Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Мазлум Хасан

Цела горна Жупа се пресели во Венеција

Во градот на водата работат 500 мајстори од овој дебарски крај на обнова на старите палати.

ВЕНЕЦИЈА - Цела Горна Жупа е преселена во Венеција. Од трите села Новак, Коџаџик и Елевци во градот на водата работат околу 500 мајстори, реставрирајќи ги повеќевековните објекти. Тие имаат триесетина сопствени фирми, а најголема и најпозната од нив е на Мазлум Хасан, кој, всушност, прв ја повлекол ногата во Венеција и најголемиот број од дебарските мајстори ги вработувал кај него, упатувајќи ги во реставраторскиот занает.

Печалбарската приказна на Мазлум Хасан е необична и несвојствена за нашинците таму. Во Венеција дошол случајно, за да ја види, но останал и ја освоил, стана еден од најбараните реставратори. Младиот дебарчанец, мешајќи им малтер на познатите италијански реставратори, сфатил дека неговите мајстори од Жупа можат да станат добри исто како нив и да ги заменат. Италијанците не подготвувале млади луѓе да ги заменат, а тоа отворило пат во занаетот да навлезат младите момчиња од Горна Жупа.

Мазлум мешал малтер и учел, а по две години регистрирал своја фирма и започнал да реставрира помалку значајни објекти. Но, со тек на време со макотрпната работи и умешноста стекнувал се' поголем авторитет, посебно кај Католичката црква, која денес не започнува ниту една реставрација на стар објект во Венеција, а претходно да не го консултира него.



Работа за четири години

Мазлум вели дека има обезбедено работа за наредните четири години, може да врши реставрации и надвор од Венеција, но тоа не го прави зашто не може да ги заврши сите објекти што веќе ги реконструира или, пак, чекаат да работи на нив. Тој спомнува дека работите на позната кула на црквата „Санто Стефано“ од 12 век ги одлагаат три години зашто чекаат да се ослободат неговите мајстори. Таа е накривена 40 сантиметри и постои опасност да падне. Кулата е висока 27 метри, а Мазлум со своите мајстори треба да ја урне неколку метри над земја и да ја изгради одново од истиот материјал. Уривањето на кулата треба да биде прво уривање на историски објект во древната Венеција изградена на вода.

Доволно е да се спомнат само некои објекти што ги реставрирале дебарските мајстори за да се сфати што значи, всушност, фирмата на Хасан за продолжување на животот на Венеција. „Меѓу позначајните објекти на кои работевме се црквата ’Санто Стефано‘, втора по значење црква во Венеција, по ’Сан Марко‘. На неа работевме повеќе години, а и сега се грижиме за нејзино одржување. Неа ја реновиравме целосно, покривот, плафонот и фасадата. Изградена е од тула и мермер. Ја реставриравме и палатата ’Граци‘, една од највредните палати во Венеција, работевме и на операта ’Фениче‘ заедно со други изведувачи“, вели македонскиот печалбар.

Фирмата на Мазлум ја има реставрирано и зградата на полицијата, која е од 14 век. На неа работеле 6 години. На Градската болница која е изградена во 12 век работат од 2001 година и се' уште не ја имаат завршено. Неговата фирма ја реставрирала и куќата во која престојувал Моцарт кога доаѓал во Венеција.

Во Венеција работат и тројцата браќа Бељо од Новак. Најстариот Алит работи како мајстор 11 години. Најпрво работел во фирмата на Мазлум, а потоа браќата формирале сопствена фирма. Вели дека е задоволен. Ниту еден ден не останал без работа. Работи и во Венеција, но и надвор од неа, најчесто во градот-близнак кој се наоѓа на копното - Местре. Жената и трите деца на Алит се во Новак, а секое лето одморот го минува таму.

Мајсторите од Новак

Братот Неџми е оженет за Италијанка од Венеција. Има три девојчиња - Емилија 9 години, Емануела 5 и Сара 2. На работа дошол на 15 -16 години. Во Местре има своја куќа. Сопругата Даниела е наставничка, до сега не ја однел во Новак, но ова лето планираат сите заедно да отидат, за да ги види прекрасните планински предели кои, како што вели, имаат своја убавина. Родителите на браќата Бељо живеат во нивното родно место. Со нив се други двајца браќа. Главно, се занимаваат со сточарство и чуваат 400 овци.

И Сиди Зулбеа е од Новак. Има сопствена фирма во која вработува неколкумина мајстори. Зулбеа дошол пред 15 години, од училишна клупа право на печалба. Работи на помали реконструкции. Задоволен е и од работата и од заработувачката. „Повеќе време од животот го поминав тука отколку во родното село Новак. Живеам во близина на Местре со семејството. Целата моја фамилија е во Италија“, вели тој.
Во неговата фирма работи и Ајхан Селманов, единствениот демиркапиец кој залутал во Италија. Тука е две години и секој момент чека да ги добие документите за престој. Во родното место одгледувал лозја, а сега стана првокласен мајстор. Прво работел во италјанска фирма во Перуџа, дошол на прошетка во Венеција, се запознал со некои работници од Горна Жупа и тука останал.

„Сите се снајдоа, јас на некој начин се гордеам кога гледам дека успеваат. Ако сега ги посетите овие села, ќе видите дека се целосно изменети, сите имаат изградено добри куќи. Горножупанци се мирни луѓе, никогаш во Венеција не направиле некои проблеми. Незабележани од никого си ја бркаат својата работа. Венецијанците ги сакаат и ценат, не само поради тоа што тие се добри мајстори, туку и добри луѓе. Кога ја реставриравме полициската станица, му кажав на шефот на полицијата кој било од нашите да направи некој проблем, мене да ми се јават. Пред тоа, јас него ќе го казнам“, вели Мазлум Хасани, кого сите го почитуваат, зашто ако не дојдеше тој во Венеција, прашање е дали тие ќе беа тука.

„Сите се тука со жените и децата. Од Горна Жупа има околу 200 семејства. Има и самци, но сите се трудат да ги донесат семејствата“, додава Мазлум.

„Голема желба ми беше да им помогнам на моите луѓе да дојдат тука да работат, зашто таму немаше никаква егзистенција. Секој што ќе ми се јавеше да ме праша дали може да дојде во Италија, на секого му велев да. Се запознав со надлежниот за странците и тој многу ми помогна околу документите за престој што им ги издаваа властите“, вели Мазлум.

Тој додава дека има некои работи што им се потребни на нашинците во Италија, кои ги има околу 50.000. „Тука, во северна Италија, немаме ниту еден конзул. А маките на работниците се големи. Тие имаат потреба да вадат некои документи, треба да се организираат, а македонската држава не е присутна овде. Треба Италија да види дека тука не сме сами. На сите наши политичари постојано им го кажувам тоа. Напротив, се случува спротивното. Еднаш месечно во Тревизо доаѓаше конзулот од Рим, од пред извесно време ни го укинаа“, раскажува овој наш успешен бизнисмен во Италија.

Новак има повеќе од 350 куќи, Коџаџик 80, а Елевци 50. Сите тие се нови, изградени од печалбарите што работат во Венеција. „Нашиот крај беше на изумирање. По вработување на нашите во Италија, Горна Жупа се промени целосно. Сите изградија нови куќи. Сите Горножупанци секогаш се во контакт меѓу себе, се гледаат и се посетуваат. Во Горна Жупа на 15 август се одржуваат печалбарски средби, а за Нова година такви видувања имаме во Долна Жупа“, вели Мазлум.

Тој во родното Коџаџик направил голема куќа од 1.000 квадратни метри. „Зошто ја изградив куќата? Во неа живеам само 10 дена во годината, но главната причина се моите деца. Сакам да знаат дека коренот им е оттаму и да имаат нешто да ги врзува со Коџаџик и со тој крај. За мене таа не е куќа за десет дена. Мене животот ќе ми биде таму. Ќе дојде време кога јас не ќе сакам да седам овде. Чувствувам голема носталгија за мојот крај. Не Венеција, туку цел свет да ми го дадат, јас најмногу тој крај го сакам.

Три четвртини од мојата душа е таму, а една овде, во Венеција. Кога ќе се разбудам наутро, пред мене се појавува сликата на мојата куќа, комшиите, моите родители. На децата секогаш им зборувам за родниот крај, за моето детство, како таму ми било поубаво. Таму не сме имале некои луксузни работи, многу нешта ни недостигале, но и од тоа што го имавме, бевме задоволни. Мене ми недостига тој дел од животот. Сакав да заживее тој крај. Затоа, на сите пријатели и на роднините им велам нашиот живот ќе биде таму, иако сме тука со семејствата. И сите решивме да направиме куќи, да ја обновиме Горна Жупа. Ако имам можност во Македонија да развијам бизнис, да се занимавам со реставраторство на наши цркви и џамии, би се вратил. Но, за тоа македонската држава нема пари“, раскажува носталгичниот Мазлум Хасан, човекот кој со невидена упорност, трудољубивост и знаење ја освои Венеција.

Од нашиот известувач Виктор Цветаноски