Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Иселеници инвеститори

Лазар Гацов

Лазар Гацов е македонски иселеник кој 32 години, поточно од 1965 година живеел во Шведска, во близина на Стокхолм, а 1997 одлучува да се врати во татковината и да инвестира во сопствен бизнис. Неговото работно искуство во металопреработувачката индустрија, преку која навлегува во тајните на производствениот процес на софистицирани делови за машини, го поттикнало да го формира СВЕМЕК.

Структурата на капиталот на ова претпријатие е 100 отсто приватна, а има засега 11 вработени со просечна возраст од 35 години. Стручноста, младоста и различноста се квалитети кои веќе говорат дека ова претпријатие допрва ќе го кажува неговиот главен збор на пазарот. Мотивот за постоењето на вакво претпријатие во Македонија, е всушност продолжување по стапките на една убава семејна традиција пренесена од Шведска, каде што започнува оваа македонска бизнис приказна.

        Основна дејност на претпријатието е производство на делови за пневматика и хидраулика по нацрт: цилиндри, вентили, мутери (навртки), разводници, уметоци (импланти) и други машински делови. Досега, СВЕМЕК експорт-импорт има изработено околу 300 најразлични видови машински делови по нацрт и нарачка. Изработувањето на такви делови бара максимална прецизност и од тие причини располагаат со најсовремена ЦНЦ технологија, чија што карактеристика е 15.000 вртежи во минута/секунда од типот МАЦУРА и ОКУМА (Јапонија) и со три автоматски центри, два автоматски струга, две мануелни дигитални фрези и неколку мануелни стругови.
       Поради специфичноста на дејноста, производите на СВЕМЕК се целосно наменети за извоз. Стратешки партнери за извоз на ова претпријатие се МПЦ и БОШ-РЕКСРОТ од Шведска. Земјите во кои најмногу се извезува се САД, Норвешка, Шведска и Унгарија. Затоа што се работи за специфично производство, репроматеријалите што се користат се увезуваат најмногу од Шведска, поточно од компанијата ЕМПИРЕ.

Менаџментот на СВЕМЕК е свесен дека, за да успее едно претпријатие, пред се е потребно тоа да располага со високи стручни знаења од областа во која работи, како и добра организација на производството. За да ги задоволи критериумите на пазарот, тие се во фаза на воведување на стандард за управување на квалитетот – ИСО-9000. Со тоа СВЕМЕК станува убав пример во македонската економија – развиен бизнис со долгогодишна традиција на европско искуство каде што се споени скандинавските знаења и македонската креативност. Основна цел е обновување на технолошкиот процес со најнови машини и проширување на произведствениот простор. Голем предизвик е и освојувањето на германскиот и францускиот пазар. Поради тие причини, претпријатието работи деноноќно на остварување на ЕУ стандардите, а за три години, според сите параметри, и ќе биде таму.
Тимот на СВЕМЕК експорт-импорт на чело со г-нот Гацов, делат една голема надеж и негуваат нескриен оптимизам за подобра иднина, која ќе се оствари со влегувањето на Република Македонија во Европската Унија. Нивната порака е : ВДИШЕТЕ ДЛАБОКО И НАПРАВЕТЕ ГО ПРВИОТ ЧЕКОР !

            За повеќе информации постои нивната интернет страница со адреса: www.svemekmk.com

 

Подготвила: Дора Ангелова