Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати професионалци од Македонија

Наташа и Грегор Пановски

Поривот за добивање нови знаења и амбицијата за испробување на информатичките вештини, им се реализира во 2001 година, кога брачната двојка од Скопје, Наташа и Грегор Пановски заминаа во Ајндховен на новите работни места во познатите светски компании „УПС-СЦС“ и „Филипс“. Грегор шест години работеше во одделот за медицински системи на „Филипс“ како инженер програмер, а Наташа како информатички аналитичар во „УПС-СЦС“. Веќе една година тие се дел од најпознатата светска мобилна компанија „Водафон“, тој на позицијата технички специјалист, а таа во одделот за базичен менаџмент. Двајцата велат дека се среќни, затоа што имаат работни места во кои уживаат. Пред една година во Ајндховен се роди и нивната ќерка Миа, околу која сега имаат големи обврски, снаоѓајќи се и балансирајќи меѓу професионалните и приватните обврски. Затоа, добро ги користат викендите, со прошетки во прекрасните паркови на градот Мастрихт, каде што сега живеат, со патувања низ повеќе европски земји и летните одмори на егзотични локации...

И двајцата од школските денови покажувале големи афинитети кон математиката и информатиката, така што сегашните професии се само остварување на нивните животни професионални определби. Најпрвина заминал Грегор, откако преку интернет аплицирал во „Филипс“, за да потоа му се придружи и Наташа, која запишала постдипломски по бизнис информациски системи. Шесте години поминати во „Филипс“ на Грегор му донесоа ново практично искуство и тоа во областа на медицинскиот оддел, конкретно работел на создавање и усовршување на медицински скенери. Бидејќи, неговото работно место во „Филипс“ било попасивно, а тој е човек што бара повеќе акција, се префрлил во „Водафон“. Описот на сегашните професионални обврски би бил – технички специјалист, што е раководна инженерска позиција и е одговорен за техничко советување и консултирање за апликации за мрежата, технолошка стратегија, верификација...Во доменот на неговите обврски спаѓа и контактирање со надворешни добавувачи, како „ХП“ и „Ериксон“. Има интеракција со клиенти, што му одговара бидејќи разговара и се дружи со луѓе. Конкуренцијата во мобилната телефонија е многу силна, па затоа мора да биде брз, одлучен и секогаш подготвен.
Наташа започна во „УПС-СЦС“ и имаше голема среќа да добие работа која била надополнување на целото нејзино претходно искуство и образование. Нејзините обврски таму беа оптимизација на логистичките процеси преку дизајн на софтверски системи. По три години, реши повторно да го следи сопругот и ја прифати понудената работа во „Водафон“ во одделот за базичен менаџмент со функција Business Intelegence Specialist. Има секојдневни обврски да прибира информации од информативните системи и бази на податоци за деловното работење на „Водафон“ и на конкуренцијата, потоа нивно анализирање и излагање во форма на презентации на највисоко менаџерско ниво. Во Холандија жените најчесто избираат полесни, женски професии, бидејќи сметаат дека треба да се посветени на семејството, а се особено почитувани доколку се наоѓаат на висока професионална позиција. Голема помош при одгледувањето на ќеркичката Миа добија од членовите на нејзиното семејство, бидејќи во Холандија породилното боледување е само четири месеци и потоа се вратила на работа.
Според нив разликите меѓу Холандија и Македонија и не се толку големи, само што тоа е сепак многу организирана средина, со големи можности за индивидуален напредок.

Гордана Настевска-Манасиевска
(преземено од „Теа модерна“)

Подготвила: Д. Ангелова