Бизнисмени - Научници - Спортисти - Иселеници инвеститори - Уметници - Политичари - Професионалци - Иселеници повратници

Истакнати иселеници бизнисмени од Македонија

Драгица Лапајковска – Белчевска


Во 1973 година г-ѓа Лапајковска – Белчевска,заедно со своите родители пристигнува во Канада. По само неколку месеци започнува да работи во радиочасот, тогашен „Македонски глас“, кој се емитуваше еднаш неделно (поточно во недела). Ваквото емитување траеше се до 1976 година, кога поради финансиски проблеми радиото го презема д-р Драги Денковски (стоматолог). Така, госпоѓа Драгица Лапајковска-Белчевска ја презема одговорноста околу уредувањето на емисиите.

 

Во 1977 година д-р Денковски целосно и го препушта радиочасот, кој Лапајковска – Белчевска го преименува во „ГЛАС ОД МАКЕДОНИЈА“. Со текот на годините се менуваше и бројот на часови на присуство на радиото во етерот, за денес тоа да се емитува шест пати во неделата заклучно со петок по половина час. Програмската шема опфаќа рубрики од историјата на Македонија, репортажи за градови и села, обичаи пропратени со песни и ора, детски емисии, контактно-отворени емисии со слушателите, емисии за разни хуманитарни донации, соопштенија, поздрави, вести, младинска програма, интервјуа, итн., односно се што е потребно за да се задоволат вкусовите на сите генерации.

Нејзините успеси се потврдени и со многубројни награди и признанија меѓу кои признанието „Canadian ethnic journalist writers club“ во 1998 година за цела Канада, плакета од Матицата на иселениците на РМ, признанија за долгогодишната работа добивала и од разни македонски друштва од Онтарио, но и од Друштвото на новинари на РМ.

Оваа година радиочасот „ГЛАС ОД МАКЕДОНИЈА“ го прославува своето 38-годишно емитување во етерот.

Освен со оваа дејност г-ѓа Лапајковска – Белчевска се занимава и со туризам во сопствената туристичка агенција „WIN TRAVEL“. Кога станува збор за агенцијата таа нагласува дека има желба во соработка со туристички агенции од Канада и САД да го поттикне зимскиот и летниот ин-каминг туризам кај нас и на светот да му ги покаже природните убавини на нашата земја. Туристичката агенција „WIN TRAVEL“ обезбедува авиобилети за сите дестинации во светот. Бидејќи, агенцијата е сместена на една од поглавните улици во Торонто многу често наликува на клуб или матица на иселениците, зошто овде честопати навраќаат Македонците, за да чујат некоја новост од родниот крај.

Агенција „Марили“



 

Подготвила: Д. А.