Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Хелена Радомска

Хелена Радомска во Канада и САД живее последниве 15 години, поточно во Канада првите 6 години, а од 1999 година живее во Чикаго. Отсекогаш сакала да го продолжи школувањето надвор од Македонија. Сметала дека медицината, како и секоја друга наука, галопира со брзи чекори напред и за да биде во тек со случувањата, специјализира во западна земја. На нејзина среќа брат и веќе живееше во Торонто и така решија фамилијарно да се преселат во Канада.
Од Македонија замина со диплома од скопскиот Медицински факултет, но во Канада и во Америка се поставени стандардизирани испити што сите медицинари, било да завршиле во Америка или надвор од неа, ги полагаат. Тие испити ги содржат сите предмети за време на студиите и ако кандидатот ги положи испитите влегува во иста трка со докторите од цел свет што конкурираат за специјализација во Америка. По положените испити во Торонто ја направив мојата прва супспецијализација (медицината на сонот и полисомнографијата) во соработка со познатиот Институт за психијатрија и Универзитетот во Торонто. Во меѓувреме ја доби специјализацијата во Чикаго, бидејќи на тој универзитет ја селектираа на второ место од 10 кандидати, колку што примаа во таа година.
На прашањето колку нејзиниот професионален избор е во врска со традицијата во семејството (нејзината мајка е гинеколог), Хелена објасни дека мајка и и е рол-модел. Во почетокот нејзините родители се противеле и на секаков начин се обидувале да ја одвратат од медицината. Дури и кога стасала за средно училиште мајка и ја натерала да се запише на математичка насока во гимназијата „Орце Николов“, а по две години на електронасока. И сега се сеќава како ја советувала: „Со оваа струка ќе имаш нормално работно време, ќе работиш со компјутери и ќе имаш средени нокти“. Но, мајка и не била свесна дека како нејзиниот успех во професијата влијаел на нејзината ќерка и конечната определба за медицината.
Специјализацијата на Хелена беше насочена кон невропсихијатријата – поврзаноста на структурните, ендокрините и метаболичките промени што влијаат на психата. Од почетокот на оваа година ја прифатила позицијата професор во Ilinois Masonic Hospital, во одделот на психијатрија. Освен професорскиот ангажман на клиника, се занимава и со приватна практика. Поради познавањето на полскиот јазик и повеќето источноевропски јазици се концентрира на емиграцијата од Источна Европа.
Во врска со владеењето на полскиот јазик, интересно е нејзиното презиме и приказната за нејзините родители. Мајка и е Македонка од село Герман, Егејска Македонија. Таа како мала била евакуирана од бомбардирањата за време на Граѓанската војна во Грција, заедно со 250.000 македонски деца. Еден дел од тие деца биле срдечно пречекани од Народна Република Полска, која ги прифатила како свои. Мајка и израснала во дом за сирачиња, но тоа не и пречело да заврши Медицински факултет во Вроцлав, Полска. На студиите го запознала татко и, кој магистрирал на Машинскиот факултет во истиот град. По завршувањето на студиите мајка и се преселила во Скопје, а по две години врска преку писма, со татко и решиле да стапат во брак и тој дошол во Скопје. Гостопримливоста на македонскиот народ многу позитивно влијаело на татко и, така што тој се чувтвува повеќе Македонец отколку Полјак, и, како што се шегува мајка и, тој е Македонец со полско потекло.
Минатата година дошла во Македонија со брат и Александар по пауза од 4 години. Го придружувала на Европското првенство во билијард во Прага на кое тој ја претставуваше Македонија и ја покани на пет дена во Прага, а потоа и на 20 дена во Македонија.
Во иднина се гледа себеси во САД, но свесна е дека Господ има план за нејзиниот живот. Д-р Хелена Радомска би сакала да ја претставува Македонија во најдобро светло и посакува да и се укаже можност на било кој начин да соработува со нејзината родна земја.

Гордана Колевска
(преземено од „Теа Модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова