Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Гоце Цветановски

Гоце Цветановски од 1998 година живее во Париз каде и дипломираше филмска режија на Универзитетот „Париз & Сен Дени“. Уште за време на студиите работел на повеќе документарни и играни проекти во Македонија и во Франција како асистент на режија, сценарист, режисер или продуцент. Во 2001 година станал член-основач на невладината организација „Квазарт“, која добила поддршка од француското Министерство за млади и од Европската комисија, како оригинален интернет – проект.
Неговите куси филмови: „Ноќни талкачи“, „Премногу ТВ е штетна по здравјето“, „Посрана ноќ“, „Елвис и Ејнџел Харт“, „Губитник без причина“, „Силувај ме нежно“ и „Кој го уби Миле“ се прикажувани на повеќе светски фестивали, од кои најважни се IFCT филм фестивал 2007 (Лос Анџелес, САД), Paris Tout Court 2005 во Франција, Le Chaplin филм фестивал – Франција 2005, Izmir Short филм фестивал – Турција 2005, Sitges Fantastic филм фестивал 2004 во Шпанија, Tabor филм фестивал 2003 – Хрватска или Манаки филм фестивал 2003 – Македонија.

Автор е и на неколку документарни филмови: „За Македонцката стрип-култура“, „Македонија видеоарт“, „Македонија џез“, „За Македонцката андерграунд – сцена“, „Македонија етно“, „Македонија техно“, „Македонија графити“, „Македонија во планетарните архиви на Алберт Кан“, „Сондажа на македонската имиграција“, „Националната галерија – национална гордост“, „Штрковите доаѓаат“, „Враќањето на Сузан Лот“...

Освен по кусите и окументарните филмови, македонската публика го знае најмногу како режисер на спотовите „Виши Ментал“, кој го направи за хип-хоп составот „САФ“ и за „Плачиврби“ на „Љубојна“, но режира спотови и за францускиот бенд „Кортеж“ и за американскиот рок-пејач Дон Троп.
Од неодамна е во Македонија, каде неколку месеци со македонска екипа работи на неговиот најнов проект, анимираниот филм „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“, необичен и интересен проект и морбидна приказна за Хансел и Гретел, односно Јованче и Марика или Ивица и Марица...

Гордана Настевска – Манасиевска
(преземено од „Теа Модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова