Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Јане Чаловски

Јане Чаловски е дипломец на Пенсилваниската академија за ликовни уметности (оддел скулптура) во САД и наедно дипломец на колеџот Бенингтон, каде ја одбрани тезата - „Синтезата меѓу скулптурата и архитектурата изразена во цртежот“. Потоа, продолжи да се усовршува во Центарот за современа уметност во Китакијуши, Јапонија и во академијата Јан Ван Ајк, Холандија. Денес е уметнички директор на галеријата Прес то егзит која функционира во рамките на Швајцарската програма за култура во Македонија при швајцарската амбасада. Неговиот уметнички и креативен дух е во постојано движење. Јане одржува соработка со многу светски уметнички центри и прогресивни уметници, патува, истражува, изложува, црта...
Неодамна, во Њујорк тајмс магазин, кој излегува како неделно издание во весникот Њујорк тајмс, на покана на ликовната уредничка Гејл Бечлер, беа објавени цртежи од Јане Чаловски. За заинтересираноста на Бечлер, Јане верува дека тоа што и се допаднало е неговиот непретенциозен приод кон фигурацијата и начинот на компонирање на поголем број детали во контекст на едно нелинеарно раскажување. Мотив за најновите цртежи побарал во семејните албуми, каде што е документиран релативно безгрижниот процес на растење и созревање.
Студиите по скулптура за него беа ослободување од идејата да се дефинира објектот преку својата материјалност, имајќи потреба за поинаква интеракција со концептот и контекстот во кој создава. Процесот е најзначаен. Тоа е активно и отворено време во кое ги донесува одлуките за тоа каде оди и до каде може да стигне идејата.
За уметноста смета дека треба да се поддржува и дека во неа треба да се вложува постојано а особено внимание треба да се посвети на развојот на младите уметници, да се развијат појасни критериуми во самата едукација на идните уметници, теоретичари, куратори.
Ивана Тасев
(преземено од „ТЕА модерна“)
подготвила: В. Шиндил