајќи се пред се како еден од најуспешните изведувачи на моцартовите партии.
Роден е 1979 година во Скопје во семејство на музичари. Уште од најрана возраст покажува особен талент и афинитети кон музиката. Пеењето почнува да го изучува во родното место, а продолжува во центарот на оперската уметност - Италија, односно Рим, каде и ден денес живее. За време на школувањето во Италија, остварува богата концертна дејност низ Македонија и Италија, а истотака освојува и многубројни меѓународни награди и признанија.
Неговата кариера започнува во февруари 2003 година со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Ја исполнува улогата на Артуро во операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети, под диригентската палка на Маестро Даниел Орен и режија на Греам Вик. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, склучувајќи ексклузивен договор со менаџерскиот „гигант“ IMG Artists. Настапува во најреномираните оперски куќи и фестивали во светот како Teatro Regio во Парма, Teatro Giuseppe Verdi во Трст, Teatro Carlo Felice во Џенова, Teatro Lirico во Каљари (Италија), Мишколц Опера Фестивал (Унгарија), Stadttheater во Клагенфурт и Salzburger Festspiele (Австрија), Opernhaus во Цирих (Швајцарија), Државната Опера од Штутгарт и Операта во Франкфурт (Германија), Кралската Опера во Брисел (Белгија), Монтеверди фестивал (Франција), Национална опера на Полска од Варшава, Театарот Бунка Каикан од Токио (Јапонија). Своето деби на македонската сцена оваа година на отворањето на МОВ со улогата на Линдоро во операта „Италијанка во Алжир“.
Настапот во насловната улога на операта „Сонот на Скипион“ на Салцбуршкиот фестивал во празнувањето на 250-годишнината од смртта на Моцарт претставува еден вид крунисување на неговата кариера особено заради фактот што го негува пред се моцартовиот репертоар, а истотака е и најголем успех за еден оперски пејач од Македонија во историјата. На 6 февруари 2005 настапува во претседателската палата Il Quirinale во Рим со концерт посветен на Јоханес Брамс односно неговите Лидер-Валцери, пренесуван директно на Радио Раитре и на Еурорадио. Солист е на изведбата на IX Симфонија од Бетовен со Македонската и Софиската филхармонија, по повод нивните јубилеи (60 и 75 години), одржана во НДК Софија, под диригентство на Маестро Саша Николовски – Ѓумар. Благој Нацоски во досегашните свои настапи има пеено заедно со најреномирани пејачи како Ренато Брузон, Руџеро Раимонди, Мариела Девиа, Суми Џо, Пјетро Спањоли, Џузепе Сабатини, Алфонсо Антониоци, Карло Коломбара, Хелен Шнајдерман, Роберто Сакà, Светла Василева и други, како и со диригентите: Даниел Орен, Кристоф фон Дохнани, Бруно Бартолети, Никола Луизоти, Пол Даниел, Вил Крачфилд, Жерар Корстен, Џулија Џоунс, Робин Тичати и режисерите: Греам Вик, Кристоф Лој, Клаус Гут, Џон Кокс, Јирген Флим, Михаел Хампе, Хозе Карлос Плаза, Марина Бјанки, Михаел Штурмингер, Клаус Цеелајн, Денис Криеф, Марко Гандини, Џорџо Галионе и др.
Неговиот репертоар ги опфаќа моцартовите улоги како Тамино (Волшебната флејта), Фернадо (Така прават сите), Белмонте (Грабнување од сарајот), Дон Отавио (Дон Џовани), Скипион (Сонот на Скипион), потоа Алмавива во „Севилскиот бербер“ и Линдоро во „Италијанка во Алжир“ од Росини, Ернесто во „Дон Пасквале“ од Доницети, Бригела во „Аријадна на Наксос“ од Рихард Штраус, Касио во Вердиевиот „Отело“ и др.
Неговата агенда е полна до 2010 година и тоа со настапи на три континенти: Америка (Торонто и Сиетл), Азија (Токио), Европа (Каљари, Венеција, Трст, Франкфурт итн.) и тоа во улогите на Фентон (Фалстаф) и Касио (Отело) од Верди, Елвино во „Сонамбула“ од Белини и др.
Во ноември 2006 излезе и неговото прво ДВД и тоа за дискографската куќа „Дојче Грамофон“, кое претставува снимка од премиерата на операта „Сонот на Скипион„ изведена на Салцбуршкиот Фестивал. Во тек е и печатење на ДВД од изведбата на операта „Аријадна на Наксос“ во Цирих. Има остварено снимки и за продукцијата на МРТВ.



Летка Димовска Полизова