Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Дарко Костовски

Пијанист

Дарко Костовски е најмладиот студент во историјата на Високата музичка академија во Келн - имаше само 16 години кога ги почна студиите по пијано и 2004 година магистрираше во класата на престижниот професор Арбо Валдма. Дипломира со највисоката оценка и беше прогласен за најдобар странски студент на академијата. Добитник е нa повеќе меѓународни награди и признанија - прва награда на натпреварот во Таранто, Италија, прва награда „Yamaha” на натпреварот во Вајмар, како и почесна награда на Шопеновиот натпревар во Германија. Соработувал и посетувал семинари кај познати пијанисти како Павел Гилилов, Антон Диков, Николај Алексеев...

Своето музичко образование Костовски го почна во МБУЦ „Илија Николовски -Луј“ во класите на проф. Борис Романов, Марија Писинова и Аида Ислам.
Последниве 13 години Дарко живее и работи во Келн, Германија. Активен е како концертен изведувач и како педагог. Иако се уште нема менаџер, ниту концертна агенција зад себе, задоволен е од насоката во која се развива неговата музичка кариера.

Дваесет и деветгодишниот пијанист статусот слободен уметник во Германија го доби благодарение на своите успешни претставувања во оваа земја - преку концертите, кои секогаш се позитивно оценувани од критиката и, секако, поради големиот број интернационални награди, кои се составен дел од неговата биографија.
Вели дека е презадоволен, бидејќи одлично заработува од давањето хонорарни часови на млади пијанисти кои веќе освојуваат интернационални награди, а предава клавир и во две приватни училишта.
“ Секој може да го најде своето место под сонцето. Јас го најдов во Келн, Германија. И професионално и приватно сум среќен”, вели младиот пијанист Дарко Костовски, кој последната деценија и пол живее во Германија, а дома си доаѓа за да одржи по некој закажан концерт и да им подари чашка еликсир на својата сакана публика.


Летка Димовска Полизова