Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Блаже Крстаноски-Блажески

Блаже Крстаноски-Блажески е македонски скулптор кој живее и работи во Австралија и единствениот Македонец што е ученик на школата на легендарниот скулптор Хенри Мур. Неговото монументално дело „Танцот на Абориџините“ неодамна беше поставено близу Сиднеј, на местото каде што Капетан Кук почнал да ја освојува Австралија, како знак на извинување од австралиската влада кон Абориџините за историската неправда нанесена од колонизаторите. Крстановски-Блажевски, кој е познат по третирањето на бесконечноста како појдовен мотив во неговото творештво, има и филмски искуства. Тој беше асистент по скулптура на холивудскиот филм „Мулен Руж“, во кој играше Никол Кидман. Во моментов тој ја подготвува скулптурата „Бран“, со која ќе се претстави на една од најголемите меѓународни изложби, „Скулптура покрај морето“, која ќе се одржи во октомври во Сиднеј. у Имавте среќа да бидете ученик на Робертсон Свон, асистент на легендарниот англиски скулптор Хенри Мур. Какво е чувството и добивката да се биде во близина на големите мајстори на скулптурата? Дали Свон ви ги пренесе искуствата од Мур и колку неговиот начин на работа изврши влијание врз вашиот?
- Многу сум среќен што за учител го имав Робертсон Свон. Тој е вистински ментор, но пред се голем пријател. Живееме во непосредна близина и постојано соработуваме. Што се однесува до стекнатите знаења, нормално е да се попримат влијанија од оној што те подучува. Преку Свон, индиректно ми влијаеја органските форми на Мур, иако морам да нагласам дека Свон не преферира заоблени облици, туку конструкции. Веројатно, Антони Каро, познатиот мајстор на скулптурата на конструктивизмот, извршил поголемо влијание врз него. Јас создавам дела кои најчесто се од железо и од бронза, во огромни димензии, дела за надворешен амбиент. Моите скулптури се спој меѓу конструктивниот начин на градење на формите и на топлите заоблени облици, што значи дека влијанието од двајцата големи мајстори не изостанало. Мојата главна идејна преокупација е бесконечноста и во физичка и во духовна смисла. у Работевте како асистент по скулптура во холивудскиот филм „Мулен Руж“. Какви Ви се впечатоците од работата со големите филмски имиња?
- Мојата работа во филмот се состоеше од изработка на сценографски елементи за кабарето. Слонот и некои други декорации ги моделирав и конструирав јас, со останатиот дел од тимот задолжен за скулптуралните декорации во филмот. Сите активности беа изведени професионално и имаше одлична координација и организација меѓу вработените, што, за жал, ми недостига кога правам нешто во Македонија. у Живеете во Австралија, но често комуницирате со македонските уметници. Како тече соработката меѓу уметниците од Македонија и нашинците во странство?
- Има многу македонски уметници во Австралија за кои овде не се знае ништо. Главниот проблем е недоволната комуникација. Нема кој да ги организира. Владата на Република Македонија треба да најде решение за овој проблем, да ангажира луѓе преку кои ќе може да се координираат македонските уметници во странство. Сметам дека Владата треба да поддржува повеќе проекти кои се реализираат надвор од земјава, меѓународни изложби и фестивали. Македонија мора да ги отвори вратите кон светот, само така ќе излезе од затворениот круг во кој очигледно се наоѓа.