Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Уметници од Македонија во светот

Дона Димовски Кантаровски

Сценската уметност на ‘БОЖИЛАК‘ го афирмира македонскиот јазик 
 
Потребата од негување и зачувување на македонскиот јазик како едно од најважните обележја на македонската нација е огромна. Како во земјата така и во дијаспората треба да биде грижа на секој поединец за да го истакне, афирмира своето потекло и идентитет. Познавањето на јазици е клуч кон иднината и отвора нови врати и патишта,се зајакнуваат уште повеќе меѓуетничките односи и се зголемуваат шансите за блиска соработка со други нации на сите полиња.
Како пример за тоа како се чува и негува македонскиот јазик  преку уметноста и во Австралија , е и македонското училиштето за сценски уметности  (МУСУ), ‘Божилак‘. Тоа   веќе 4 години работи под раководство на директорката Дона Димовски Кантаровски.
 
Дона е истакнат дипломиран драмски уметник(akter) од Македонија која од 1998 година живее и твори во Австралија. Големата љубов кон драмата, глумата и јазикот, ја спроведува и на професионален план како наставничка по драма и Македонски јазик, раководител на нејзиното училиште за сценска уметност ‘Божилак‘ и актерка во познатиот театар Бумеранг.
 
Нејзината драмска кариера и глумечко искуство го покажува како студент во Театарот за Драма , Скопје каде ја одигра водечката женска улога Миранда во претставата на Шекспир, ‘Незгоден‘ а подоцна се вработува како професионална актерка во Битолскиот народен театар. Во МНТ, Битола настапува во повеќе од 30 претстави од кои позначајни се улогите во познатите драми
“Магбет,”(Дамата Магбет), “ Куќата на Бернарда Алба,” (Адела),, “Маестро и Маргарита,” (Маргарита) “Бегалец,” (Ленче),‘Убиј за пари,” (Kата) и многу други тв серии.
Во текот на својата актерска кариера има добиено голем број признанија од кои позначајни се наградите за Најдобар млад актер ‘Трајко Чоревски‘ за улогата Ленче во драмата Бегалка од Васил Иљоски (МНТ Битола), и најдобро актерско настапување во драмата Мајсторот и Маргарита за улогата Маргарита (МНТ Битола).
 
Во Австралија исто така го продолжува своето актерско патешествие и настапува во драмски театри  “Homeland”- Mother, 1998, N.M.I.T, “ The Large Breast or The Upside Down Bell”-Woman, 1998 N.M.I.T, Pomegranate Theatre (Fringe Festival) 2001, “The Medusa Stare”-Medusa , “Unprotected Zone”-Actor, 2004, VCA, Postgraduate Short Work (school of Dance)2011”Sarajevo Suite”-La Mama Theatre.
 
Нејзиното огромно искуство како професионален актер, денес го користи и спроведува за  афирмирање на  македонскиот јазик во Австралија преку  сопственото  училиште за сценски уметности, ‘Божилак‘.
 
Училиштето за драмски уметности досега веќе ги има припремено прекрасните детски претстави
Божиќна желба (2007)- Пинокио (2008)за која доби признание од Викториското училиште за јазици,  Црвенкапа (2009) ,Волшебникот од ОЗ (2010/2011)
Дона како драмски уметник, наставник по македонски јазик и драма, длабоко верува дека драмата , јазикот и уметноста можат да опстојуваат на австралиско тло.Таа вели: “Да, драмата изведувана на Македонски јазик е присутна и може да зазема посебно место и овде во Австралија. Пример за тоа се многубројните драмски претстави, театар за деца кои се изведуваат во текот на целата година низ цела Австралија.
 
Јазикот е наша главна преокупација и обрнуваме посебно внимание да драмите се изведуваат на Македонски, на тој начин ќе биде зачуван а и ќе се подучуваат нашите идни генерации преку јазикот во драмата.Преку уметноста (музика, песна,театарски претстави), тоа најлесно и најефективно се постигнува.Затоа мислам дека треба поинаку да се разбере театарската дејност, посебно во Австралија.Треба да се признае дека е дел од животот на луѓето, да се даде кредит за се што се прави и ќе се прави во иднина кое без помош на нашата Македонска заедница би било неостварливо. Замислете да ја нема една Дона Д. Кантаровски или Мише Автаровски? Или воопшто да нема луѓе кои буквално придонесуваат да и овде во Австралија опстои театарот и можност за поставување на театарски претстави кои нашиот народ едвај чека да ги види. Јас лично не можам да замислам да ја снема театарската уметност. Затоа треба да се разбуди свеста кај луѓето и се што е македонско да го цениме и чуваме.„  
За тоа што и колку и значи училиштето Божилак и кои се нивни идни планови, Дона вели;
“Божилак е моето новороденче. Како професионален актер и како што напоменавте, мојата дејност е наставник по драма и Македонски јазик, моја должност е да ја пренесам сета онаа вештина и убавина на драмската дејност, а водено да го засакаат и научат убавиот македонски збор. Оваа ни е четврта година како припремаме нови претстави за деца и младинци, која на моја радост е претставата Волшебникот од ОЗ која е дел од програмата при Викториското училиште за јазици со што божилак ќе се претстави во сите училишни центри каде се предава македонскиот јазик. Сите ученици ќе имаат можност да ја видат претставата на Македонски јазик. За нив тоа е се уште ново и чудно, а за нас тоа е голема награда. После секоја претстава се чувствуваме дека сме направиле многу за нашите деца. Верувајте со каква радост децата ги следат овие претстави. Многу е емотивно.И како што знаеме да речеме: Иднината е во рацете на нашите деца. Планот на МУСУ Божилак е токму тој, да им ја пренесеме убавината на театарската уметност, убавината на македонскиот јазик. Да го сакаат, негуваат и да го пренесуваат на наредните генерации. Да има кој да го наследи.“
На училиштето ‘Божилак‘ му посакуваме многу успеси во иднина и нека и понатаму бидат во улога на важни промотори на македонскиот јазик како и расадник на нови талентирани драмски уметници.
 Јазикот е нешто свето, наше духовно наследство и еден патоказ преку кој се рефлектира нашата македонска култура. Да го сочуваме.
 
Гордана Димовска