Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Лефтер Манче

Д-р Лефтер Манче е еден од најдобрите естетски хирурзи во Канада и Унгарија. Во неговата ординација во Канада, специјализирана за липосукција и естетски зафати на лицето и во клиниката во Будимпешта, ”Atlantikhair”, специјализирана за пресадување коса, каде работи заедно со неговиот син Тони, доаѓаат пациенти од сите страни на светот, вклучувајќи и многу популарни личности од шоу-бизнисот и јавниот живот. Последниве неколку години тој е често на релација Канада-Македонија, каде со тим на колеги-Македонци, во неколку приватни клиники, бесплатно извршува естетски операции, липосукција и пресадување коса. Лефтер Манче е роден во Егејска Македонија, и иако израснал во Будимпешта, Унгарија, а живее во Отава, Канада, вели дека секаде се чувствува како Македонец и е особено горд на тоа...

Негова специјалност се пет естетски операции: липосукција, трансплатација на коса, пластика на лице, гради и очи. Тој смета дека пластичната и естетската хирургија не се исто. Естетската хирургија “се бори” да го поправи тоа што годините го носат. Со таква интервенција не можат да ветат или да му направат “стоп” на процесот на стареење, но нивна цел не е запирањето на стареењето, туку да му се врати изгледот на пациентот онаков каков што бил пред 5 или 10 години и тоа е само привремено, освен во случајот на трансплатација на коса, операција која до крајот на животот го гарантира резултатот.

Во Отава има сопствена клиника за естетска хирургија што постои веќе 25 години и смета дека се на добар глас, бидејќи досега ги имат посетено многу колеги, не само од Македонија и Унгарија, туку и од други држави од Европа и Америка. Инаку, најчеста операција која ја изведуваат на клиниката е липосукцијата и трансплантацијата на коса. Тие досега имаат направено липосукција на над 8000 делови на телото, без ниту една компликација. Според бројот на операциите може слободно да каже дека во Канада никој нема извршено толку многу операции, а тоа  значи дека имаат одлична репутација. Некои други лекари, кои не беа внимателни завршија на суд во Торонто, но ним тоа никогаш досега не им се случило, туку во тие случаи судот го бараше нивното стручно мислење, оти знаат за нивната професионалност.

Во светот естетските зафати стануваат се почести, побарани, па според тоа може да се каже дека денес секој втор човек има направено пластична корекција на некој дел од своето тело. Најбарана е липосукцијата, па на второ место е корекција на носот и пластика на лицето, а жените се сепак најчести клиенти.

Запрашан дали неговата клиника ја посетуваат светски познати личности, д-р Манче објасни дека поголемиот број од нивните клиенти се од Канада и САД, но имаат клиенти од Англија, Франција и од Индонезија. Тие доаѓаат кај него не само поради неговото име, туку по препорака на нивните роднини кои живеат во Канада и кои имале веќе позитивно искуство.

Клиниката во Отава е специјализирана само за естетската хирургија, додека клиниката во Будимпешта, засега единствена во тој простор, е специјализирана за трансплантација на коса и каде работи заедно со неговиот син Тони.

Синот дипломирал медицина во Европа и е роден во Унгарија, така што негов мајчин јазик е унгарскиот, но тој многу ја сака Македонија, љубов која ја “наследи” од таткото. Неколку пати бил во Скопје и Охрид, и планира да дојде повторно. Сите унгарски “пластичари”, кои пресадуваат коса се студенти на д-р Манче. Во 2002 година, во Будимпешта ја отворија клиниката ”Atlantikhair” и секој месец е на релација Отава - Будимпешта, бидејќи имаат многу повеќе операции за коса отколку во Отава, а поради ниските цени имаат многу пациенти и од Европа. Во Виена една оперција за пресадување коса чини 10.000 евра, а на клиниката во Будимпешта 2-3 илјади евра. Со автомобил за два часа се стига од Виена во Будимпешта, па на пациентите им е прифатливо да дојдат на еден ден за операцијата и да се вратат дома наредниот. Со клиниката раководи синот Тони, а Лефтер оди само кога се е подготвено за операција. Нивниот тим и во Скопје има направено повеќе операции за пресадување на коса во неколку скопски клиники, но најчесто во приватната клиника “Ремедика”.

Првите операции за липосукција и трансплатација на коса во Унгарија и во Македонија ги извршил сам, или со екипа која работела по негови инструкции и контрола. Многу колеги од Унгарија и Македонија биле на гости кај него со цел да разменат искуства за естетската хирургија. Негови се и првите написи за тој вид интервенции во унгарската медицинска литература за липосукција. Во Будимпешта го има одржано првото предавање за липосукција во 1987 година, а во Македонија во 1991 година, во Охрид. Многу соработувал со почитуваниот професор по пластична хирургија во Скопје, д-р Андреја Мишковски, но за жал тој почина во периодот кога почна сам да прави такви оперции. Оттогаш соработува со други колеги од Скопје, како што се д-р Лиле Дамевска, д-р Петар Кроневски, потоа со д-р Огнен Даскалов од “Ремедика”, каде што заедно извршиле неколку липосукции. Но, Македонија е мала држава и поради економската состојба нема многу луѓе кои можат да си дозволат такви операции.

Исто така, Лефтер Манче е првиот доктор кој во Канада напиша книга за липосукцијата, но не продолжил на тоа поле бидејќи нема ниту време, ниту пари за истражувања, но она што го научил се труди да го реализира на врвно ниво и има некои иновации кои ги објавил во медицински журнали во САД.

- Операциите што ги правиме ние, на тоа високо ниво, се појавија во последните 20-30 години. Јас бев втор хирург во 1984 година кој правеше липосукција во Канада и поради тоа многу се пишуваше за мене во канадските весници и се зборуваше на телевизија. Сепак, за да се изварши липосукција во над 8000 делови од телото треба многу знаење и искуство, смета д-р Лефтер.

Тој лично е многу горд за се што постигнал во својот живот, но најгорд е што е Македонец и многу луѓе од Македонија кои го познаваат знаат за каков патриот станува збор. Секогаш кога доаѓа во Македонија подарува висока сума парични средства во манастирот на Попова Шапка, потоа во весникот “Незаборав” и за многу други цели...

 Гордана Настевска-Манасиевска

(преземено од „Теа Модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова