Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Мирјана Лозановска

Мирјана Лозановска е професорка по архитектура на Универзитетот “Дикен“ во Мелбурн, Австралија. Родена е во Охрид и уште како 7-годишно дете со семејството ја напуштила Македонија. Нејзините родители се од првите генерации македонски печалбари на австралиската земја. Лозановска неколку години наназад работи на истражувачки проект за “Емиграцијата и архитектурата“ и токму тоа е поводот за нејзиниот неколкумесечен престој во Македонија и за соработката со колеги од Архитектонскиот факултет во Скопје.

Емигранството прави чудна зона во човекот, со многу испреплетени чувства. Од една страна, родниот крај го памети онака како што го оставиле во моментот на нивното заминување, а од друга, тоа сеќавање го надополнуваат кажувањата на други луѓе. Но, како и да е, Охрид за неа секогаш е како една ѕвезда-водилка, како една икона.
На Универзитетот во Мелбурн, еден од најпознатите и најценетите во Австралија, дипломира архитектура и сега е на истиот професор. Додека била во средно училиште, најмногу ги сакала предметите математика и уметност. Како студент кон крајот на четвртата година доби награда за проектирање, односно Универзитетот ја награди за квалитетот на нејзините проекти што ги изработила дотогаш. Потоа доби стипендија од Универзитетот „Мелбурн“ за да го работи докторатот со тоа што имаше слобода да го промени универзитетот и своето усовршување да го заврши каде што сака. Поради проширување на видиците Мирјана премина на универзитетот за наука и технологија „Дикен“. Таа била прва што завршила докторат по архитектура на тој универзитет, бидејќи беше штотуку почнат со работа. Уште на почетокот била вклучена во наставата како соработник. Кога го завршила докторатот доби ангажман во Либан на тамошниот Американски универзитет, којшто има традиција и реноме. По војната, во Либан беа потребни професори и таму останала три години работејќи на реконструкција на разурнатите објекти.
По враќањето во 1999 стана професор на „Дикен“ каде предава два предмета – проектирање и современа историја на архитектурата, за периодот по 1968 година. На универзитетот „Дикен“ и се укажа можност да работи на истражувачкиот проект „Емиграцијата и архитектурата“. Инаку, во Македонија беше дојдена за да ги надополни нејзините истражувања кои потоа треба да ги сублимира во книга. Преку проектот се истражува ефектот на емиграцијата врз архитектурата, поточно колку таа со својот начин на живот придонесува за менување на местото каде што живее, какви градби прави.

Гордана Колевска
(преземено од „Теа Модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова