Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Роберт Дика

Македонецот Роберт Дика работи како менаџер за финансии и стратешки развој во компаниите на милијардерот Дејвид Мурдок и е одговорен за надзор на финансиското работење и стратегијата за нивниот развој. Се работи за компании со широк функционален дијапазон: компанијата за здрава храна Dole, градежната компанија Castle & Cooke, биотехнолошкиот научен центар North Carolina Research Campus и групација од луксузен хотел и здравствен центар во Лос Ангелес. Пред ангажманот во овие компании, Роберт има искуство и двегодишен стаж во филмската компанија Ворнер Брос. Роден е во Стокхолм, Шведска, во семејство на дипломати, живеел во Белград, Вашингтон, Скопје, Торонто, Канада. Сега живее во Лос Ангелес, град во кој ужива не само во неговите убавини туку и во неговиот интензитет на живеење...
Основна работа му е надзор на буџетите и подготовка на стратешки планови, но исто така работи и на голем број специјални проекти, како на пример аквизиција на градежни компании во Калифорнија, аквизиција на големи дистрибутери за свежо овошје во Велика Британија, градење хотели во Лос Ангелес и Хаваи, продажба на хотели во Небраска, проширување на плантажите на банани и ананас во Костарика, оперативно планирање за голем биотехнолошки научен центар во Северна Каролина и продажба на товарни камиони во Вашингтон и Алјаска.
„Предизвик, но и чест е да се работи за сите овие компании, кои имаат вкупен промет од над 7 милијарди долари годишно и имаат 70.000 вработени“, вели Дика. Има секојдневни контакти со многу успешни и харизматични бизнисмени и професионалци од целиот свет, патува многу и секој ден го чекаат нови предизвици. Навраќајќи се на неговото детство се сеќава дека уште како мал дедо му Кочо го носеше кај него на работа во „Живинокоп“ во Скопје, и знае дека уживал кога гледал како ги товарат камионите со круши и јаболка, кои потоа ги продаваа низ цела Европа. Инаку, сите помагале во бербата во овоштарникот во Белимбегово и тие му се можеби најубавите спомени од детството: целото семејство собрано заедно, убаво топло време, убавото јадење на баба му по тешката работа. Исто така, се сеќава како дедо му Јанко подготвувал судски предмети и деловни договори до доцна навечер и секогаш бил дотеран во костум и вратоврска. Сето тоа, сите овие моменти имале големо влијание на него и затоа уште многу рано почнал да сонува дека еден ден и тој ќе биде како неговите дедовци – бизнисмен, трговец, професионалец. Тоа се одразило на неговата определба во образованието, кога одлучил да се запише на економски факултет, за жал, против желбата на татко му кој сакал да биде четврта генерација адвокати во семејството Дика.

Дипломирал на Економскиот факултет во Торонто, добил диплома на економист со специјализација во финансиски и комерцијални дејности, и се вработил во ревизорската куќа KPMG. Во 1998 година го положил државниот ревизорски испит и по KPMG решил да се пресели во потоплите краишта, заминувајќи за Лос Ангелес каде работел две години. Во 2003 година добива можност да работи за мултимилијардерот Дејвид Мурдок, кој е на листата на Форбс на најбогатите луѓе во светот. Тоа за него била голема промена. Dole не само што е најголема меѓународна компанија за производство и дистрибуција на овошје и зеленчук, туку со неа раководат бизнисмени од кои може многу да се научи.
Покрај професионалните обврски, тој пронаоѓа време да биде активен и во македонската заедница, така што во 2002 година бил избран за заменик-благајник во македонската црква „Света Богородица“ во Лос Ангелес, а во 2004 и за потпретседател. Неговото објаснување е дека Лос Ангелес не е Торонто или Детроит, во однос на бројот на Македонци. Македонската заедница е многу помала и покревка во споредба со останатите заедници во САД и Канада. Межу позначајните активности е организирањето на Собир на американско-канадската епархија, лобирање до гувернерот на Калифорнија за признавање на Македонија под уставното име, учество на повеќе фестивали за изворна музика и фолклор, помош за основање на МПЦ во Феникс, Аризона, прифаќање и интеграција на новите доселеници во Јужна Калифорнија во животот на македонската заедница, прославување и запазување на македонските празници, обичаи и традиции како Велигден, Божик, патронот на нивната црква св. Богородица, Илинден... Инаку, речиси секоја втора година доаѓа во Македонија, поточно во Скопје (каде што живеат неговите родители) и секогаш се труди да посети што повеќе градови.

Гордана Настевска-Манасиевска
(преземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова