Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Златко Димчовски


Научник почитуван во светот

Проф-Д-р Златко Димчовски, физичар и истражувач

Златко Димчовски е физичар и работи во најголемиот истражувачки светски центар, ЦЕРН во Женева. Тој е и генерален директор на „Њутек”, компанија основана во овој град, која се занимава со производство на компјутери, на етаблираната и респектирана компанија „Биоскан”, која ја основал заедно со нобеловецот Џорџ Чарпак, која произведува медицински скенери, како и на „Интеларт”, компанија што го произведува „интелигентниот електронски асистент” Арчи-балд. Во неговата професионална биографија се запишани уште стотина други патенти што се користат во медицината и индустријата. Во својата 30-годишна кариера Димчовски бил и професор по нуклеарна физика, вештачка интелигенција, биомедицина и атомска физика на повеќе еминентни универзитети во Париз, Женева, Њујорк, Виена, Лозана, Гренобл... Исклучително ведар, позитивен човек, со одлична смисла за хумор и расположен за разговор. Токму затоа муабетот со професор Димчовски за нас претставуваше голема чест и задоволство...

ДЕНЕС СТЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО УСПЕШЕН, ЦЕНЕТ НАУЧНИК ВО СВЕТСКИ РАМКИ, ИСТРАЖУВАЧ И ПРОФЕСОР. ДЕЛ СТЕ ОД ЦЕРН, НАЈГОЛЕМИОТ ИСТРАЖУВАЧКИ ЦЕНТАР ВО СВЕТОТ, СО СЕДИШТЕ ВО ЖЕНЕВА, ОСНОВАЧ СТЕ НА НЕКОЛКУ КОМПАНИИ МЕЃУ КОИ И „БИОСКАН”, КОЈА СЕ ЗАНИМАВА СО ПАТЕНТИРАЊЕ СКЕНЕРИ ЗА ПОЛЕСНО И БРЗО ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ НА ТЕШКИ БОЛЕСТИ. НО ВАШЕТО ЗАМИНУВАЊЕ ОД МАКЕДОНИЈА НЕМА ПРИЈАТНА ИСТОРИЈА. ШТО СЕ СЛУЧУВАШЕ? ЗОШТО ЗАМИНАВТЕ ВО ШВАЈЦАРИЈА?

Во мојата биографија делот поврзан со Македонија е малку комплициран, но ќе се обидам да го објаснам (се смее). Јас два пати заминував од татковината, која тогаш се викаше Југославија. Кога имав 18 години, во 1963 година, заминав во Франција, каде студирав физика, што беше моја животна цел. Тогаш Југославија беше земја-членка на ЦЕРН, но се откажа за да биде членка на истражувачкиот центар ДУБНА во Русија. Но, за жал, не извисија од двете страни и тоа за мене беше страшен шок! Останав без поддршка од татковината. По дипломирањето на Политехничката школа Французите ме пратија во ЦЕРН, каде добив стипендија. Но, во ЦЕРН не можев да добијам работа и заминав на универзитетот Рокфелер во Њујорк. Бевме 120 професори, од кои 18 нобеловци, а имавме само 18 студенти (се смее). Јас предавав атомска и суб-нуклеарна физика. Четири години работев таму како професор, а имав само 32 години и одлучив да се вратам во Скопје, со намера да направам тука нешто добро. Успеав во тоа, направив трет степен по сончева енергија, ја основав првата нуклеарна лабораторија во Македонија со помош на донација на ЦЕРН, во која ги направивме првите и, за жал, до денес последни испитувања на космичките зраци на тлото на Република Македонија. Ја основав и првата сончева лабораторија во Македонија, која беше донација на Францускиот комесаријат за атомска енергија (ЦЕА) и која ги направи првите систематски мерења на инсолацијата на Македонија. Во 1982 година бев претседател на интернационалната конференција на Обединетите нации која се одржуваше во Охрид, каде присуствуваа 162 земји, што беше голем успех за Македонија. Лобирав и финансирав за многу млади македонски студенти да го продолжат нивното образование и професионални ангажмани во странските научнички центри во Америка, Франција, Јапонија и тоа се врз основа на мои лични контакти, а не на државата. Но, за жал, имаше една група луѓе на кои тоа толку многу им пречеше што направија една многу гнасна работа - кога ј требаше да ме изберат за редовен професор (дотогаш бев вонреден) тие придонесоа да не ме изберат, и покрај тоа што имав повеќе од 100 објавени трудови во странски научни списанија, и покрај тоа што два пати бев номиниран за Нобелова награда... Главниот изговор им беше дека сум бил многу млад! (се смее). Таквата одлука за мене беше навреда, а и за моите студенти, кои многу ме сакаа и ме почитуваа. Тоа беше и неправда за мене, за моето семејство... затоа одлучив да заминам. Дадов отказ од скопскиот универзитет и со еден скапан „фолксваген буба”, со трите деца и сопругата заминав во Швајцарија. Кога стигнавме таму имав само 50 франци во џебот, тоа беше многу тежок период за моето семејство. Но, подоцна сфатив дека тие што ме избркаа, всушност, ми направија голема услуга (се смее). Колегите и пријателите во Швајцарија ми велеа дека сум луд што сум се вратил во Македонија, но и дека ги разбираат моите патриотски чувства. Така, целиот живот го почнав од почеток!

ДА, ЈА СОЗДАДОВТЕ КОМПАНИЈАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА КОМПЈУТЕРИ, А МАЛКУ ПОДОЦНА И БИОСКАН... МОЖЕ ЛИ ПОВЕЌЕ ДА НИ РАСКАЖЕТЕ ЗА ДЕЈНОСТИТЕ НА ОВИЕ ДВЕ КОМПАНИИ?

Во ЦЕРН стекнав големо искуство и познавање за компјутерите, па затоа одлучив да ја создадам компанијата за производство на компјутери Њутек. Тогаш, значи некаде во 1982 година, не постоеја персоналните компјутери. Имаше комодори, имаше мајкрософт и си-пи-ем. За две години со многу напорна работа заработив многу пари, направив своја марка компјутери наречени Њутек, кои се забележани и запишани како првите персонални компјутери произведени во Швајцарија. Подоцна се вратив на својата прва љубов - нуклеарните детектори и ја создадов компанијата Биоскан, со мојот колега Џорџ Чарпак, кој по две години доби Нобелова награда. Имав среќа да го реализирам сонот од младоста. Биоскан работи на три производи за медицината. Првиот е таканаречено дигитално фотографирање, преку рентгентски икс-зраци, на човечкото тело при било која операција. Тоа е таканаречена интервентна радиологија. Тогаш во човечкото тело се ставаат сонди или електроди, за да се направи операција, или за подобрување на кардиоваскуларната, канцерогената и друга здравствена состојба на телото. Имам екипа од околу 60-тина истражувачи - доценти и професори - со кои направивме неверојатни откритија во медицината. Првиот пробив беше системот кој се користи при операција на болни од Паркинсонова болест, кој го направивме пред три години. Имено, при операција во мозокот се внесуваат две електроди, се работи за многу тешка операција, која трае 30 часа и на која на секој пловина час се менуваат хирурзите. Биоскан направи едно комплетно решение - на лекарот му се дава еден апарат, кој ја заменува човековата рака и така е многу попрецизен во внесувањето на елек-тродите во мозокот. Притоа се прави нуклеарна-магнентна резонанца (РМН) и таа слика обезбедува неверојатна прецизност, бидејќи ги покажува деловите до субмикронски димензии. На таа слика се гледа каде е дегенериран мозокот, каде е тој дел кој е атрофиран или изумрен, што всушност ја предизвикува Паркинсоновата болест, кога поради недостиг на кислород се создаваат вакви ткива и со тоа се прекинуваат неуронските врски во мозокот. Сега работиме на лечење на Алцхајмеровата болест, што ќе оди многу потешко, бидејќи таму изумираат клетките во повеќе слоеви од мозокот. Во однос на овој патент сме на почетокот, но се надевам дека и за тоа ќе најдеме решение. Би сакал да кажам и за најстариот патент на Биоскан, тоа е детектор за канцерогените клетки, конкретно за оние во дојките кај жените. Со методата што јас ја патентирав во 1993 година успеавме да ги видиме канцерогените клетки 25 пати попрецизно од методата на „Џенерал електрикс”. Ние им дадовме на лекарите инструмeнт кој го следи движењето, зрачењето и покажува дали лекарот е точно на местото кое треба да се зрачи. Тоа беше најголемиот успех на Биоскан, бидејќи дадовме прва муви-тајп моушн пикчр, со што се овозможува неверојатна прецизност при зрачењето, а и можноста за лечење и преживување е многу поголема. Овие патентни ми донесоа многу пари, но сите ги рефинансирам во други компании.

ДАЛИ ПАТЕНТИТЕ ОД БИОСКАН, ЗНАЧИ СКЕНЕРИТЕ ЗА ОДРЕДУВАЊЕ ПРЕЦИЗНОСТ, ИМААТ САМО МЕДИЦИНСКА ИЛИ И ИНДУСТРИСКА УПОТРЕБА?

Детекторот е патентиран за правење многу прецизни, динамични слики, до 30 во секунда. Оваа слика при некоја операција може да се испрати преку интернет во друга држава, за да се добие мислење од друг лекар. Ова е таканаречена телемедицина, која се применува и во индустријата. Таму е многу полесно, бидејќи не се инспектираат луѓе, туку објекти - мртва природа: мостови, згради, со цел да се види квалитетот на бетонот, арматурата... до авионите. Ние на компаниите им даваме слика за квалитетот на објектот.

ВИЕ СТЕ ВИЗИТИНГ ПРОФЕСОР - ПРЕДАВАВАВТЕ НУКЛЕАРНА ФИЗИКА, ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И БИО-МЕДИЦИНА НА УНИВЕРЗИТИТЕ ОД ГРЕНОБЛ, ЖЕНЕВА, ЛОЗАНА, ЛИОН И ПЕНСИЛВАНИЈА, КАКО И АТОМСКА ФИЗИКА НА УНИВЕРЗИТИТЕ ВО ЊУЈОРК, ПАРИЗ, ВИЕНА И СКОПЈЕ.... КАКО ЈА ДОЖИВУВАВТЕ ТАА ВАША УЛОГА?

Како што еднаш споменав, мене студентите ме обожуваа. Јас уживав на предавањата. Часовите летаа како секунди, бидејќи беше многу интересно. Најчесто предавав по пет до шест часа неделно и тоа на различни универзитети, но сега веќе не сум толку активен. Повеќе сум посветен на истражувањата или, пак, ако сметам дека сме откриле нешто ново, тогаш договарам часови и им го пренесувам искуството и знаењето на студентите.

ВО ЛАБОРАТОРИИТЕ ВО ЦЕРН СЕ СЛУЧУВААТ МНОГУ ИНТЕРЕСНИ ЕКСПЕРИМЕНТИ, А ОСОБЕНО ВНИМАНИЕ ПРИВЛЕКУВА ПРОЦЕСОТ НА СОЗДАВАЊЕ НА АНТИМАТЕРИЈАТА. ШТО Е АНТИМАТЕРИЈА? ДО КАКВИ СОЗНАНИЈА СТЕ ДОЈДЕНИ ВО ОДНОС НА НЕЈЗИНОТО КОРИСТЕЊЕ И ФУНКЦИЈА?

Да, направивме експеримент со антипротони, односно со антиматерија. Славевме две нешта: 50 годишнината на ЦЕРН - првата европска истражувачка институција создадена во 1955 година во Женава, која имаше за цел да ги врати назад сите врвни научници како Ферми, Ајнштајн... кои избегаа во Америка поради Хитлер и Втората светска војна и 100 годишнината од теоријата на релативитетот на Алберт Ајнштајн. Значи, токму во чест на овие два големи јубилеја го направивме првиот проток на антиматерија во историјата на човештвото. Идејата беше да се следи протокот на неколку квадратни милиметри. Тоа е малку, бидејќи ваквиот процес е извонредно скап - една секунда чини 40 000 евра. Тој проток антипротони се праќа кон одредена цел, а бидејќи ракот на дојката кај жените е многу чест и предизвикува најголем смртност, одлучивме со биопсија да земеме канцерогено ткиво од дојката од неколку личности, кое стана цел кон која се праќаат антипротоните. Според Ајнштајн, кога доаѓа до судир меѓу антипротонот како надворешен проектил и клетката како внатрешен проектил кој сакаме да го уништиме, антипротонот и протонот преминуваат до фаза на материја, која преминува во зрачење. Кога доаѓа до аниилација, канцерогената материја се самоуништува, исчезнува и излегуваат двагама зраци, кои се еден спроти друг на 180 степени. Тоа ние го детектиравме.

ВИЕ, ЗНАЧИ, ДЕФИНИТИВНО ВО ШВАЈЦАРИЈА ГО ОСТВАРИВТЕ СВОЈОТ СОН ОД МЛАДОСТА, ОД КОГА ТРАЕ ВАШАТА ФАСЦИНАЦИЈА СО ФИЗИКАТА?

Да. Јас бев обично момче од Скопје кое сонуваше еден ден да стане голем научник и истражувач. Замислете колку е убаво кога тоа ќе се оствари еден ден. Кога бев дете, немаше телевизија, немаше никаква друга забава, освен стриповите. Се сеќавам дека го обожував стрипот со Флаш Гордон, кој беше многу популарен. Јас буквално ги голтав страниците за другите планети, за вонвселенските патувања... Тоа беше мојот свет и мислам дека сето тоа ми даде одлична основа за она што ме очекуваше и за она што сум денес. Во мојата 17-та година одлучив да работам матурска работа за теоријата на релативитетот на Ајнштајн. И денес се чудам на таа моја храброст: да пишувам за делото на Ајнштајн! Сега, со сето знаење што го имам, не би направил такво нешто (се смее). Ајнштајн беше генијален човек, а јас бев неверојатно „запален” по она што тој го создавал тогаш.

СЕ ЗНАЕ ДЕКА СТЕ ИМАЛЕ БАРАЊЕ ОД ДЕН БРАУН, АВТОРОТ НА ХИТ-РОМАНОТ „КОДОТ НА ДА ВИИЧИ” ЗА ЕДЕН ВИД СОРАБОТКА. ЗА ШТО ТОЧНО ВЕ ПОБАРА БРАУН?

Да. Со книгата „Кодот на Да Винчи” која ја прочита буквално целата планета, тој заработи многу, многу пари. Но, моето мислење, а и мислењето на моите колеги, е дека во таа книга има големи глупости. Некои од нив се плагијати на многу други работи. Тој всушност за пишување на романот искористи, во негативна смисла, некои многу сериозни работи за создавање на вселената, тајни на постоењето на материјата, на антиматеријата. Направи сите овие нешта да бидат интересни, а за сметка на тоа ја злоупотрени вистината. Обичните луѓе, кои немаат познавање за тие нешта, добија една искривена слика за постоењето, за животот. Ден Браун со неговите квазиставови ги води младите во многу погрешна насока. Тој не ги наоѓа вистинските вредности, туку завлегува во некои девијации, кои понекогаш се филозофско-религиозни, па дури и фанатички. А тоа е една многу лоша услуга за целиот свет. Ние како научници се спротивставивме на тоа, бидејќи тоа што тој го пишува не е наука. Науката треба да биде објективна, да пренесува факти и да го врати долгот на општетсвото, кое ја финансира. На пример, ЦЕРН има над милијарда евра годишен буџет за исплатување на платите за 5000 вработени луѓе во овој истражувачки центар. Тие милијарда евра годишно не можат да одат за бајки, кои не се проверени, ниту водат кон нешто позитивно. Науката е автентична и води кон напредок, а во книгата на Браун тоа го нема. Затоа кога тој дојде во нашите канцеларии со неверојатно дрски барања, директорот на ЦЕРН го избрка пред мои очи од канцеларија. А, јас само се насмеав! Навистина им се чудам на нашите интелектуалци кои се обидуваат да ги следат светските трендови и кои дебатираат околу суштината на оваа книга, која е само за во ѓубре!

ВЕЛИТЕ ДЕКА СЕКОГАШ ОДИТЕ ПРОТИВ ПРИНЦИПИТЕ, ПА КАКО ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ГО ПРИФАЌА СЕТО ТОА? ИМАТЕ ПЕТ ДЕЦА, ДАЛИ НЕКОЕ ОД НИВ ИМАТ ИНТЕРЕС ЗА ОНА ШТО ГО РАБОТИТЕ?

Најголемото богатство и убавина што човекот може да го остави се децата. Тоа е најубавата работа што ми се случи во животот. Моите деца од првиот брак живеат во Швајцарија. Марко работи со мене, Денис работи во банкарството, а ќерка ми Весна дипломираше интернационално и европско право во Стразбур и од швајцарското министерство за надворешни работи е испратена во Пакистан, каде работи на еден проект. Пред две години ми се родија близнаците Мирко и Наталија, кои се прекрасни деца, здрави, весели, насмеани, растрчани... Тие ми го осветлија животот.

ЗА КРАЈ, ВАШИТЕ ЧЕСТИ ГОСТУВАЊА ВО МАКЕДОНИЈА ОТКРИВААТ ДЕКА ПОВТОРНО СТЕ ЗАФАТЕНИ СО НЕКОИ АНГАЖМАНИ И ПРОЕКТИ ЗА МАКЕДОНИЈА?

Да. Во 2005 година ја основав партијата Македонска иднина во која сакам да членуваат чесни, искрени и квалитетни луѓе кои веруваат во иднината на ова земја. Македонија има голем капацитет за произведување и извоз на здрава храна, како и за хидроенергија. Имам подготвен проект за користење на водата во Македонија и се надевам дека ќе дојде моментот кога сето тоа ќе успеам да го реализирам.

Гордана Настевска-Манасиевска
Превземено од “Теа