Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Иселеници инвеститори

Тефик Тефиковски - Туто

Јанче центар на селскиот туризам во Долна Река
Тефик Тефиковски се' што спечали во Италија инвестира во родниот крај


Тефик Тефиковски деновиве го отвори угостителскиот комплекс, а напролет ќе го заврши реновирањето на четирите напуштени куќи за да ги прими првите гости од Италија, Германија и Австрија



ЈАНЧЕ - Пространа ресторанска сала со автентичен селски амбиент, со декорација на стари предмети кои се користеле во домаќинството на овие простори. Ентериер од камен и дрво, основни материјали со кои се граделе куќите во Долна Река, а во салата умешно вклопени се карпа и водопад кој излегува од утробата на земјата. Над ресторанската сала седум апартмани. Од терасата како на дланка се гледаат кањонот на Радика и врвовите на планините Бистра, Крчин, Дешат и Стогово. Овој угостителски комплекс е само дел од големиот проект на Тефик Тефиковски - Туто, за развој на селскиот туризам. Тој првите гости ги прими завчера, на свеченоста одржана по овој повод. На гости му дојдоа голем број лица на општествено-политичкиот и јавниот живот на Скопје, Гостивар, Охрид, Дебар и од други градови, претставници од амбасадата на Италија во нашата држава и неговите соселани од сите долнорекански села, кои беа нагостени со домашни специјалитети на регионот.

„Идејата стана стварност. За две години успеав поголемиот дел од планираните активности да ги реализирам, вели Тефик Тефиковски - Туто. Во дваесетгодишното печалбарство во Германија и во Италија, носталгијата постојано ме прогонуваше да се вратам во родното село Јанче, кое како магнет ме привлекува и тука да го развивам бизнисот. Од градежништво се трансформирав во туристичко-угостителски работник. Всушност, се определив да ја продолжам традицијата на мојот дедо, чие име го носам, а тој имал ресторан во Александрија, Египет“.

Тефик ќе го развива селскиот туризам во Долна Река. За таа цел купи и четири напуштени куќи во селото, ги преуредува и адаптира за прием на гости. Автентичноста на архитектурата останува иста. Интервенцијата е да ги оспособи куќите со современи услови за престој, без да се наруши традиционалниот амбиент. За неколку месеци планира да завршат работите и за претстојната летна туристичка сезона да ги прими најавените групи туристи од Италија, Германија, Австрија и од други држави.

„Тефик ги заслужува сите пофалби. Тој ќе го врати животот во Долна Река“, вели Сулејман Џафери од соседното село Присојница, кој над три децении работи во Берлин, Германија, а е дојден со своите најблиски да ги помине новогодишните празници. Тефик ќе поттикне многу печалбари од Долна Река да се вратат во родните места и егзистенцијата.