Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Андреј Лунески

Андреј Лунески е роден во Кичево, таму го завршил средното образование, а потоа заминал во Солун на студии по компјутерски науки на колеџот „Сити“ на универзитетот „Шефилд“ во Солун, Грција, каде живее последните пет-шест години. Објаснувајќи го својот интерес за компјутерските науки, тој вели дека уште како средношколец го привлекувале предмети кои бараат повеќе размислување отколку учење на сувопарни податоци. Штом одлучил да се ориентира на компјутерски науки, почнал да се интересира каде да се запише на студии, односно какви наставни програми нуделе поедини факултети. Прв избор му бил универзитетот во Загреб, и тоа програма што се однесуваше на компјутерски науки или технологии во авионскиот систем. Но, во меѓувреме дознал за универзитетот „Шефилд“, му се допаднало што поголемиот дел од наставната програма била со предмети поврзана со софтвер, што и најмногу го интересирало.
Настојувал да биде секогаш меѓу најдобрите, со просек од прва класа и, нормално, таквиот успех има одредени бенефиции. Добил три стипендии, една во текот на студирањето, една за мастер студиите, но секако најголемата беше целосно платен докторат во траење од три години. Првата понуда за докторски студии ја одбил, бидејќи не го привлекувала темата. Кога се решил за докторат на друга тема, стипендијата веќе била доделена на друг студент, па „Шефилд“ одлучи да додели уште една, што е навистина реткост кога се работи за докторат.
Се уште е на почеток на докторатот, бидејќи на него почна да работи во мај годинава. Освен тоа, ангажиран е и како асистент на истражувачки проекти на Државниот универзитет „Аристотелис“ во Солун. Задоволен е што темите на неговата истражувачка работа и на докторатот се поклопуваат, така што она што го работи резултира на двете места. Досега има објавено неколку публикации на конференции, пишува и книга од неговата област и има добри контакти со врвни имиња од светот на компјутерските науки, личности што се дел од светски познатите институти за компјутерска технологија – американскиот MIT и шведскиот КТН, како и познатата фирма IBM. Моментално е во преговори за почеток на неколку проекти финансирани од ЕУ директно преку Sheffield – UK.
Накусо, неговата докторска тема е за релацијата помеѓу компјутерите и човечките емоции, значи можноста компјутерите да детектираат, разбираат и да искажуваат емоции, без разлика дали визуелно, преку говор, гестикулации или на некој друг начин. Тоа е нова тема, и „жешка“ во последниве неколку години и е поврзана со настојувањето да се подобри комуникацијата компјутер – човек и „човечноста“ на компјутерите. Андреј вели дека тука има поврзаност со вештачката интелигенција, но affective computing претставува посебна област, која се занимава со препознавање, интерпретирање и процесирање на емоциите. Како што веќе напоменавме, многу области се опфатени со affective computing, како вештачки човечки карактери (аватари), синтетизиран говор, препознавање на емоции во човечкиот говор, препознавање на емоции преку внатрешни физиолошки промени на човекот, и многу други. Токму ова прашање е актуелно долго време во оваа област и се уште има дилема дали треба да се поврзуваат овие две работи.

Гордана Колевска
(преземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова