Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Иселеници инвеститори

Мирјана и Васо Аврамовски

Ѓомлезе и кајгана од ноево јајце


Мирјана и Васо Аврамовски деновиве ги отворија вратите на својата новоизградена куќа во поречкото село Девич за сите посетители -намерници што сакаат да уживаат во предностите што ги носи селскиот туризам

Мирјана и Васо Аврамовски, повратници од Данска, деновиве ги отворија вратите на својата новоизградена куќа во поречкото село Девич за сите посетители-намерници што сакаат да уживаат во предностите што ги носи селскиот туризам. Задоволството на лицата на нашите домаќини, горди на она што успеале за кратко време да го направат на нивното земјиште во Девич, родното место на таткото на Мирјана, го забележаа сите присутни кои во средата беа да ја споделат радоста на овие прекрасни луѓе. Растрчани на сите страни, нашите домаќини ни презентираа како може да се нуди туризам и угостителство на фарма на село.

 

 

МИРЈАНА И ВАСО

Сигурно си помисливте дека Мирјана и Васо потекнуваат од овие краишта штом решиле тука да ги вложат своите заработени гастабајтерски пари. И во право сте. Двајцата ни рекоа дека иако немале никакво претходно искуство во угостителството, решиле да се занимаваат со оваа дејност откако Васо, по четирисет години поминати во туѓина, се вљубил во македонските планини и во родниот крај.
- Како дипломиран стоматолог, во Данска немав шанса да работам по струката. Откако ги усовршив стручните предмети - физика, биологија, хемија, математика и данскиот јазик, најдов работа во Новонордиск, која е позната медицинска фирма за производство на инсулин. Таму работев во контролна лабораторија и ми беше многу убаво. Иако ја сакам многу Македонија, сепак, намерата ми беше да дојдеме овде подоцна. Сепак, желбата на сопругот беше да се вратиме што поскоро, додека имаме енергија да створиме нешто. Откако ја изградивме куќава, сега сфаќам дека беше потполно во право - возбудено ни раскажа Мирјана.

Васо бил менаџер за Југоисточна Европа на данска фирма за продажба на машини за производство на пластични производи. Токму тоа и му била првата работа во Македонија. Откако и двајцата увиделе дека ќе немаат егзистенција од продажба на такви скапи машини, Васо посакал да одгледува ноеви на фарма во прекрасниот девички крај.
- Од мојата канцеларија во Данска секојдневно гледав ноеви и добив желба и јас да ги одгледувам. Купивме неколку мали ноеви и бидејќи не знаевме што да правиме со нив, се одлучивме да започнеме со селски туризам, а поттик за тоа добивме и од рекламите што одеа на телевизија. Ова што го створивме е направено само за еден месец и се надевам дека ќе се шириме со помош на општината - вели Васо.

На менито што во догледно време Мирјана и Васо ќе им го нудат на гостите ќе се најде месо и кајгана направена од јајце на ној. Кајгана од едно јајце на ној, ако не сте знаеле, е доволна за 12 лица. Таква можност имавме да пробаме и ние гостите. Иако има вкус како кајгана од кокошкини јајца, Мирјана вели дека во нив нема холестерол. А лушпата на јајцето кое обично тежи од 1.300 до 1.800 грама е толку тврдо што Мирјана мораше да употреби чекан и железен шилец за да направи отвор од неколку сантиметри. Васо пак, има план да извезува ноево месо во Данска, но проблем е што во Македонија нема сертифицирана кланица за таа намена.
- За да се извезе во Данска еден шлепер, потребно е да има 30 тони ноево месо. Ноевите секојдневно растат и тие јадат храна од 500 евра месечно, а проблем е што во Македонија нема кланица со сертификат за извоз - појаснува Васо.

ПОДДРШКА ОД ОПШТИНАТА

Според градоналникот на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, кого го сретнавме на свеченото почнување со работа на објектот на Мирјана и Васо наречен Маквикинг, потенцијалите на Поречието се гледаат во развој на туризмот, посебно на селскиот, но има можности за развој на езерскиот, планинскиот, ловниот, или риболовниот туризам.
- Отвораме објект кој почнува со селски туризам. На нашите повратници од Данска општината им дава сесрдна поддршка, преку развој на инфраструктурата во селото, со што ќе придонесеме да бидат задоволни сите гости што ќе дојдат тука. Ова позитивно ќе влијае врз другите потенцијални инвеститори. Ваков сличен објект имаме отворено во село Самоков, каде доаѓаат гости од соседните држави - изјави Војнески.

Со пописот од 1962 година на територија на општина Македонски Брод живееле 24.000 жители, а сега се само 8.500. До распаѓањето на СФРЈ во општина Македонски Брод, 90 проценти од луѓето работеа во државни фирми. По трансформацијата на капиталот од државна во приватна, потенцијалите се насочени кон развој на дрвната индустрија и рударството.
- Од нашиот рудник, кој е втор во светот, вадиме камен за произовдство на бетон што има 52 проценти магнезиум во составот. На територијата на општината имаме фирма која го експлоатира тој камен. Пакуваме по еден килограм за САД, Канада, Австралија и Европа - вели Војнески.
Земјоделството во општината слабо се развива, но повеќе вниманието е насочено кон сточарството. Со помош на Општина Македонски Брод беше продадено училиштето во село Локвица на факултетите од Бостон, САД кои имаа акредитација во земјава и работат по Болоњската декларација. Во моментов се врши изградба на објект од околу 5.000 квадрати, во кој ќе функционираат факултети за екологија, туризам, астрономија и архитектура. Војнески очекува од наредната година тука да дојдат околу 300 студенти од земјава и странство.

Пештерата Пешна го одзема здивот

Целиот овој простор околу селото Девич, кое патем го добило името по сестрата на Крале Марко, Дева, е варовнички и во радиус од неколку километри се среќаваат многу пештери и многу подземни реки - понорници, како што е на пример река Треска. Интересно е што во оштина Македонски Брод има новооткриени 20 пештери, една од нив се претпоставува дека е долга 10,5 километри. Спелеолози од Франција веќе се стигнати до четвртиот километар внатре во пештерата и е откриено дека на 200 метри под земја има езерце со живи риби, што ќе биде нова атракција за посетителите.

Имавме прилика да ја посетиме една од најпознатите пештери во овој крај, Пешна, во чија утроба бил сместен дворецот на втората сестра на Крале Марко. Дека се живеело интензивно од 14 до 19 век на просторот подолу од Пешна, говорат остатоците од 13 воденици и три цркви.
- Водениците на овој потег и јас ги затекнав. Се сеќавам како мал дека во 50-тите години од минатиот век, ѕидините во пештерата се користеа од страна на локалните овчари за да ги заштитат своите стада во летниот период. Во тој период од карпите во пештерата истекуваше вода се до Петровден. Подолу има остатоци и од три цркви, една била внатре во пештерата, другата е Свети Арангел и третата Свети Димитрија, која е пренесена во селото Локвица. Колку е стара пештерата Пешна не се знае, но јас лично сум влегувал 200 метри во пештерата со помош на фенери - ни раскажа 66-годишниот Кирил Радески од село Локвица кој, како што ни рече, е чест посетител на Пешна.

Нашиот водач низ Поречието, Гордана Јанакиеска има намера да го заживее овој крај и митот за Крале Марко.
- Ова претставува многу богат крај со вода, но е запустен и мислам дека заслужува да има афирмација. Сигнализацијата за да се стигне до овие места е катастрофална. Годинава ќе се посветам на ревитализација на овој крај за да може да биде пристапен патот до пештерата, да има табла со ознака за каква пештера станува збор и да ги добие основните знаења за нејзе, бидејќи многу малку податоци има за Пешна во археолошката карта на Македонија - вели Јанакиевска.

Некои преданија велат дека од тврдината Дева што се наоѓа на само еден час пешачење од село Девич, постоел неколку километарски тунел до пештерата Пешна, што им служел на луѓето да избегаат кога ќе ги нападнеле Турците.
- Македонски студент што студира во САД бил во посета на Пешна и направил прекрасна фотографија од неа. Пешна го потсетила на замокот во филмот Господарот на прстените. Таа фотографија беше објавена во Њујорк Тајмс - раскажува Јанакиевска.
Во близина на Пешна се наоѓа уште една пештера Крапа.

Светлана БЛАЖЕВСКА