Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Фанула Папазоглу

Фанула Папазоглу е родена на 3.02.1917г. во Битола, каде што го завршува средното образование. Студира на Филозофскиот факултет во Белград класична филологија со историја на стариот век и археологија (1936-1941г). За време на Војната, како член на студентската организација учествува во Народноослободителното движење од самиот почеток. Од октомви 1942 до април 1943г. е затворена во логорот на Бањица, а од септември 1944г. преминува илегално во Срем. Од мај 1945г. живее во Белград, работи во Министерството за информации и во 1946г. диломира на Филозофскиот факултет. Во 1947 е избрана за асистент, а во 1949 за предавач на Катедрата за историја на стариот век. Докторирала 1955 г.и е избрана за доцент, а во 1960г. за вонреден професор и шеф на Катедрата. За редовен професор е избрана во 1965г.

Целиот свој работен век д-р Фанула Папазоглу го поминува во Белград како професор по античка историја на Грција и Рим, грчка и латинска епиграфија и нумизматика, но таа е тесно поврзана и со Македонија, а особено активно соработува со списанието „Жива Антика“ од неговиот прв број (1951).

Предметот на нејзиниот научен интерес е историјата на античка Грција и Рим од најстариот период до византиско време, потесно – историјата на старобалканските племиња, а особено политичката, културната и економската историја на античка Македонија, и тоа строго врз основа на критичко проверени литерарни, археолошки, епиграфски и нумизматички извори.

Проф. Фанула Папазоглу има објавено опширни и мошне квалитетни студии за сите, доскоро малку познати палеобалкански племиња, но во центарот на нејзините научно-истражувачки преокупации е Македонија од периодот на римската доминација, во текот на околу 700 години.

Од нејзиниот огромен научен опус најзначајни трудови во врска со историјата на античка Македонија се: „Македонските градови во римско доба“ (проширена верзија од нејзината докторска дизертација) – Жива Антика бр.1; „Македонските градови во римската епоха (“Les villes de Macedoine a l epoque romaine) издадена во Париз 1988година, како и „Inscriptiones Macedoniae Septentrionalis“, издадена од Берлинската академија во капиталната едиција

„Corpus inscriptionum Graecarum“ во која се објавени резултатите од меѓународниот проект на САНУ, МАНУ и Берлинската академија на науките за издавање на епиграфски и нумизматички извори за Македонија.

На својата Катедра за античка историја, уште во 1969г. проф.Папазоглу има организирано угледен Центар за епиграфија и нумизматика на кој се оспособуваат голем број помлади соработници.

Инаку, со свои оригинални прилози проф.Папазоглу има учествувано на многубројни научни собири од областа на епиграфијата, археологијата и античката историја, особено на старобалканските племиња. Држела предавања и на повеќе универзитети во светот. За постигнатите научни резултати има добиено и многу високи признанија.

Во 1974г. е избрана за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, а во 1982г. и за нејзин редовен член. Член е и на АНУБиХ. На 21 април 1994г. на предлог на Одделението за лингвистика и литературна наука и на Одделението за општествени науки е избрана за член надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.

Л.Н.